Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, информираше дека МВР поднело уредба до владата преку која Единицата за беспилотни летала, која беше дел од Управата за безбедност и контраразузнавање, а моментално не е никаде систематизирана, да биде ставена во рамки на МВР. Како што рече тој, станува збор за беспилотни летала за кои веќе е платено двегодишно одржување и има одлични оператори.
-Со оглед дека претходно не можевме да ја промениме организациската структурата на МВР во предизборен период, сега немаме избори и поднесена е уредба до Влада со цел да се промени организациската структура на МВР во делот на предвидување на Единицата за беспилотни летала. Сакаме повторно да ја ставиме во функција и на располагање не само за Агенцијата за национална безбедност, туку истата да се користи и за цивилни цели – изјави Чулев на ТВ Алфа.
Воедно, тој додаде дека МВР ќе отвори единствени броеви за цела територија на државата на кои граѓаните ќе може да се јават за сите прашања поврзани со Ковид-19, додека бројот 192 ќе биде исклучиво за пријавување на криминал. Притоа, министерот посочи дека досега МВР има поднесено и околу 18 поднесоци до ОЈО за говор на омраза и ширење на лажни вести.