Пратеникот на ДУИ, Агим Шаќири, мистериозно успеа да се опорави и иако во саботата колегите пратеници за него велеа дека здравствената состојба му била толку влошена што завршил на Клиничкиот центар, вчера тој сепак во одлично здравје се појави на собраниската седница.
Отсуството на Шаќири во саботата на Комисијата за мандатно имунитетни прашања овозможи гласањето на членовите да заврши со четири „за“ и четири „против“ во врска со имунитетот на Трајко Вељаноски. Секој член во Комисијата има заменик, но ниту заменичката од ДУИ не дојде во Собрание.
Извори од владејачката партија се сомневаат во режирано сценарио со цел да се спаси Вељаноски од притвор.
-Беше договорено заменичката да гласа место Шаќири, но пратеничката на ДУИ го исклучи телефонот и не можеа да ја најдат цела вечер – велат извори за „Фокус“.
Иако Шаќири присуствуваше на пленарната седница вчера, само еден ден откако бил примен на Клинички центар поради влошена здравствена состојба, сепак пратениците не гласаа за имунитетот на Вељаноски, затоа што рокот беше пробиен, а Џафери во две минути по полноќ ја прекина седницата.