Филм за Тоше во српска продукција ќе се прикаже премиерно во Штип!

by Fokus

Голем настан во чест на легендарниот музичар Тоше Проески ќе се одржи во Дом на млади во Штип, на шести јуни годинава. Како што најавуваат од организацијата Инфинити Про Мк, цела естрада ќе ги пее хитовите на Проески, а ќе се одржат и низа на други активности.

Најавена е крводарителска акција ,,Биди хуман како Тоше”, но и ексклузивна премиера на најновиот документарен филм за Тоше во српска продукција.

Дечињата од ,,Весело штурче” ќе ги пеат рефрените на Проески, ќе следи увод на концертот со настап на специјални гости со инструментален перформанс, а потоа, од 21.30 часот ќе започне главниот концерт со повеќе од 15 музички ѕвезди.

Водител на настанот ќе биде Миро Кацаров, и досега се објавени имињата на некои од музичарите кои ќе бидат дел од концертот. Бени Шаќири, Димитар Андоновски, Симона Поповска, Александар Тарабунов и други пејачи се потврдени како учесници, а останатите ќе бидат објавени дополнително.

Влезниците за настанот се пуштени во продажба по цена од 300 денари.

Вики Клинчарова

Поврзани новости