Пред два месеци, Агенцијата за управување со одземен имот, продаде два од петте стана кои беа конфискувани од екс премиерот Никола Груевски, во случајот ,,Плацеви на Водно”.
,,Фокус” тогаш доби одговор од Агенцијата по која цена се продадени становите на Бихачка, но не добивме одговор на прашањето кои се новите сопственици. Сепак, во Катастар веќе е направена промена во сопственоста на еден од становите, а вториот се уште се води на име на државата.
Па така, според податоците од Катастар, жител на Гевгелија, го купил помалиот стан на Бихачка, а кој Груевски го користеше како библиотека и работна соба. За потсетување, екс премиерот живееше во дуплекс, а ги користеше и соседните два стана на истиот спрат, од кој едниот како библиотека и работна соба.
Новиот сопственик, според податоците во Централниот регистер, е локален бизнисмен во Гевгелија.
Станот, кој го купил бизнисменот Д.С. од Гевгелија е со површина од 38 метри квадратни, а за него платил 90.000 евра. Недвижноста се продаваше по почетна цена од 44.000 евра, а наддавањето заврши за двојно поголема сума.
И вториот стан, за кој се уште не е познат новиот сопственик, се продаде за висока цена. Тој е со површина од 57 метри квадратни, а од почетната цена од 63.000 евра, достигна цена дури од 131.186 евра.

За продажба беа објавени и трите станови во луксузниот комплекс „Панорама“ на Водно, но за нив продажбата беше неуспешна.
Овие станови на Водно, со вкупна површина од 750 квадратни метри, се со вкупна проценета вредност од над 2,4 милиони евра.
Апартманите се луксузно опремени, а од огромните балкони, со површина на просечен стан, Груевски требало да има неверојатна глетка кон цело Скопје.
Еден од апартманите е со големина од 155 квадратни метри, со балкон од 95 квадрати. Овој стан се продаваше по цена од 760.000 евра.
Вториот е со големина од 199 квадрати, со балкон од 48 метри квадратни и е проценет на 847.000 евра.
Третиот е речиси со идентична големина, односно од 200 квадратни метри и идентичен балкон од 48 квадрати. Проценет е на 851.000 евра.
Се очекува наскоро Агенцијата за управување со одземен имот овие апартмани повторно да ги огласи за продажба.
Груевски, пак, додека траеше судењето за ,,Плацеви на Водно”, но и до ден денеска, се правда на Фејсбук дека становите не биле негови, туку само ги изнајмувал оние два на Бихачка.
Валентина Вурмо