Берзата во Њујорк паѓа два дена по ред, се стравува од зголемување на каматите

by Fokus

На Волстрит вчера берзанските индекси паднаа втор ден по ред. Dow Jones загуби 1,07 отсто, на 33.922 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,79 отсто, на 4.411 поени, а индексот Nasdaq 0,82 отсто, на 13.679 поени.

Падот на индексот уследи по извештајот на агенцијата за вработување АДП, според кој бројот на вработени во приватниот сектор се зголемил за речиси 500 илјади во јуни, најмногу од половина од минатата година, додека аналитичарите очекуваа раст од околу 220 илјади .

Силниот раст на вработеноста значи дека трошоците и инфлацијата ќе останат високи, што би можело да го поттикне ФЕД да ги зголеми каматните стапки поагресивно од очекуваното. На седницата во јуни, лидерите на ФЕД ги оставија каматните стапки непроменети додека не се види како сегашното заострување на монетарната политика ќе влијае на бизнисот и на инфлацијата.

Аналитичарите сметаат дека е речиси сигурно дека ФЕД на состанокот овој месец ќе ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени. Досега се веруваше дека ова ќе биде последно зголемување на каматните стапки во циклусот на заострување на монетарната политика, кој трае повеќе од една година. Сепак, со оглед на новите податоци од пазарот на трудот, можно е ФЕД да продолжи да ги зголемува каматните стапки наесен.

„Извештајот на ADP покажува дека ФЕД не треба да биде загрижена за можното слабеење на пазарот на трудот. Напротив, овие податоци ѝ даваат причина дополнително да ги зголемува каматните стапки“, вели Бред Мекмилан, директор на Комонвелт финансиска мрежа.

Поврзани новости