Богдановиќ: Работите во Центар ќе се вратат во нормала по налудничавиот проект „Скопје 2014“

by fokus

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, најави враќање во нормала на работите во оваа општина со новодонесените детални урбанистички планови.На вчерашната прва сесија на буџетскиот форум, Богдановиќ рече дека граѓаните ќе бидат консултирани при промена на ДУП-овите и при кроење на општинската каса.

-Со квалитетни ДУП-ови ќе успееме да имаме прилив, но не по секоја цена. Ќе се заложиме средствата наменети за налудничавиот проект ’Скопје 2014’ да ги добиеме и да ги искористиме за многу по-потребни и покорисни работи за центарци, како што се училишта, градинки, зеленило и за социјални потреби – рече градоначалникот.

Тој вети дека сите училишта и градинки на територијата на општина Центар ќе бидат реконструирани, за децата да ги добијат најдобрите услови за престој, образование, воспитување и учење. Дел од средствата ќе бидат добиени од грантови и донации. И во наредниот период Општината ќе продолжи со фасадирањето на зградите, со тоа што тие ќе добијат енергетски ефикасни фасади и голема заштеда, а ќе се субвенционира поправањето на крововите, за што од Општината велат дека се прават напори за добивање грант.

Претседателот на Советот на општина Центар, Јана Белчева Андрееска, пред присутните граѓани рече дека концептот “Општина по мерка на граѓаните“ ќе биде почитуван и при кроењето на тежината и трошењето на општинската каса.

-Отвореноста е суштина на квалитетна и транспарентна општина. ДУП-овите кои ќе ги носиме ќе гарантираат квалитетни услови за живеење, а на максимално ниво ќе биде подигната безбедноста. Граѓаните се добредојдени со своите предлози и ќе можат да одлучуваат за се што се случува во локалната самоуправа. Ние, советниците јавно ќе ги објавиме нашите mail адреси за да можат граѓаните директно да комуницираат со нас – рече таа.

Поврзани новости