Битка против барокна фасада во скопски Центар

by Фокус

Градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски денеска им понуди на центарци од ул. „Македонија“ неговата општина да им направи фасада која нема да биде барокна, како што во петокот им предложи скопскиот градоначалник Коце Трајановски.

Жерновски се сретна со станарите од зградата која се наоѓа веднаш до Спомен куќата на Мајка Тереза.

Скопскиот градоначалник во петокот писмено побара жителите на зградата уште еднаш да размислат дали се против фасадата што ќе ја направи градот и им даде рок од 10 дена да одлучат. Трајановски им потенцираше дека ако сега не му дадат согласност, во иднина, доколку се предомислат Градот Скопје не може да гарантира дека ќе има пари за нивната фасада бидејќи средствата ќе се пренаменат за други објекти.

– Ако влеземе како општина, се разбира – доколку тоа го сакаат граѓаните, нема да има барок. Моја максима е – барокот далеку од општина Центар. Доколку ние го реализираме ова, тоа ќе биде како и во сите други згради кои добија енергетски ефикасни фасади, а тоа е реконструкција од сите 4 страни, а не како што нуди Град Скопје – само на предниот дел. И тука ќе го задржиме автентичниот изглед на зградата, а мотив повеќе за ова е фактот дека овој дел до пред извесно време бил споменична целина – изјави Жерновски.

Жителите на оваа зграда не сакаат Градот Скопје да им направи предна фасада бидејќи никој не им објаснил во детали каква фасада ќе добијат.

Поврзани новости