СДСМ го бојкотира Џафери, не му отиде на координација

by fokus

Пратениците на СДСМ не беа на утринската координација на која повика претседателот на Собранието, Талат Џафери. Тие го бојкотираат собранискиот спикер поради она што го направи на вчерашната седница, односно со тоа што не овозможи гласање за иминитетот на Трајко Вељаноски.

Од пратеничката група на СДСМ велат дека се револтирани од тоа како се одвиваше синоќешната седница. Додаваат дека не очекувале вака да резултира седницата, иако претходниот ден исходот од комисиската расправа го навестуваше тоа.

-Се виде дека Талат си има сценарио подготвено за да помине полноќ, а за имунитетот да не се гласа. Тој не го читаше заклучокот, иако можеше тоа да го направи како што направи кога се гласаше за Законот за јазици. Намерно не постапи како што треба – велат пратеници од владејачката партија за „Фокус“.

Според СДСМ пазарот меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ е во иднина пратениците на опозицијата да им се најдат на функционери од ДУИ кога на ред ќе дојде нивниот имунитет.

-Се имаат пазарено за да се спасат меѓу себе. Очекуваат поддршка во иднина кога на ред ќе дојдат нивните „криминалци“. Ејуп Алими, на пример, наскоро ќе има пресуда против него во „Титаник 3“ – додаваат од СДСМ.

Се очекува партијата денеска да излезе и со официјално соопштение во кое ќе го осуди постапувањето на ДУИ во Собранието.

Инаку, оваа криза во владината коалиција може да ги разниша и преговорите за консензуален претседател, иако до крајот на седницава требаше да биде соопштено името на кандидатот.

Поврзани новости