Во Македонија, дури и за да донираш хуманитарна помош – ти треба одобрение!?

by Фокус 19:14
19:14

Текстот е објавен на 11-ти декември 2009-та во неделникот „Фокус“ во бројот 754

Пишувала
Љубица ГРОЗДАНОВСКА ДИМИШКОВСКА

Посети од страна на политичари, градоначалници, поимашни компании на институции за деца без родители, за доенчиња, за лица со оштетен слух и вид, на стари и изнемоштени лица – тоа е сликата што секогаш може да ја видиме токму пред новогодишните празници, секоја година. Претпоставуваме дека и годинава нема ништо да биде поразлично. Новогодишни пакетчиња, ветувања за донации со кои би се подобриле условите во кои таргетираните групи граѓани престојуваат, мешање меѓу народот, сликање пред камери и фотоапарати – главно тоа е дефиницијата за филантропски однос.

- Advertising -

Да не се разбереме погрешно, добро е некој да ги посетува децата без родители или старите и изнемоштени лица, макар и еднаш годишно, но прашање е дали е тоа доволно? Од друга страна, во изминатава година, постојано можеа да се сретнат и сѐ уште се среќаваат повици за донации за операции и лекувања во странство за лица од различна возраст.

Се случи и катастрофа, изгоре значителен дел од Бигорскиот манастир, за кој народот во земјава навистина се мобилизираше и даде и дава придонес за собирање донации за негова реизградба. Неодамна во Скопје се организираше и голема хуманитарна вечер со модно претставување на фустани кои ги носеа познати политичарки, новинарки, пејачки и претставнички на јавниот живот во Македонија со цел да се соберат пари за набавка на апарат за поддршка на системот за апликација на цитостатици.

Да спомнеме и дека во земјава во 2006 година донесен е Закон за донации и спонзорства во јавните дејности, во кој се предвидени даночни олеснувања за донатори – поединци и компании, со цел да се развива филантропијата во земјава.

Оттука, се поставуваат неколку прашања, дали во земјава има разработен систем за донаторство, дали парите одат на вистинското место, зошто се има впечаток дека има наплив од барања за донации, а освен тоа дека најчесто народот дава за народот, колку често мецените и филантропите од поситуираните граѓани и компании го одврзуваат ќесето? Зошто нема доволна транспарентност за тоа како се трошат собраните донации и дали навистина стигнуваат на вистинската адреса?

ДА СЕ ОКОЗИШ ЗА ДА СЕ ДОНИРАШ

Од Центарот за институционален развој (ЦИРа) од Скопје кој врши обука за начинот на донирање и развивање филантропија, олеснувачи во тој процес и посредници на собраните донации велат дека секаде во светот е вообичаено претставници на државни институции, политичари, претставници на компании да бидат поактивни во предновогодишните празници, па затоа таква пракса е воспоставена и кај нас.

Но, според нив, свеста за донаторство и филантропство сѐ уште не е на високо ниво иако хуманитарните акции во кои учествува обичниот граѓанин покажуваат дека граѓаните на Македонија сакаат да помагаат. Извршниот директор на ЦИРа Зоран Стојковски вели дека иако постои Закон за донации во јавната дејност, сепак, тој произведува такви компликации, што на потенцијалните донатори им создава потешкотии во нивната намера да дадат пари. Транспарентоста како се трошат парите и дали тие стигнале на вистинското место, според него исто така е важен елемент во стекнувањето доверба за развојот на донаторската свест.

-Законот за донаторство е донесен во 2006 година и тој треба да овозможува даночни олеснувања за донаторите, односно ослободување од плаќање персонален данок за поединци и ослободување од данок на добивка кај фирмите. Тие треба да докажат дека донацијата е од јавен интерес и од Министерството за правда да добијат таква потврда за да може потоа донаторите да бидат чисти пред УЈП. Законскиот рок за потврда од министерството е до 15 дена, но во пракса се случува за донациите да се решава и по три-четири месеци. Што ако ситуацијата на личноста или некоја институција е итна и не може да чека толку долго? Има желба да се направи нешто, но засега работите стојат во место, вели Стојковски.

Според законот, поединец донатор може да биде ослободен од персонален данок ако сака да донира максимум до 24.000 денари, а фирмите се ослободуваат од данок на добивка ако сакаат да донираат пет отсто од нивниот вкупен приход.

-Во областа на донаторството има огромен потенцијал. Така, на пример, да претпоставиме дека сите 200 најуспешни компании во земјава би донирале пет отсто од нивната вкупна добивка, би се собрале вкупно 34,5 милиони евра. Може да замислите што може во земјава да се направи со тие пари бидејќи преку донации може да се развиваат културата, образованието, спортот, па дури и инфраструктурата, коментира Стојковски.

Тој вели дека главната суштина во потенцијалот на донаторството е што парите би доаѓале од народот и тој би кажувал каде да се наменат тие средства, а не обратно, како во случајот со странските донатори каде тие што  ги даваат парите кажуваат каде да се потрошат.

