Шеснаесет меѓународни финансиски институции и комерцијални банки се уште чекаат одговор која од нив ќе биде избран од Министерството за финансии за финансирање на пректот за брзата пруга од Коридорот 10.
Министерството за финансии веќе три месеци врши анализа и евалуација на пристигнатите понуди за финансирање на проектот за брзата пруга долж Коридорот 10, а според најавите на власта до крајот на годинава треба да започнат градежните работи.
„Ве информираме дека за финансирањето на брзата пруга долж Коридорот 10 интерес изразија 16 меѓународни финансиски институции и банки, а нивните доставени писма со финансиски податоци ги евалуира посебна Меѓуресорска група во Владата“, вела од Министерството за финансии за „Фокус“.
Власта е убедена дека државата ќе обезбеди најповолни услови за финансирање на брзата железница. Финансиските детали требаше да се прецизираат до средината на јули по што требаше да следува, како што истакнаа од владата, транспарентен тендерски процес на селекција на компанија при што треба да биде избрана најквалитетната понуда.
Процесот почна со потпишувањето на договорот за стратешко партнерство со Велика Британија, која ќе ни гарантира 6 милијарди евра инвестициски циклус.
Министерството за финансии достави писмо за барање интерес до 24 финансиски институции. Износот што се бара за реализација на проектот е 1,91 милијарда евра, наместо првично најавените 1,3 милијарди и тој износ ќе треба да го гарантира владината агенција на Обединетото Кралство за финансирање на извозот.
Барањето е доставено до институции со кои Македонија соработувала претходно на проекти или во моментов соработува, како што се: Светска банка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Фондот за меѓународен развој на ОПЕК, Француската развојна агенција, Италијанската развојна банка, Јапонската агенција за меѓународна соработка, како и банките: КФВ Развојната банка, германската ДЗ Банка, Морган Стенли, Уни Кредит Банка Австрија, Сити банк, ЏП Морган, Дојче банк, Сосиете женерал, Рајфајзен банк, ЕРСТЕ банк, Банка ИМИ, британската Стандард чартерд, Банка на Америка, јапонската МУФГ Банка, како и американската Голдман Сакс.
Проект за брза пруга, која ќе ги поврзе Белград и Солун и ќе минува низ Македонија, постоел уште во 1978 година и била планирана траса по која возовите ќе минуваат со брзина од дури 250 км/ч.
Сега нема нов проект и нема физибилити студија, но владата си направи своја анализа врз основа на податоците од изградбата на брзите пруги во регионот, а не врз основа на податоците од теренот по целата Вардарска долина по која ќе поминува брзата пруга, едниот колосек за товарни возови до 120км/ч, а другиот за патнички возови, кои ќе треба да се движат со брзина од 160км/ч.
Владата се зафати со проектот брза пруга, кој ќе биде единствениот случај во светот во кој ќе се изработуваат физибилити студија и кост-бенефит (анализа на исплатливост) ретроактивно, врз основа на веќе донесена политичка одлука, односно изгласана информација на владина седница.
„Владата ја разгледа Информацијата за потребата од реконструкција на постојната и изградба на брза железничка пруга долж Коридорот 10 и од анализата на цени на проекти за изградба на двоколосечни брзи пруги во регионот, која ги опфаќа проектите за изградба на брза пруга помеѓу Будимпешта и Белград со вкупна должина приближно 342 километри, од кои 183 км се во Србија, а 159 км во Унгарија, вредност на инвестицијата е проценета на околу 3 милијарди евра или 8,8 милиони евра по километар, проектот за изградба на брза пруга помеѓу Будимпешта и Ѓер – иако точната вредност не е објавена, според европските стандарди, изградбата на високобрзински железнички линии чини меѓу 20 и 40 милиони евра по километар, што за оваа траса би изнесувало приближно 3,4 до 6,8 милијарди евра, проектот за брзата пруга Белград – Нови Сад, како дел од идната брза железничка врска Белград – Будимпешта, има вкупна вредност од приближно околу 935 милиони евра и брзата пруга Загреб – Ријека, која е во фаза на планирање, а проценета вредност е околу 1,6 милијарди евра (9,2 милијарди куни) или 9,7 милиони евра по километар“, одговорија претходно од владата за „Фокус“.
Врз основа на вака извршената анализа на цени на проекти за изградба на двоколосечни брзи пруги во регионот е утврдено дека најниската цена по километар двоколосечна брза пруга изнесува 8,8 милиони евра, а највисоката изнесува 14,4 милиони евра, тврдат од владата.
„Под претпоставка и ако се земе предвид најниската цена од 8,8 милиони евра за изградба на брза пруга, проценетата вредност за изградба на 200 км двоколосечна брза пруга би изнесувала 1,76 милијарди евра. Дополнително, ако се земе праксата дека цената на чинење за изработка на проектна документација со потребните студии и основен проект изнесува најмалку 4 отсто од проценетиот износ за градба, додека за услугата што треба да ја даде надзорниот инженер, за експропријација и за други непредвидени трошоци најмалку од околу 10 отсто, тогаш вкупната проценета вредност за изградба на 200 километри двоколосечна брза пруга би изнесувало 2,01 милијарди евра. Оваа проценета вредност е индикативна и истата е предмет на потврда/ажурирање за време на изработка на проектната документација“, дополнуваат од владата.
Тоа значи дека проектната документација со потребните студии и основниот проект ќе изнесува најмалку 70 милиони евра, а за услугата на надзорот ќе треба да се издвојат најмалку 10 отсто, односно 176 милиони евра, со што се доаѓа до сума од 2 милијарди евра.
„Вкупно потребните средства би се обезбедиле од Меѓународните финансиски институции/Комерцијални банки во износ од 95 проценти, односно со проценета вредност од 1,91 милијарда евра, додека 5 проценти, односно 0,1 милијарди евра ќе биде потребно да се обезбедат во Буџетот на Република С. Македонија.
Владата очекува брзата пруга да генерира приход од 100 до 120 милиони евра со кој ќе се отплаќа ратата за кредитот земен за изградба на проектот, но економската логика вели дека ратата треба да се исплаќа од профитот што останува откако приходот ќе се подели со расходите.
А, расходите во двете државни претпријатија, ЈП Инфраструктура и МЖ Транспорт се големи. Сега двата загубари генерираат приходи од околу 20 милиони евра, кои се трошат за плати, а останатото го покривале владите од државниот буџет.
Орце Костов