Дали Ковачевски, Вучиќ и Рама ќе одат на Самитот ЕУ-Западен Балкан?

by Фокус

Српскиот претседател Александар Вучиќ телефонски разговарал со високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, при што го информирал за денешниот негов разговор со премиерите на Северна Македонија и Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама посветен на претстојниот Самит ЕУ – Западен Балкан во Брисел.

-Во пресрет на претстојниот Самит ЕУ – Западен Балкан во Брисел, претседателот Вучиќ го информираше високиот претставник Борел дека утринава разговарал со премиерите на Албанија и Северна Македонија, Еди Рама и Димитар Ковачевски и дека е постигнат договор по консултациите со владите и советниците, утре напладне да ја соопштиме заедничката одлука за евентуално учество на овој собир, се наведува во соопштението на Прес-службата на Кабинетот на српскиот претседател.

И македонскиот премиер Димитар Ковачевски денеска информира дека утре ќе се донесе конечна одлука за учество на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел.

-Во пресрет на претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан, денеска одржавме вонреден состанок на Отворен Балкан заедно со моите колеги Александар Вучиќ и Еди Рама. Разговаравме за националните позиции на секоја од земјите, регионалните перспективи како и за динамиката на евроинтеграцискиот процес. Се согласивме дека по дополнителни интерни консултации, утре претпладне ќе ја донесеме финалната одлука за нашето учество на ЕУ-Западен Балкан самитот во Брисел, објави Ковачевски на Фејсбук.

Премиерот исто така истакна дека разговарале за повеќе теми важни за регионот и дека покренале иницијатива за Агенција за привлекување инвестиции на Отворен Балкан, која ќе овозможи дополнителен економски развој за регионот.

Поврзани новости