Бочварски: Ако избереме консултант, догодина ќе почне изградбата на автопати

by Фокус

Постапката за избор на надзор и консултант за Коридорите 10 и 8 е во тек, а по нејзино затворање, Јавното претпријатие за државни патишта ќе ја информира Владата за тоа колку компании се во игра да го добијат тендерот, информира денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Министерот Бочварски појасни дека доколку постапката е успешна, тогаш ќе почне фазата на преговори помеѓу консултантската куќа и компанијата „Бехтел и Енка“, после што ќе се влезе во постапка за реализација на овие автопатски делници.

Прашан на која делница прво ќе се работи, Бочварски рече дека прво треба да се избере консултантската куќа и да се влезе во преговори.

Според него, доколку на делницата од Гостивар кон Кичево нема многу земјиште кое е приватно, таму треба да се оди со побрзо отпочнување на градежните работи.

-Делницата од Гостивар кон Кичево ќе оди по сосема нов терен и сметам дека таму ќе имаме можност доколку нема многу земјиште коешто е приватно, да се оди со побрзо стартување на градежните работи. Исто така, и за делниците Прилеп – Битола и Тетово – Гостивар. Важно е да се решат имотно-правните прашања се со цел градежните работи да поминуваат непречено – рече Бочварски.

Инаку, на повторената постапка за избор на надзор и консултант за автопатите што ќе ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ ќе може да се доставуваат понуди до 17-ти октомври, а по 30 дена ќе се избира најповолниот понудувач.

Поврзани новости