Текстот е објавен на 27 септември 2013 година во неделникот „Фокус“.
Со дефинирање на бракот како заедница на живот исклучиво на еден маж и на една жена, во која се остваруваат интересите на брачните другари, нема да се остави правна празнина за разни толкувања од оваа област. Ова е мислењето на владата потпишано од Никола Груевски по повод иницијативата за уставна дефиниција на бракот, предлог кој не помина во Собранието, но предизвика дводневни жестоки караници меѓу пратениците. Менувањето на Уставот поради бракот е првата точка од дневниот ред на 72-та собраниска седница, додека шест поглавја подолу се наоѓа законот со кој ќе се ратификува спогодбата меѓу Македонија и Русија околу проектот Јужен тек.
Седницата почна во понеделникот и додека го пишуваме овој текст сѐ уште не му е дојден редот на гасоводот, но затоа северно од Македонија, во Белград, токму во понеделникот експлодираше скандалот поврзан со истиот „Јужен тек“ и со импликациите што проектот ќе ги има врз Србија во наредните години!
СРБИТЕ ПОТПИШУВАЛЕ ШТО ЌЕ ИМ КАЖАТ
„Инсајдер“, емисија која се занимава со истражувачко новинарство во српската телевизија „Б92“, објави 50-минутен филм, во кој тврди дека договорот меѓу официјален Белград и „Газпром“ е штетен за Србија и ќе ја направи земјата зависна од рускиот гас. За колегите од „Инсајдер“ спорна е енергетската спогодба меѓу Србија и Русија потпишана во 2008 година, која е ратификувана во Собранието со поддршка на две третини од пратениците кои ја сочинуваат тогашната, наредната и актуелната власт во Србија.
Цевката со гас од под Црно Море ќе минува низ Бугарија, Србија, Унгарија, Словенија и Италија додека Македонија евентуално би била приклучена на овој систем, и тоа со посебен крак кој би финиширал во нашата држава.
Алармот во Белград е вклучен бидејќи, според „Инсајдер“, токму Србија, во споредба со сите други држави кои се дел од „Јужен тек“, направила најголем број отстапки на рускиот партнер (Македонија не е третирана во документарецот бидејќи најдоцна се приклучи на проектот).
Со спогодбата, Србите на „Газпром“ му го препуштиле мнозинскиот дел од компанијата „Нафтена индустрија Србије (НАС)“, која покрај сопствените бензински пумпи, произведува горива и поседува наоѓалишта на нафта и на гас во Панонската рамница. Исто така, на Русите им се препуштени и мнозинските пакет-акции од единствениот магацин на гас „Банатски двор“, од кого зависат цената и стабилноста со снабдување на овој енергенс. Коментарите во Белград се дека Србите ни самите не знаат што му продале на енергетскиот гигант од Москва!
Дополнително, Србија е единствената земја што дозволила да биде малцински партнер во фирмата (со 49 отсто акции), која ќе стопанисува со гасоводот на нејзина територија бидејќи Бугарија, Унгарија и Словенија се рамноправни партнери со „Газпром“.
Северниот сосед е единствената држава што се согласила главната компанија што ќе го гради гасоводот „Саут стрим Србија АГ“ (51 отсто на „Газпром“ и 49 отсто на државната „Србија гас“) да се формира надвор од Србија и надвор од Европската унија во швајцарскиот град Цуг, покрај истоименото алпско езеро.
Фирмата, вели „Б92“, е класична офшор-компанија, која нема свое седиште, туку обично поштенско сандаче. Низ Србија треба да минува цевка долга 400 километри, која ќе чини 1,7 милијарди евра, од кои тамошната влада треба да плати 830 милиони.
„Саут стрим Србија АГ“ ќе биде задолжена за проектирање, изградба на цевката и за достава на гас, но проблематично за новинарите од „Инсајдер“ е дека парите што ќе пристигнуваат од транзитните такси ќе легнуваат на сметка во Швајцарија преку која ќе може да се избегнуваат давачките.
Истражувачите толкуваат дека дел од овие спогодби со Русија ќе придонесат да се одземат имотите на луѓето низ кои ќе поминува гасоводот по цена која ќе биде пониска од онаа пазарната.
