Болниците во Тетово и Гостивар се преоптеретени, полна е и Инфективна клиника

by fokus

Болниците во Тетово и Гостивар се преоптеретени, а делумно и во Кичево, и во Струга. Целосно е исполнета и Инфективната клиника во Скопје заедно со модуларната болница, каде се лекуваат над 130 пациенти, соопшти министерот за здравство Венко Филипче кој информираше за состојбата во болниците по големиот број на заразени пациенти во четвртиот ковид бран.

Исполнет е институтот за туберкулоза, а од денеска пациенти ќе почне да прима и болницата за рехабилитација во Козле каде има 120 кревети кои се снабдени со централен довод на кислород. Филипче рече дека се во комуникација со директорите од тетовската и гостиварската болница и дека сите пациенти за кои нема место таму, се препраќаат во Скопје на болничко лекување.

Според информациите од тетовската болница, таму се примени нови 11 пациенти, а вчера имаше 18 лица. Шестмина пациенти се пуштени на домашно лекување. Починати се тројца пациенти, за разлика од вчера кога имаше девет смртни случаи.

– Има тројца починати пациенти, а 11 нови примени на болничко лекување, додека шест лица се пуштени дома. Вкупно хоспитализирано има 125 лица од кои 12 имале една доза вакцина, а петмина се вакцинирале со двете дози. На кислородна поддршка има 121 од 125-те лица, информираше д-р Гзим Нуредини, координатор во тетовскиот Ковид центар.

За 24 часа во амбулантите на ковид центарот за прегледи и контроли се обратиле вкупно 228 лица.

 

Поврзани новости