Лекарите се бореле за животот на Робертино Илиевски цел час, но повредите биле фатални

by fokus

Робертино Илиевски, 24-годишниот син на фолк пејачката Сузи Анѓелковиќ, ќе биде погребан утре во 12 часот на гробиштата во Црнатово, Власотинце, родниот крај на неговата мајка.

Веста за неговата смрт рано утрово ја вознемири јавноста. Како што пренесоа српските медиуми, момчето починало синоќа, откако со автомобил удрило во дрво во Власотинце.

-Слушнавме силен тресок и кога излеговме на улица го видовме автомобилот, смачкан до половина од предната страна. Веднаш повикавме итна помош и полиција – раскажале сведоци на несреќата.

Момчето се здобило со тешки повреди на главата и градниот кош. Околу еден час бил реанимиран, но им подлегнал на повредите и покрај сите напори на лекарите.

Како што веќе објави ,,Фокус”, неговата мајка Сузи Анѓелковиќ утринава ја сподели трагичната вест. Таа е позната во земјава со години наназад, бидејќи уште пред околу 25 години се пресели во Македонија и овде продолжи со музичката кариера.

Има снимено повеќе албуми со македонски песни, а имаше и многу турнеји во странство заедно со наши популарни музичари.
Позната е како скромна пејачка и посветена мајка.

Изминативе години често настапуваше во Врање. Македонската и српската естрада оставаат пораки со сочувство на нејзиниот профил поради огромната загуба.

Вики Клинчарова

Поврзани новости