Бремените, самохраните родители и родителите на деца под 10 години остануваат ослободени од работа

by Фокус

Владата на денешната седница усвои Протоколот за утврдување на процедурата за запишување на ученици во основните училишта, за постапување на средните училишта, за постапување на Математичко-информатичката гимназија за време на полагање на приемниот испит, како и за утврдување и постапување на јавните и приватните високообразовни установи при изведување на испитите.

„На оваа своја седница на предлог на Министерството за труд и социјална политика е усвоен Протокол за активности во установите за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст по укинување на вонредната состојба, изработен во соработка со Комисијата за заразни болести. Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца во градинките ги определува постапките и обврските на установите за згрижување деца од предшколска возраст, на воспитно-згрижувачкиот кадар и на родителите“, соопштија од владата.

На денешната седница, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на парични права од социјална заштита за мај 2020 година и притоа го задолжи Министерството за труд и социјална политика да ги достави податоците за корисниците на социјална заштита до деловните банки најдоцна до 01.06.2020 година, со препорака до деловните банки да обезбедат достапност на средствата од мајските исплати на паричните права од социјална заштита преку банкомати и во трговските мрежи од 02.06.2020 година.

„Владата денеска ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствената заштита за време на вонредна состојба со што се овозможи јавните здравствени установи на секундарно и на терцијарно ниво, кои имаат услови во однос на просторот, опремата и кадарот, да вршат здравствени услуги од областа на молекуларната дијагностика во мрежата на здравствени установи со цел зголемување на капацитетите за давање на вакви услуги во услови на спроведување на мерките за спречување на појава, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивањето на коронавирус КОВИД-19“, соопштија од владата.

Исто така, денеска е дополнета и Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствено осигурување за време на вонредна состојба, со што и шест месеци по престанокот на вонредната состојба се уредува можноста пропишување и издавање на лекови без хартиен образец на рецепт, односно можност за електронско пропишување на лекови од Листата на лекови.

„Воедно, со овие измени и дополнувања се предвидува ослободување од партиципација на осигурениците при користење на здравствените услуги поврзани со дијагностицирање и лекување на Коронавирусот и за овие одредби се предвидува примена со повратно дејство од 26.02.2020 година, бидејќи е поповолно за граѓаните, а согласно членот 52 од Уставот на Република Северна Македонија. Со предлог Уредбата се предвидува и правото на лекување од КОВИД-19 на државјаните на соседните земји со кои Република Северна Македонија нема склучено или преземено Договор за социјално осигурување, а се затекнати на територијата на Република Северна Македонија“, велат од владата.

На оваа седница Владата ја усвои информацијата за заклучокот на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести на барање на Министерството за труд и социјална политика, според која хронично болните лица и родителите кои што имаат деца до 10-годишна возраст или активно четврто одделение, потоа бремените жени, самохраните родители, родителите на деца со попреченост кои што ја користат услугата дневен центар, како и лицата кои што на работа одат со придружба-потполно слепи лица, лица кои се движат со инвалидска количка и лица со умерена и тешка интелектуална попреченост, кои што претходно беа ослободени, остануваат безусловно и понатаму ослободени од работа.

Поврзани новости