Дали е можно обединување и решение на спорот со Бугарија?

Историјата останува најголем проблем, вели за Фокус првиот шеф на македонската дипломатија Денко Малески.

by Фокус

Универзитетскиот професор Денко Малески, кој е прв министер за надворешни работи во независна Македонија, во изјава за Фокус вели дека тешко остварливо е македонската власт и опозиција да се обединат во однос на прашањата од национален интерес и заеднички да преземат одговорност за надминување на спорот со Бугарија.

Кога требаше да одлучиме дали да влеземе во Обединетите нации под привремената референца или воопшто да не влегуваме, јас сакав, каква и да е одлуката, да ја донесеме заедно со опозицијата. Но, јас размислував како професор, додека претседателот Киро Глигоров беше политичар и рече дека тоа не е можно. Тогаш сфатив дека во демократија многу тешко оди усогласување и обединување – вели Малески.

Тој се согласува дека особено тешко оди постигнувањето на компромис за крупните прашања кога десницата се наоѓа во опозиција, бидејќи десните партии по природа мора да рефлектираат кон гласачкото тело, кое е понационалистички настроено. Сепак, според него, тоа што опозицијата нема да прифати да биде дел од компромисот не значи дека ќе го опструира евентуалниот договор.

Можеби нема да учествува, но секако дека опозицијата нема до крај да опструира бидејќи не може да оди против меѓународната заедница. Всушност, и опозицијата сака државата да опстои за да има држава во која ќе дојдат на власт– посочува Малески, упатувајќи на решавањето на спорот за името со Грција, кој всушност го реши левицата во двете држави, а десницата беше во опозиција и изразуваше незадоволство.

Во контекст на спорот со Грција, Малески додава дека кај јужниот сосед имало унифицирана позиција прво Македонија да не биде дел од името на државава, која потоа се трансформираше во сложено име со географска одредница за севкупна употреба. Арно ама, додава тој, поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас дополнително ја растегна грчката позиција, со тоа што прифати новото име на земјава да не се пренесе на јазикот и другите атрубути.

Дали новиот бугарски премиер Кирил Петков ќе биде она што беше Ципрас тешко може да се каже и процени. Точно е дека Петков вели дека ќе имаме 15 години да ги решиме прашањата, што значи дека би дозволиле да почнеме прговори со ЕУ, што е особено важно за нас. Но, исто така, Петков вели дека може да паднат владите и во Софија и во Скопје – објаснува Малески.

Според него, и по промената на моделот и формирањето на повеќе секторски работни групи меѓу двете земји, со цел да се тргне фокусот од историските теми и таканаречената општа или заедничка историја, историјата останува најголем проблем и предизвик меѓу двете држави, а овој проблем, истакнува тој, се продлабочи по усвојување на декларацијата во македонскиот Парламент.

Оваа ситуација може да се надмине со тоа што историјата ќе стане дел од преговарачката рамка, меѓутоа Европа обично одбива такви решенија, бидејќи се охрабруваат други држави на сличен начин да надминуваат меѓусебни спорови. Сепак, за евентуално решение неопходна е американска вклученост, како при надминувањето на спорот со Грција, кога амбасадата на САД беше активна во двете држави – посочува Малески.

Инаку, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски повика на „единство и обединување кога станува збор за земјата“, меѓутоа премиерот Димитар Ковачевски возврати дека неговите апели се лицемерни, бидејќи, како што порача Ковачевски, Мицкоски на проблемот со Бугарија гледа како можност да крева тензии и политички да профитира.

В.С.

Поврзани новости