Богдановиќ од Бијоглу порача дека ќе се посвети на сообраќајниот метеж, загадувањето и урбанистичкиот хаос

by fokus

Посветено ќе работиме на решавање на проблемите во Центар, порача новоизбраниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ од Бијоглу, Турција, каде ја имаше првата службена посета.

„Центар и Бијоглу имаат многу заеднички работи. Двете општини се лоцирани во централните јадра на Скопје и на Истанбул што значи дека делиме заеднички проблеми и предизвици. Сепак, Бијоглу е многу поголема општина од Центар и сметам дека размената на искуства и идеи со вашата администрација ќе биде од огромна корист за нас“, изјави тој.

Богдановиќ побара размена на искуствата од градоначалникот Бијоглу во насока на решавање на проблемите со кои се соочува Центар, како сообраќајниот метеж, загадувањето, урбанистичкиот хаос.

„Би сакале да чуеме како вие се справувате со овие проблеми и да се обидеме дел од вашите решенија да имплементираме во Центар. Сметам дека ваквите заеднички средби не треба да бидат само куртоазна размена на пофални зборови туку конструктивна размена на идеи и основа за воспоставување реална соработка која ќе им донесе добро на жителите на нашите општини“, му порача тој на градоначалникот Демирчан.

Богдановиќ го покани својот колега од општината Бијоглу во иднина да биде гостин на Центар.

„Се надевам дека заедничките средби ќе станат редовна пракса и ќе прераснат во соработка на конкретни заеднички проекти со што ќе го оправдаме епитетот збратимени општини“, заврши тој во своето обраќање на собирот на 25-те  збратимени градови со општината Бијоглу во Истанбул.

Поврзани новости