Бесими од бизнис заедницата бара да прифати данок на екстра профит

by Fokus

 Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска одржа средба со бизнис заедницата околу иницијативата за воведување на данок на екстра профит.

– Иницијативата за воведување данок на екстра профит произлезе од дебатата што Министерството за финансии ја организираше за Концептот на даночна рефома, што треба да стартува од 1 јануари 2023 година. Иницијативата ги следи и политиките што се преземаат на ниво на ЕУ во изминатиот период, а кои имаат за цел ублажување на директните економски ефекти од наглиот пораст на цените на енергијата врз јавните буџети, крајните потрошувачи и бизнисите во земјите-членки на Унијата. Во духот на транспареноста и инклузивноста оваа иницијатива сега повторно ја ставаме на маса да ја разгледаме со засегнатите страни, како би избрале модел што е најприфатлив за сите, нагласил Бесими, посочувајќи дека прифаќањето на ваквото решение од страна на бизнис заеднцата ќе биде знак на солидарност во општеството во време на криза.

Тој посочил дека во Министерството за финансии се прават подетални анализи за фискалните ефекти од воведувањето на ваков данок, а се разгледуваат и искуствата од другите земји кои имаат воведено ваква мерка.

– Станува збор за данок кој е со времен карактер и кој се воведува во услови на вонредни состојби, каква што имаме во моментов со енергетската и ценовната криза. Тоа е решение кое веќе го применија некои од земјите во регионот и Европа. Така меѓу земјите кои воведоа ваква мерка е Велика Британија која најави дополнителен данок на екстра добивка во висина од 35 проценти во периодот 2023-2028 година за компании од енергетскиот сектор, Унгарија најави оданочување на екстра профит во енергетскиот сектор, финансискиот сектор, авиотранспортот и трговијата на мало за период 2022-2023 година, при што за енергетскиот сектор таа достигнува висина од 65 проценти. Во Хрватска е најавено воведување данок на екстра профит од 33 проценти за сите компании со годишни приходи над 40 милиони евра, а кои оствариле добивка повисока од 20 проценти од нивниот годишен просек за период 2018-2021 година, како и Италија која најави данок на екстра профит во висина од 50 проценти за компании од енергетскиот сектор кои имаат профит повисок од 10 проценти од просекот 2018-2021 година, а кој би се применил во 2023 година, истакнал Бесими.

Од Министерството за финансии посочуваат дека во конципирањето на моделот ќе се земат предвид искуствта од другите земји, како и предлозите што ќе произлезат од дебатата со засегнатите страни.

– Тоа е моделот што Министерството за финансии го примени и при конципирањето на даночната реформа која ја најави Владата и која веќе ја претстави пред јавноста, а треба да почне етапно да се применува од јанаури 2023 година. Целта на оваа даночна реформа е да се воспостави современ даночен систем што ќе обезбеди праведност, ефикасност и транспарентност, а ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации во оданочувањето и ќе биде во функција на забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, се наведува во соопштението

Поврзани новости