Каков ќе биде изборниот исход во Брвеница и Долнени, каде се судираат партнерите ВМРО и ВЛЕН?

ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се коалициски партнери и заедно партиципираат во Владата. Воедно, двете партии остварија соработка на локалните избори, на тој начин што ВМРО не предложи кандидати за градоначалници во скоро сите општини со мнозинско албанско население, а ВЛЕН им даде отворена поддршка на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ кои влегоа во вториот круг. Арно ама, партнерите на централно ниво се ривали во неколку локални градоначалнички битки, како што е случај со Брвеница и Долнени, каде се одвива тесна и неизвесна трка.

by vlatko 18:02
18:02

Владејачките партнери на централно ниво ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се договорија да соработуваат и на локалните избори, со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ воопшто не предложи кандидати за градоначалници во големите општини со албанско мнозинско население и уште во старт ги поддржа кандидатите на ВЛЕН (Чаир, Сарај, Тетово, Гостивар, Струга, Дебар), додека ВЛЕН им даде отворена поддршка на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ кои влегоа во вториот изборен круг (Град Скопје, Центар, Куманово…).

Меѓутоа, неколку општини беа исклучок од овој договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, како на пример Кичево, каде во првиот круг кандидати имаа и ВМРО и ВЛЕН, така што кандидатот на ВЛЕН испадна по првиот круг и во вториот круг ќе се судрат кандидатите на ВМРО и ДУИ. Воедно, владејачките партнери се натпреваруваа и во две рурални општини и токму нивните кандидати за градоначалници влегоа во вториот круг. Станува збор за општините Долнени и Брвеница.

Имено, за градоначалник на Долнени во игра се кандидатот на ВЛЕН Блерим Ислами и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Сашко Велјановски. Како благ фаворит за победа влегува Ислами, со оглед дека во првиот круг освои 1.665 гласови, додека неговиот противкандидат Велјановски заврши на второ место со освоени 1.643 гласови. Арно ама, конечниот епилог во голема мера ќе зависи од тоа како ќе се распределат гласовите што завршија кај другите кандидати.

Во тој контекст, треба да се има во предвид дека Фљамур Ѓолека од НАИ освои 1.475 гласови, Исуф Синани од СДСМ освои 805 гласови, а Рамадан Дурноски од ДНЕТ-Движење за национално единство на Турците освои 195 гласови. Исто така, во трка за градоначалник беа и двајца независни кандидати – Суад Адиловиќ и Абдула Бајрамоски, кои освоија 247, односно 501 гласови. Од распределбата на овие гласови зависи дали ќе се потврди исходот од првиот круг, или, пак, ќе се случи пресврт.

Дека можни се и двете варијанти, потврдува и гласањето за Советот на Долнени. Најмногу, односно по 3 советнички мандати, освоија советничките листи на ВМРО-ДПМНЕ (955 гласови) и на Демократската партија на Турците (778 гласови). Потоа, по 2 мандати освоија листите на НАИ (692) и на ВЛЕН (732). И, по еден мандат освоија ЛДП и ГРОМ (516), ЗНАМ (466), ДНЕТ (314) и двете независни советнички листи (363 и 383). Ниеден советник не освоија СДСМ (256), Левица (257), бошњачката партија (247) итн.

Оттука, се работи за релативно мало но разнолико гласачко тело, составено од Македонци, Албанци, Турци, Бошњаци и други етнички заедници, чии гласови се расцепкани во повеќе големи, но и мали партии и листи. Па, коалициите што ќе се формираат може да влијаат и врз конечниот епилог. Притоа, партнерите ВМРО и ВЛЕН во оваа битка се ривали, па од особено значење ќе биде дали НАИ на етничка база ќе го поддржи конкурентот во албанскиот блок ВЛЕН, како и колкава поддршка за ВМРО ќе биде ДПТМ. За потсетување, ДПТМ беше дел од сојузот на ДУИ, но предизборно договори соработка со ВМРО.

Што се однесува до Брвеница, пак, таму во вториот круг ќе се соочат актуелниот градоначалник и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Илиевски, и актуелниот директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа и кандидатот на ВЛЕН, Хаќим Рамадани. Во првиот круг, Илиевски освои 3.388 гласови, а за Рамадани гласаа 2.021 гласач. За исходот во вториот круг голем импакт ќе имаат и гласачите кои во првиот круг гласаа за Енвер Пајазити од НАИ (1.147) и за Светлана Митреска од СДСМ (481), како и бројот на иселеници, кои организирано или самоиницијативно, ќе дојдат во земјава.

