Инклузивната и праведна зелена енергетска транзиција е невозможна без еднакво учество на жените, порачаа учесниците на сесијата „Жени во енергетиката“, одржана во рамки на 14. Меѓународен форум за енергија и одржлив развој (IFESD-14) во Скопје.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска ја отвори сесијата потенцирајќи дека без родова еднаквост, нема вистински напредок во енергетскиот сектор.
– Живееме во пресуден момент. Глобалната енергетска транзиција ги менува економиите, индустриите и општествата. А овде, на Западен Балкан, ние не сме само следбеници на тие промени — ние сме дел од оние што ги водат. Македонија е горда што е дел од оваа трансформација: инвестираме во обновлива енергија, ја зајакнуваме регионалната соработка и се грижиме нашата транзиција да биде одржлива и праведна, рече Божиновска.
Министерката истакна дека овој процес нема да биде целосен доколку не е инклузивен. – Напредок кој ги остава жените зад себе – не е вистински напредок. Предолго, енергетиката – од инженерство до лидерство – се сметаше за ‘машки свет’. Но, ние секојдневно докажуваме дека тоа веќе не е така. Кога жените водат, енергетиката станува поумна, поправедна и похумана, нагласи таа.
Податоците, како што потсети Божиновска, го потврдуваат тоа. – Според Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA), организациите со повеќе жени на лидерски позиции во енергетиката имаат и до 20% повисоки перформанси и иновации. Светскиот економски форум покажува дека родово разновидните тимови се покреативни, попрофитабилни и поотпорни во кризи. Кога жените се оснажени, целиот сектор — и целото општество — добиваат, рече министерката.
Министерката се обрати директно до младите жени.
– Не чекајте дозвола за да водите – заземете го вашето место. Не ги замолчувајте вашите идеи – кажете ги смело. Не се сомневајте во вашата сила – посилни сте отколку што мислите. А до мажите – и вие сте ни потребни. Вистинскиот напредок се случува кога стоиме рамо до рамо, како сојузници, работејќи за истата визија за еднаквост и напредок, рече Божиновска.
Во своето обраќање, министерката сподели и лично искуство. – Како жена во енергетиката, знам дека патот не беше секогаш лесен. Многу од нас мораа да се борат за своето место на масата и да докажат дека компетентноста нема пол. Но секоја пречка што ја рушиме – отвора пат за друга жена да се издигне, рече Божиновска.
Таа подвлече дека како министерка поставила јасна мисија – да ја смени перцепцијата дека енергетиката е машки свет.
– Организирам настани и менторски програми за студентки од техничките факултети, за да видат дека нивната иднина може да биде токму овде – во енергија, технологија и лидерство. Работам со жени од рударството и индустријата, чии резултати често остануваат невидливи, но се клучни за нашите успеси, посочи таа.
Божиновска додаде дека Министерството за енергетика денес е меѓу најродово-избалансираните институции во земјата.