Богојески до Каракачанов: Ние компромис со нашата државност не правиме

by fokus

Откако пред неколку дена бугарскиот министер за одбрана, Красимир Каракачанов изјави дека Македонија нема да може да ги почне преговорите со ЕУ се додека не ги реши сите спорови со Бугарија, Петар Богојески од Македонски концепт му одговара дека македонската држава е реалност и тоа Бугарија никогаш не може да го промени.

-Господине Каракачанов, решението на т.н. македонско – бугарски спор ни е пред очите. Прво кое треба да се направи е некои луѓе од Софија да се помират со фактот дека Македонија, македонската држава е реалност и тоа Бугарија никогаш не може да го промени во иднина, без разлика кој е на власт во Вашата земја! Само како одговор на ова, Ве молам без клишето дека први сте не признале за независна држава. Тоа веќе е ставено под прашање, од самиот факт што Вие инсистирате да ги разделите ВМРО и Македонија! Тоа не може господине, никогаш и никако! Тоа е како да ги разделиш душата и телото! Тогаш има само смрт, а не живот и братство, за кои Вие ни говорите! Редно е да прифатите и да иницирате процедура за заштита на ВМРО од злоупотреба за политички цели во нашите две земји! Иднината на Македонија се темели и мора да остане така, на идеалот на ВМРО и Илинден! Господине министер, јас сум од Крушево, Македонија, а ВМРО природно се раѓа во нашите семејства! Вие сте од Русе, Мизија, а чувството за Организацијата таму е само далечен призвук! Болшевичката теза за 1945 година “не минава”! Не се трудете, ниту поминала, ниту ќе помине! Ние во 1944 година прво прокламиравме независна демократска Македонија, па потоа социјалистичка сојузна република! Никогаш нема да прифатиме дека државноста на Македонија се градела на “болшевички” темел, зашто со тоа Вие ја рушите токму македонската државност и тука нема место за приказната, дека Вие први сте ја признале!, вели Богојески.

Тој додава дека од сите нас зависи дали ВМРО ќе биде каменот или ќе биде мостот.

-Кога ова ќе го прифатите, кога ќе се соочите со македонската реалност, после се лесно “минава”! Од сите нас зависи, дали ВМРО ќе биде каменот или мостот! Добро размислете што Ви кажувам! Навистина длабоко размислете! Ние компромис со нашата државност не правиме! Ниту со европеизацијата на Македонија и на целиот Балкан!, реагира Богојески.

К.С.

Поврзани новости