Покрај тоа, вреди да се истакне дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има шестмина советници во Советот на Брвеница (2.371), ВЛЕН ќе има четворица советници (1.896), НАИ ќе има тројца советници (1.333) и СДСМ ќе има двајца советници (763). Во општинскиот совет не успеаја да влезат ЗНАМ со 312 гласови, Левица со 180 гласови, како и Демократи и Единствена Македонија со освоени 113, односно 23 гласови. Сепак, во тесна трка, каква што се очекува, секој глас ќе биде важен, па дури може да биде и пресуден.

Инаку, изборниот натпревар во Брвеница доби специфично значење, откако стана една од причините за тензии во рамки на владејачката коалиција. Во таа насока, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски деновиве изјави: „Крвавевме како ВМРО-ДПМНЕ и поднесовме жртва. Не беше лесно, многу ми беше тешко кога ги гледам нашите сопартијци од Тетово, Гостивар, од Струга, Чаир, Дебар и за тоа плативме цена и за тоа има жртва. И ние не бараме ништо, но бараме почит за жртвата што сме ја дале за друг. Не ја добивме, и тоа нема да го заборавиме“.

Поточно, тој алудираше на лидерот на БЕСА и еден од фронтмените на ВЛЕН, Биљал Касами, кој претходно даде изјава во правец на поддршка на Фатмир Дехари од ДУИ во Кичево, кој во вториот круг ќе се соочи со Александар Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ. Покрај тоа, Касами го повика ДУИ да ги поддржи кандидатите на ВЛЕН во други општини каде тие ќе се соочат со кандидати на ВМРО-ДПМНЕ, како што се Брвеница и Долнени.

Да, секако, ние во Кичево, бидејќи нашата кандидатура не помина, каде што има Албанци во вториот круг, ќе ги поддржиме Албанците. Верувам дека и ДУИ ќе го стори истото. Бидејќи во Брвеница, кандидатот на ВЛЕН отиде во втор круг со кандидатот на ВМРО ДПМНЕ или во општина Долнени. Се надеваме дека ДУИ ќе ги поддржи овие кандидати – рече Касами.

Веднаш потоа, Мицкоски реагираше дека сите оние што се надеваат дека со етноцентрични теми ќе добијат нешто во политиката треба да го видат и да научат од примерот и падот на ДУИ, што, според него, е добра лекција и за „некои други политичари на македонската политичка сцена“. Патем, премиерот најави дека Рамадани прво ќе биде поразен во Брвеница, а потоа и сменет од директорската функција.

Мора да разберат дека за да бидеме коалициски партнери, треба да сме подготвени да се обединиме и да поддржиме вредности, а не да се поделиме за етнички теми и прашања низ призмата на шовинизам и слични етнички процедурални разлики. Ако е тоа така, тогаш апсолутно не ја гледам разликата помеѓу нив и Али (Ахмети) од Зајас, кого сакаат да го заменат – рече тој, додавајќи дека себичното однесување на Рамадани може да им наштети на кандидатите на ВЛЕН во Тетово, Струга, Дебар…

По ваквиот развој на настаните, Касами се обиде да ја спушти топката. На новинарско прашање како го коментира ставот на Мицкоски дека не треба да има поделба по етнички прашање за локални избори, тој истакна дека во Тетово сите знаат дека бил градоначалник на сите граѓани, без разлика на политичката, етничката и верската припадност. За тоа, пак, дали ВЛЕН ќе го поддржи Дехари во Кичево, рече дека е фокусиран на Тетово.

Дехари додека владееше во Кичево не им донесе ниту едно добро на кичевци. Напротив, е придружуван од снимки и прислушувања што се појавија на социјалните мрежи и покажуваат дека тој на Кичево и кичевци им донесе само дегенерирање, рушење и ништо добро. Иако во принцип би поддржале кандидат Албанец, бидејќи сметаме дека би бил подобар за сите граѓани, во овој случај не можеме да застанеме зад кандидат кој му наштети на градот – изјави Касами.

Во врска со изјавите на кандидатот за градоначалник на Брвеница Рамадани, кој на средба со иселеници во Германија рече „треба да се знае кој е газда на својата земја“, лидерот на БЕСА оцени тоа биле само негови лични ставови, а не и на ВЛЕН. Истовремено, Рамадани продолжи да користи наратив кој во суштина повикува на етничко гласање, што ги пробива политичките и коалициските рамки и предизвикува нервоза во владејачката коалиција. Какви ќе бидат ефектите и последиците од овој конфликт, ќе стане јасно по изборите.

Можен ли е пресврт во Тетово и Струга во вториот круг, дали ќе има цензус за градоначалник на Гостивар?

 

КАРПОШ, КИЧЕВО, СТРУГА, ДЕБАР, КОЧАНИ: Каде се очекуваат најинтересни битки во вториот изборен круг?

 

Гласање во СКОПЈЕ: Левица станува главна опозициска партија во метрополата, а ВЛЕН водечка сила во албанскиот блок!

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести