Бугарскиот новинар, Љубомир Огњанов, даде скандалозна изјава во својата емисија на бугарската телевизија Канал 3, кога среде интервју со заменик министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев, рече дека претпочита да ја нарекува Македонија – „Југозападна Бугарија“.
Оваа изјава на новинарот следеше откако прво го нарече премиерот, Зоран Заев, „северномакедонскиот премиер“. Георгиев на тоа рече дека може да добие критики поради употребата на придавката „северномакедонски“.
-Ќе бидете предмет на критика поради тоа – рече Георгиев.
-Не ме интересира како ќе звучи, јас претпочитам да ја наречам земјата „Југозападна Бугарија“ – возврати новинарот кој голем дел од 17-минутното интервју го посвети на прашања за Македонија.
Во еден момент тој вели дека Македонија нема „кој знае каква историја“ и дека македонската историја е 70-годишна.
Прашањата се однесуваа на протестната нота и барањето за извинување кои премиерот, Зоран Заев, ги прати до бугарскиот премиер, Бојко Борисов, откако го нарече претседателот, Стево Пендаровски, „северономакедонски претседател“.
Борисов не се извини за грешката, а заменик министерот за надворешни на Бугарија вели дека се работи за ситна работа и дека Бугарија до сега направила многу за Македонија.
-Ако не беше потпишан Договорот за пријателство и добрососедство, ако Бугарија не почна да зборува за евроинтерграциите, петнаесет години по последното проширување, тогаш немаше ниту да се коментира, ниту да биде на дневен ред тоа прашање (интеграциите на Македонија н.з). Толку големи работи стојат пред нас и толку многу обврски имаме да завршиме, во октомври очекуваме старт на преговорите за членство во ЕУ, земјата е пред влез е во НАТО и сега не е во ред да се фаќаме за такви ситни работи кога Бугарија е толку добронамерна. Треба да ја пренасочиме енергијата во убава насока – потенцираше Георгиев.