Актуелната српска министерка за енергетика Зорана Михајловиќ, која е дел од партијата на претседателот Томислав Николиќ, Српска напредна странка, ја оцени спогодбата со Русија како политички, а не економски потег. Таа за „Б92“ изјави дека секој што бил против „Јужен тек“ бил прогласуван за предавник и за неа е апсолутно спорно што главната фирма ќе биде стационирана во Швајцарија!
„Тоа што јас сум го чула и што е неофицијално, од луѓето кои преговорите ги воделе од руска страна, е дека Србите се сложиле на сѐ, сѐ што Русите побарале – сѐ добиле“, вели Михајловиќ за „Инсајдер“.
Интересно е дека пратеничката група „Напред Србијо“, од која произлезе Српската напредна странка, чиј министер е Зорана Михајловиќ, гласала во Собранието за спогодбата со Русија. Една од ретките партии која не дала поддршка на дилот е ЛДП на Чедомир Јовановиќ.
ИМ ЈА СВИТКАЛЕ РАКАТА НА БУГАРИТЕ
Ако понеделникот што помина го одбележа анти и прогеј-дебата во македонскиот Парламент, претходниот понеделник стартуваше со спектакуларните апсења на групацијата, која е дел од таканаречената акција „Шпион“.
Истиот ден, овојпат источно од Скопје, во Софија пукна уште еден скандал поврзан со проектот „Јужен тек“. Или барем така целиот случај го претстави партијата Демократи за силна Бугарија (ДСБ), позната како политичка групација во која еден од челниците е експремиерот Иван Костов.
Сопартијците на Костов излегоа на прес-конференција од каде што проектот „Јужен тек“ во Бугарија го оценија како корупциска шема, која ќе наштети на евроатлантската ориентација на источниот сосед.
За разлика од Србија, „Газпром“ и бугарската влада се рамноправни партнери во заедничката компанија што ќе го води проектот, меѓутоа тоа не ги задоволува претставниците на ДСБ.
Според нив, иако Бугарија е дел од ЕУ, договорот со Русија го нарушува европското законодавство бидејќи дилот забранува преку цевките да се транспортира друг гас, освен тој на „Газпром“. Третиот либерационен пакет на ЕУ пропишувал половина од обемот на цевката да биде слободен и за трети набавувачи на гас.
Токму затоа Иванов и ДСБ сметаат дека државата ќе плаќа огромни финансиски санкции на Европската унија поради прекршување на ова правило и, според нивните пресметки, глобата нема да биде помала од 15.000 евра за еден ден поминат под овој договор.
Противниците на гасоводот предупредуваат дека висината на транзитните такси ќе ги определува фирмата „Јужен поток – Б’лгарија“, во која „Газпром“ има специфична улога, која според ДСБ ќе им овозможи на Русите да ги намалат таксите на минимум за да постигнат поконкурентна цена на европскиот пазар.
Бугарската партија стравува и дека во наредните 15 години целиот приход од гасоводот ќе оди во „Газпром“ и оти од потпишувањето на спогодбата во наредните 5 години цената на проектот еднострано од Москва се покачила три пати, од 1,1 милијарда евра на 3,3 милијарди, и тоа без некое посебно објаснување.
И ако половина од оваа сума ќе треба да ја плати Бугарија, претпоставките на Иван Костов и неговите сопартијци се дека инвестицијата нема да се врати за 25 години бидејќи никој не гарантира оти „Газпром“ ќе продава 63 кубни метри гас колку што е предвидено со договорот. Ова дополнително е сомнително бидејќи во моментов актуелните гасоводи „Северен“ и „Син поток“ пренесуваат близу 70 отсто од ова количество.
Бугарската јавност е дополнително загрижена бидејќи таму не е презентирана еколошка студија за тоа како проектот ќе влијае врз животната средина, а проблем ќе бидат и напуштените стари гасоводи кои ќе претставуваат еколошка бомба за чие одржување ќе се потрошат милиони евра.
Меглена Кунева и нејзината партија Бугарија на граѓаните, пак, договорот за „Јужен поток“ го споредија со насилство, односно, според нив, во овој случај на Бугарија ѝ биле свиткани рацете за да го потпише договорот бидејќи во спротивно ќе останела без рускиот гас како на почетокот од 2009 година.