-Се намалуваат странските донации и ако Македонија влезе во Европската унија тие донации може и целосно да секнат. Така, донациите собрани во земјава, комотно може да бидат достојна замена за странските донации, уште повеќе поради фактот што на тој начин граѓаните ќе укажуваат како да се трошат парите, смета Стојковски.

На прашањето дали широкоразвиениот принцип на донирање 100 денари преку мобилните оператори во земјава е единствениот систем на донаторство кај нас, тој вели:

-Донирањето 100 денари преку мобилните оператори е најлесниот, но во исто време и најнеефективниот начин. Во овој случај, граѓаните што донираат пари вака, треба да бидат ослободени од ДДВ, но ако ги земете во предвид при-пејд корисниците, тие ДДВ-то го плаќаат однапред и за жал, сѐ уште нема механизам како ова да се смени. На запад, на пример, постои систем во кој на секој вработен му се дава можност да бира колку и каде сака да донира, со согласност дека ќе му се одбива од платата. Кај нас ова го имаше во социјализмот. Можеби во некои фирми сѐ уште постои таква пракса, но само за вработените во фирмата, не за поголема цел, односно цел од јавна вредност.

АПЕЛИ ЗА ПОМОШ ИМА, ПОВРАТНА ИНФОРМАЦИЈА НЕМА

„Се молат сите хумани луѓе да му помогнат на малиот Леон навреме да стигне во клиниката Св. Лук во Брисел за натамошно лекување. Пред две години со помош на донации семејството Стојановски заедно со Леон заминаа во Брисел каде што на Леон му беше трансплатиран црн дроб. Се беше во ред, сѐ додека не се појавија компликации од типот на метаболно заболување, мозочни инфаркти, херпесен вирус и многу други болести. Во моментов Леон се наоѓа на клиниката за детски болести и прима албумини и плазма“.

„Седум и пол годишниот Дејан боледува од ретка генетска болест. Има недостиг на Ц1 инхибитор кој е посебно важен за контрола на имунитетниот систем на организмот. Вкупните трошоци за годишно лекување на Дејан, како и набавката на лекови чинат околу 80.000 евра“.

„Нашиот син Јован веќе една година е во кома. Од почетната дијагноза и лутање во одредувањето на дијагнозата, детето падна во кома. Во неможност да се одреди дијагнозата, бевме принудени да бараме спас во Словенија. Таму престојуваме веќе три месеци. Одредија терапија која многу ни помогна и која ден денес ја применуваме. Веќе четири месеци Јован го лекуваме во домашни услови, без никаков медицински надзор. Затоа бараме да заминеме на лекување во странство, но не сме финансиски моќни да обезбедиме пари за да го придружуваме нашиот син во странство. Затоа, апелираме до сите хумани луѓе да ни помогнат со свои прилози“.

Ова се само дел од многуте апели за помош што посебно во изминатите две години кружат по сите можни медиуми со цел тие апели да допрат до што повеќе луѓе. Најчесто не се знае колку пари се собрани, ниту пак има повратна информација за состојбата на лицето за кое се бараат тие пари. Понекогаш по медиумите може да се сретнат благодарнци за дадената помош, што за граѓаните кои донирале и тоа како им е доволна сатисфакција, но таквите случаи се ретки.

-На една хуманитарна акција се јавив за да донирам пари и тоа изразив желба да донирам 1.200 денари. Кога прашав како и каде можам да ги уплатам тие пари, од другата страна на слушалката добив одговор дека треба да оставам податоци и оти ќе ми се јават. Никогаш не ми се јавија, раскажува скопјанец кој се јавил на хуманитарна акција, која била пренесувана дури и на телевизија.

Донирањето и собирањето донации е нож со две острици ако процесот на канализирање на донацијата не се направи соодветно, односно дека може да се соберат пари и да одат во вистински раце, дека постојат малверзации и трето, дека парите и да стигнат во вистински раце, ќе се искористат за покривање долгови и студирање во странство наместо за лекување.

Во хуманитарните акции најчесто посредуваат невладини организации кои имаат искуство во оваа сфера. Тие велат дека најдобро е донациите да се остваруваат преку организации кои имаат искуство со хуманитарни акции и кои знаат дека парите ќе стигнат на вистинското место ако тие посредуваат на патот од донираните пари од граѓани или компании, односно од нивни сметки, до сметките на барателите. Директната уплата на сметка на барател понекогаш е ризична, бидејќи парите може да се потрошат за друга намена.

РАКАТА ШТО ЗЕМА, ТЕШКО ДАВА

Големата хуманитарна акција за повторна изградба на опожарениот дел од манастирот Св. Јован Бигорски, постојаните барања за помош за разни лекувања во странство кои чинат многу, хуманитарните акции за купување разни медицински апарати и фактот што во земјава сиромашно се живее, а сепак граѓаните даваат, доволно зборува за филантропската крвна слика на македонското општество.

