Бугарија ѝ понуди на Македонија итна испорака на мазут по објавената вонредна состојба

by irena 12:17
12:17

По наредба на бугарскиот премиер во оставка, Росен Желјазков, министерот за енергетика Жечо Станков спроведе проверка на расположливите резерви на мазут во Бугарија. Проверката утврди дека во земјата има доволни количества за домашните потреби, соопшти владината прес-служба, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.

Врз основа на овие наоди, бугарската влада ѝ понуди на Република Северна Македонија итни испораки на котелско гориво (мазут) со цел поддршка во услови на вонредната состојба прогласена вчера.

Понудата беше доставена во рамките на телефонски разговор меѓу министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев, и неговиот колега од Северна Македонија, Тимчо Муцунски. Бугарската страна изрази подготвеност за соработка при обезбедување на потребните количини, со почитување на техничките и логистичките можности.

За време на разговорот беше истакнато дека обезбедувањето на помошта претставува израз на добрососедство и солидарност и е насочено кон гарантирање на енергетската безбедност и стабилност во регионот.

Иницијативата на Бугарија следуваше по прогласувањето на вонредната состојба во Северна Македонија, поради проблеми во снабдувањето со енергенси. Причина за ситуацијата е блокадата на граничните премини со Грција од страна на грчките земјоделци, што го отежнува увозот на горива и суровини.

Слични вести