Дали власта подготвува априлско „изборно сценарио“?!

Последните анкети што ги направила владејчката ВМРО-ДПМНЕ покажуваат нејзино стабилно убедливо водство пред останатите политички конкуренти, но и тесна и неизвесна битка во албанскиот политички блок, каде разликата се сведува во рамките на статистичка грешка. Од обемот на најавената реконструкција што треба да се реализира во втората половина на месецов, ќе се знае дали ќе влеземе во предвремена изборна трка

by jadranka 17:04
17:04

„Ништо не е исклучено“, одговори кусо премиерот Христијан Мицкоски на денешниот брифинг со новинарите, дали се можни предвремени парламентарни избори во април идната година. На тој начин уште повеќе ги подгреа шпелкулациите дека 2027 година ќе биде изборна, а наредната пролет е потенцијалниот тајминг за одржување на гласањето.

На рака за ваква одлука на власта и одат и последните истражувања за рејтингот на партиите кои, како што беше кажано, се спроведуваат редовно и на месечно ниво, кои се прават комбинирано со теренско и телефонско анкетирање. Последните резултати кои се просек од три истражувања покажуваат убедливо водство на ВМРО-ДПМНЕ. Или, кажано во бројки за кои денеска брифираше лично Мицкоски,  ВМРО-ДПМНЕ има 25,5% рејтинг, додека СДСМ 8,6% од вкупниот број на испитаници. Од определените гласачи, а, такви според нивните истражувања со безмалку 60 отсто, поточно 59,7 проценти, повторно најголемиот број се определуваат за ВМРО-ДПМНЕ со 42 отсто , додека за СДСМ се 12 отсто од определените гласачи.

Што се однесува до тоа како стојат работите во албанскиот блок ДУИ е со осум отсто, а еден помалку има владејачката ВРЕДИ, со тоа што Мицкоски спомена дека во последното теренско истражување ВРЕДИ има благо водство пред „интегративците“. Од парламентарните партии Левица има стабилни шест отсто, додека ЗНАМ е позициониран на 2,3 отсто.
Испитувањата покажале дека кога сега би имало избори на гласање би излегле околу 950 илјади гласачи или сто илјади помалку од последното парламентарно соочување во 2024 година.
Дали ќе има или не предвремени избори, според упатените може да се процени и врз обемот на реконструкцијата на Владата. Премиерот и денеска ја повтори претходната најава дека во втората половина од месецот па до неговиот истек, треба да завршат сите меѓу коалициски договори и преговори поврзани со промената на министерските позиции. Не се исклучува во тој процес да се направи и одредена ротација на министерските ресори, за што „Фокус“ веќе пишуваше. Доколку обемот на измени не е драматично голем, поточно се опфатат само помал број на места, тогаш сосема извесно е дека ќе се оди на предвремени избори.

Како потврда повеќе на ова, може да послужи и најавата од премиерот од денеска дека наскоро ќе стартуваат со мерења на рејтинзите и по изборни единици што, тој лично го најави како сосема нормална работа во втората половина од мандатот на една власт. Како и моментот дека може да се донесат измените на Изборниот законик наскоро без оглед на тоа што опозициската СДСМ ја напушти работата на работната група за изборното законодавство. Христијан Мицкоски очекува дека опозицоионерите нема да ја искористат можноста за т.н. „филибастеринг“ во законодавниот дом или практично блокирање на носењето на измените со поднесено стотици амандмани и бескрајни дискусии од говорницата што деловнички би им било дозволено.

Кога сме кај изборната регулатива промените полека се договораат но без гаранции дека ќе се стигне до посакуваната цел – Македонија да стане една изборна единица од сегашните шест. Неизвесниот епилог за ова прашање „виси“ и по денешната седница на работната група.  Иако има расположение во македонскиот политички блок да се прифати ваквиот предлог понуден од, условно речено помалите политички субјекти, се чини проблеми ќе се појавата во различните ставови и аспирации во албанскиот политички камп во земјава. Новоформираната Албанска Лига на Зијадин Села се залага за модел со осум изборни единици, додека ДУИ ќе поддржи една изборна единица доколкуи се воведе праг од најмалку пет отсто, што би ги свело на минимум шансите на помалите партии да обезбедат влез во Собранието.

За денешната средба јавноста беше известена со соопштение од Министерството за правда.

– На седницата беше потврден досегашниот напредок во усогласувањето на законските решенија со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, при што членовите на Работната група водеа интензивна и конструктивна расправа за повеќе прашања кои директно влијаат врз транспарентноста, интегритетот и кредибилитетот на изборниот процес. Министерството за правда ја истакнува посветеноста и активното учество на сите членови на Работната група и оценува дека процесот се одвива во духот на дијалог, професионалност и заедничка одговорност за унапредување на демократските стандарди во државата. Реформите во изборното законодавство претставуваат важен чекор кон јакнење на институционалната доверба и обезбедување фер, слободни и демократски избори во согласност со европските стандарди и меѓународните препораки. Следната седница е закажана на 12 јуни, по што законските измени ќе се  финализираат и ќе се достават во понатамошна процедура – се наведува во соопштението на Министерството за правда.

З.Фиданоски 

Слични вести