Четирите столба на груевистичкиот срам

by fokus 12:57
12:57

Кога груевизмот неизбежно ќе се стрмоглави во бездната што сам си ја ископа, ќе останеме ние – Граѓаните на Шарената револуција и Народот на режимот. И ќе треба да се погледнеме в очи. А бидејќи некои работи отидоа предалеку, немам намера да бидам добар христијанин зашто немам трет образ за шлаканици, сакам да ги потсетам четирите столба на груевистичкиот срам, дека нема да им го заборавам стореното. Не заради некаква прошка во смисла – прости им Господи не знаат што прават, туку заради тоа што дозволија да бидат алатка, предмет и оружје на една злосторничка организација, која свесно, промислено и плански ја девастираше нашата и нивна држава.

Пишува: Гордана ПОПСИМОНОВА

- Advertising -

Еден ден, кој е сѐ поблизу, сето ова ќе заврши. Шарената револуција е факторот што ќе го урне груевизмот, тоа е барем веќе кристално јасно. Единствениот феномен пред кој лабораториите за лоботомија и перење мозок на Протуѓер и компанијата се немоќни, е токму спонтаноста на граѓанскиот активизам поведен од чувството за лична одговорност за иднината на државата.

Тука доктрината на стадо и катадневното производство внатрешни и странски непријатели, е нефункционална. Нема противодговор. Остануваат само фингираните, изнудените, сѐ побледите и сѐ поретките собиранки на „патриотите“ од ГДОМ, на кои доминира ирационалноста, патетичното домољубие и налудничавата ксенофобија.

Сепак, кога груевизмот неизбежно ќе се стрмоглави во бездната што сам си ја ископа, ќе останеме ние – Граѓаните на Шарената револуција и Народот на режимот. И ќе треба да се погледнеме в очи, бидејќи сите сме едно, нема каде да бегаме и да се криеме едни од други.

А бидејќи некои работи отидоа предалеку, бидејќи ќе треба време многу рани да се залечат и безброј состојби да се санираат и бидејќи немам намера да бидам добар христијанин зашто немам трет образ за шлаканици, сакам да ги потсетам четирите столба на груевистичкиот срам, дека нема да им го заборавам стореното.

Не заради некаква прошка во смисла – прости им Господи не знаат што прават, туку заради тоа што дозволија да бидат алатка, предмет и оружје на една злосторничка организација, која свесно, промислено и плански ја девастираше нашата и нивна држава.

ОГРАДИ ЗА ТЕСНОГРАДИ

Првиот столб на срамот е најброен. Составен е од различни профили луѓе – од маалски тепачи, преку локални пијандури од периферни биртии, па сѐ до пратеници или советници избрани врз основа на беспоговорна верност кон пастирот. За сите нив заедничко е ниското образование, уличарско-кафеанска култура, неинформираноста и силната подложност на режимската индоктринација.

Тие не ја знаат содржината на снимените разговори објавени од опозицијата, бидејќи сознанијата ги црпат од владините медиуми. Слепо ја следат пропагандата на МРТВ, Сител, Канал 5, ТВ Алфа, Курир, Миленко, Јанко, Латас и Мирка и полни се со гнев и омраза кон соросписките фашисти, странските платеници и комуњарски предавници. Секогаш се подготвени на агресија и на „конечна пресметка“ со народните непријатели, а од нивните редови произлегува убиецот на смрт, Мартин Нешкоски, силеџиите што се пресметуваа со Архибригадата или тепачите што ја демолираа Општина Центар.

Инаку, од претставниците на оваа група доаѓаат најголемите бисери за причините на нивното контрамитингашење, како на пример – време е ВМРО да дојде на власт, Заев да си даде оставка, не у ЕУ, ни даваат добри сладоледи и слично. Кажано им е дека нешто треба да бранат и тие послушно се построија и пред Уставниот суд во времето кога ги носеше најсрамните одлуки во својата историја.

Вториот столб на срамот се луѓето од „списокот“. Главно се работи за лица од локалната или од државната администрација, образованието или здравството, кои биле вработени или унапредени од власта. Оваа група поддржувачи на власта ја има претворено книшката во лукративна зделка.

Таа свесно се подложува на бирократски клиентелизам заради лични интереси, што наведува на сосема основаната претпоставка дека најголем дел од единките на овој столб на срамот имаат и по неколку партиски книшки. Нив политиката во принцип не ги интересира и многу повеќе својот светоглед го црпат од турските серии, ѕвездите на „Гранд“ и евтините аранжмани за Грција.

Можеби и чуле нешто од „бомбите“ на Заев, ама за нив сето тоа е политика и сите политичари се исти. Режимот има проблем оваа група луѓе да ја мобилизира на контрамитинзи, и тоа го прави со смс-пораки во кои им се заканува со санкции доколку не се натоварат на автобусите, а поради нив поставува и огради на просторот наменет за собир, за да не се разбегаат по околните продавници и ресторани.

ГЕБЕЛСОВСКИ ЖИГ

Третиот столб на срамот на груевизмот се неговите пропагандни комесари и питбули. Тие се релативно малубројни, но се најопасни. Се работи за подбуцнувачи и осмислувачи на стратегијата за демонизација на Шарената револуција скриени под плаштот на новинари и коментатори, како и за самонаречени аналитичари, чија задача е да го бранат режимот и да ги оправдуваат неговите постапки. Овие лица се добро информирани за сите политички случувања и, за разлика од претходните две групи, нивната деструкција е со умисла.

Некои од нив се поврзани и со бизнис-зделки со Фамилијата и многу добро знаат дека ќе ја делат нејзината судбина. Не само во јавното жигосување како колаборационисти на еден криминален состав, туку и во кривичноправниот дел.

Во оваа груевистичка каста вгнездена главно во ГДОМ, има и универзитетски професори, кои јавно се бламираат на отворена сцена, има и уметници кои дебело се офајдиле од владините проекти, а има и новинари кои веќе оставиле длабока и неизбришлива гебелсовска трага во историјата на македонскиот журнализам.

Четвртиот столб на срамот се груевистичките инсталации во правосудниот систем. Од „бомбите“ дознавме како се местеле и унапредувале судии, а од опструкциите врз СЈО ги видовме во вистинско светло џокерите на Груевски и на Мијалков и во обвинителствата, основните судови, кривичните совети, а, пред сѐ, славната петорка од Уставниот суд.

Оваа групација на душа носи многу сериозни злоупотреби на функцијата што ја претставува и свесно дозволи да биде инструмент на власта за пресметка со политичките противници. Силно сум заинтересирана еден ден да ги чујам аргументите на партиските судии и обвинители за нивните сегашни неморални и непрофесионални постапки, посебно кога ќе треба да се соочат со ревизија, реизбор, но и со обвиненија. А ќе се соочат и тие се свесни за тоа.

Има и петти столб на срамот, ама тој не му припаѓа на груевизмот, туку на нашата македонска тажна реалност. Него го претставуваат сите оние кои по титули, знаење, умешност, стручност и креативност треба да бидат совеста на едно општество, а сега молчат скриени во конформизмот на МАНУ, институтите, факултетите, ателјеата и каде уште не. Нив ги оставам на сопствениот резил поради злосторството на молкот во времето кога Македонија се бараше самата себеси преку уривање на еден недемократски систем и преку редефинирање на системот на вредности и политички морал.

Поврзани новости