Боки 13: Снимка од куќата на родителите ќе докаже кој заминува со торбата!

by fokus

Бојан Јовановски, во својот воведен говор како обвинет за случајот „Рекет“ рече дека и покрај лошата здравствена состојба ќе се се обрател пред судот, бидејќи живеел за овој ден, да ја докаже својата невиност.

Тој и замери на обвинителката Вилма Русковска за нејзиниот воведен говор, при што го нарекла самопрогласена естрадна ѕвезда.

-На јавниот обвинител не му е прв пат да етикетира, како што сега ме нарече самопрогласена естрадна ѕвезда. Немам намера да докажувам кој сум, но ова е срамна реторика. Врз нас се врши јавен линч, загрозен е мојот живот и на моето семејство. Се води валкана политичка игра која завршува на овие плеќи. Овој настан од кривично правен се претвори во сензација. Бруталниот настап на обвинителката следува по оној со најавата за тресење на гаќи на судии. Тоа е закана и за овој судечки совет, рече Јовановски.

Тој додаде дека колку ја познавал Катица Јанева, ја познавал и Вилма Русковска.

-Јанева беше чест гостин во 1 ТВ, поради транспарентноста. Колку сум седел во ресторан со Јанева сум седел и со Русковска, рече Јовановски.

Тој рече дека вистината за овој случај ќе излезе на виделина.

-Ќе сведочам за организаторите и помагачите на овој настан и ќе поднесам кривични пријави. Камерите од куќата на моите родители ќе докаже кој заминува со торбата и каде, рече обвинетиот Јовановски.

В.В.

Поврзани новости