Општата состојба во Гостивар е стабилна и во моментов нема нови хоспитализации на лица со стомачни тегоби, изјави министерот за здравство Сашо Клековски. Тој најави дека сите резултати и анализи за исправноста на водата ќе бидат јавно објавени, но апелираше граѓаните да не се опуштаат додека не завршат интервенциите на водоводниот систем.
„Од понеделникот анализите покажуваат четири чисти и пет загадени локации. Иако бројот на заболени се намалува, мерките мора строго да се почитуваат“, рече Клековски.
Според него, најчесто се детектирани астровирус и бактеријата шигела, но резултатите не се идентични, па затоа не може да се извлече единствен заклучок за причинителот.
Министерот повтори дека граѓаните треба да се информираат исклучиво преку официјалните канали, за да не се создава забуна околу препораките и мерките. Тој нагласи дека Министерството за здравство ги следи препораките на Комисијата за заразни болести, додека контролата на исправноста на водата е во надлежност на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Клековски информираше дека веќе се доставени анализите од Центарот за јавно здравје – Тетово, а во текот на денот се очекува и извештајот од Институтот за јавно здравје. Потоа ќе биде направена споредба на сите примероци, земени од различни локации, по што резултатите ќе бидат целосно јавно објавени.
„Не е точно дека сите наоди се позитивни. Има и негативни резултати, но мора да се утврди на кои контролни точки се однесуваат. Ништо нема да биде сокриено, сè ќе биде целосно транспарентно“, рече министерот.
Тој додаде дека анализите паралелно се вршат и на Клиниката за инфективни болести, со различни методи, за да се обезбеди највисока точност на резултатите. Според досегашните наоди, станува збор за комбинација од бактериско, односно фекално загадување, и вирусно загадување, кое може да биде поврзано и со атмосферски води.
Министерот посочи дека во овој момент не може да прецизира кога гостиварци повторно ќе добијат исправна вода, бидејќи санацијата на водоводниот систем е во надлежност на другите институции.
„Епидемијата постепено се смирува. Следува детална анализа за да се утврди што точно се случило, да се лоцираат пропустите и да се спречи ваква состојба да се повтори во иднина. Одговорност мора да има, но уште поважно е да извлечеме поуки и да го подобриме системот“, истакна Клековски.