Но, останува тоа да се канализира, добро да се систематизира, да биде јавно и транспарентно и да се има поголема помош од тие што имаат за тие што немаат. Фактот што во последната година постојано се бара помош за скапи лекувања во странство е доволен одраз за немаштијата меѓу граѓаните и за тоа колку државата во вакви случаи е финансиски немоќна и уште еднаш се потврдува констатацијата дека не треба секогаш да се чека од државата, зашто ако таа имала, досега ќе го направела.

Каква таква законска рамка за донации има, но таа очигледно треба да се ревидира штом во пракса на Министерството за правда му требаат по четири месеци да одреди дали некоја донација е од јавен интерес. Кога веќе има потенцијал (рековме и до 34,5 милиони евра од само 200 најуспешни компании или кога само за два часа со донација со 100 денари преку мобилните оператори може да соберат околу 16.000 евра) жално е доброто дело да заглавува во административните и бирократски лавиринти.

Транспарентноста можеби е и најважната компонента на секоја хуманитарна акција и донација. Секој граѓанин што на каков било начин одделил некој денар од својот скромен буџет има право да знае дали неговите пари стигнале на вистинското место.

Личната сатисфакција дека му помогнал на некого е повредна од суво злато. А, ние како по обичај паѓаме пак, токму на големите испити – како за хуманитарната акција за жртвите од цунамито во 2005 година (се шпекулираше дека пратката од Македонија никогаш не стигнала на вистинското место), па сѐ до последнава, за Св. Јован Бигорски каде сѐ уште нема официјални податоци колку точно пари се собрани за негова реизградба иако веќе подолг период се води оваа акција и посебно што имаше и поединци кои изразија желба да дадат многу пари за манастирот да се изгради што поскоро. Законските стандарди за отчетност се 72 часа, односно дека за три дена мора да се каже колку пари се собрани. Ретко кој го почитува овој рок.

И на крајот на краиштата, можноста да се донира како било, е можност да им се помогне на тие што имаат таква потреба, а никако не смее да се искористи како маркетиншка лична промоција.

На запад, донаторите дури имаат и ќар од парите што ги дале во донации. Огромните суми што во моментот може да им помогнат на институции, установи, здруженија им се враќа двојно, ако не и тројно, со што тие ем се во добивка, ем пред очите на граѓаните се најголемите филантропи што светот некогаш ги имал и тоа токму поради даночните олеснувања. Кај нас, пак, треба да се окозиш за да дадеш пари. Треба да се разгледа и опцијата дека домашните донации можеби навистина ќе бидат замена за странските и дека домашните пари ќе го диктираат домашниот развој. Но, како што и за сѐ останато бива, очигледно ќе треба да почекаме да видиме што ќе се случува во пет до 12.

Кој што дава
ГРАЃАНИТЕ НАЈМНОГУ ДОНИРААТ ПАРИ

Истражувањето на ЦИРа, на 1041 прашалник покажува дека граѓаните во Македонија сакаат да донираат и обично донираат пари, облека, храна, учебници и слично. Вкупно 33 отсто од испитаниците се изјасниле дека донираат пари, 23 отсто облека, 15 отсто храна, 6 отсто предмети за домаќинство, 2 отсто опрема и само еден отсто недвижности. Од хуманитарни побуди дале пари вкупно 59 отсто од испитаниците, 28 отсто се изјасниле дека донираат зашто сакаат да се реши некој проблем, 10 отсто дале зашто сакаат да им се помогне на роднини и на пријатели, а четири отсто донирале зашто сакале да добијат признание од заедницата.

Ретки се филантропите за кои слушнале граѓаните
БОРИС ТРАЈАНОВ – ФИЛАНТРОП ПОЕДИНЕЦ ЗА 2009

Скоро и да не се знае дали некој од политичарите, градоначалниците, бизнисмени, луѓе на видни функции, се истакнале или барем за нив јавно се слушнало дека донирале одредена сума. Донирањето во анонимност секако дека е доблест. Но, ова прашање се наметнува како неопходно токму поради фактот што на секоја хуманитарна акција за собирање пари преку телефонски јавувања, во специјалната соба натопорени се министри, премиери, претседатели, парламентарци. Дали тие се таму заради маркетиншки поени или некогаш се фатиле за паричникот и без голема помпа донирале некој денар? Зашто давањето позитивни примери понекогаш ‘пали’ кај обичните граѓани и дополнително ги мотивира да бидат уште похумани.

Според наградите на ЦИРа за филантропија, за 2009 година, Борис Трајанов е награден за индивидуален филантроп од Македонија. Наградата за индивидуален филантроп од дијаспората ја доби Кнегиња Рихтер Соколовска. Охридска банка, Сосиете Женерал Груп и Снупи 2003 ДООЕЛ од Велес беа прогласени за корпоративна филантропија. А, награди за развој на филантропски практики им беа доделени на Националниот совет на жени на Република Македонија и на Македонската Радио Телевизија. Во 2007 година, награда за индивуалец филантроп доби тогашниот градоначалник на Скопје, Трифун Костовски.

Поврзани новости