Нешто слично говорел и Иван Костов, кој во бугарското Собрание во 2011 година буквално побарал тогашниот премиер Бојко Борисов да ја заштити Бугарија од Владимир Путин.
„На 1 септември 2009 година, Путин Ве заплашил дека ако нема напредок на руските енергетски проекти, Бугарите ризикуваат да се смрзнат претстојната зима. Тие зборови на Путин имаат своја мрачна предисторија бидејќи осум месеци претходно еднострано беше сопрен рускиот гас во Бугарија поради што во наредните 16 дена економијата изгуби околу 250 милиони евра“, со овие зборови му се обратил Иванов на тогашниот премиер.
Борисов признал дека Путин рекол оти „не е убаво да сте на студено“, но уверувал дека репликата не значела и уцена!
МОЖЕ ЛИ МАКЕДОНИЈА ДА ПОМИНЕ ПОДОБРО?
Македонија е бајаги поназад од Србија и од Бугарија во врска со проектот „Јужен поток“ бидејќи годинава беше потпишана спогодбата, а според искуството во другите земји, проектот мрднува од мртва точка приближно половина година по спогодбата.
Владата летово ја објави спогодбата, но само откако СДСМ неколку пати јавно ја повика да го стори тоа. И во самиот документ стои дека гасот ќе протече само во случај ако се потврди оправданоста на проектот, што отвора простор кракот од цевководот никогаш да не стигне до македонската граница. Во случај прогнозите на власта да се остварат и да влеземе во „Јужниот тек“, се отвораат неколку прашања.
Едно е сигурно, Македонија нема да ја повтори грешката на Србија и во заедничката компанија ќе влезе како рамноправен партнер, но има еден член од спогодбата кој дава простор за сомнеж, дека како земја-кандидат за членство во ЕУ ќе имаме сличен проблем како Бугарија.
Во таа насока, интересен е последниот параграф од членот 9 од спогодбата меѓу Македонија и Русија.
„Во случај на воведување од македонската страна какви било ограничувања или забрани во однос на странските инвеститори (вклучително и како резултат на учество на македонската страна во регионални економски интеграциски организации), тие ограничувања не важат за капиталните вложувања на рускиот основач, кои се вршат на територијата на Република Македонија“, се вели во член 9, а не треба да се биде многу стручен за да се сфати дека под економски интеграциски организации се подразбира Европската унија.
Истиот член предвидува евентуалните повисоките даноци, такси или царини да не важат за компанијата што ќе стопанисува со македонскиот дел од „Јужен тек“, сѐ до денот кога ќе се исплати инвестицијата. А до тогаш, спогодбата предвидува руско-македонскиот оператор на гас да работи по стапките што биле актуелни на денот на потпишувањето.
Доколку се спроведе планираното, тарифите на услугите за транспортирање на гасот ќе ги утврдува заедничката компанија, и во спогодбата е потенцирано дека ова ќе биде исклучиво во нејзина надлежност. Никаде не се спомнува улогата на Регулаторната комисија за енергетика. Процените се и дека гасот во Македонија ќе биде најскап бидејќи државава нема да наплаќа транзитни такси зашто кракот ќе финишира на наша територија.
Поради сето ова оправдан е стравот дека нашата држава може да влезе во триесетгодишна авантура, која наликува на она што денеска се презентира на север и на исток. Прашање е колку Македонија е моќна да изигра подобро од една Србија и од Бугарија и да не го даде гасот под кирија?
Миленичето на ПУТИН
„ГАЗПРОМ“ Е МОЌЕН ИГРАЧ
„Газпром“ е најголемиот експлоататор на природен гас и една од најголемите компании во целиот свет. Фирмата е создадена во 1989 година, кога Министерството за гасна индустрија на Советскиот Сојуз се претворило во компанија задржувајќи го целиот имот. Компанијата подоцна била делумно приватизирана, но во моментот руската влада ја држи контролата врз енергетскиот гигант. Корпорацијата поседува фирми во многу други индустриски сектори, вклучувајќи ги и финансиите, медиумите и авиосообраќајот. Од 2007 година, „Газпром“е и спонзор на еден од најголемите бундеслигаши, фудбалскиот клуб Шалке 04 за кого годишно одвојува по 25 милиони евра!