Барселона ќе ги исплаќа заостанатите долгови на Меси до 2025 година

by Fokus

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта денеска изјави дека каталонскиот клуб до 2025 година ќе мора да ги исплати неподмирените долгови кон аргентинскиот фудбалер Лионел Меси, пренесува шпанска Ла Вангардија.

Меси беше член на Барселона од 2000 до 2021 година, а потоа поради тешката финансиска ситуација во тимот на „Ноу Камп“ реши кариерата да ја продолжи во Пари Сен Жермен.

Аргентинецот неодамна го напушти францускиот шампион и реши да потпише договор со Интер Мајами, иако имаше понуда да се врати во Барселона.

„Решивме се со Ла Лига и го ослободивме буџетот за да потпишеме договор со Меси. Испративме понуда до Меси, но потоа ме контактираше неговиот татко Хорхе и ми одговори: „Лео имаше многу тешка година во Париз, сега сака да игра под помал притисок“. Секако, не беше можно да се врати во Барселона, разбрав зошто замина во Мајами“, објасни Лапорта, пренесува Танјуг.

Тој призна дека Барселона му останала должна на аргентинскиот репрезентативец.

„Претходното раководство на Барселона му остана должно на Меси и со моето враќање на претседателската позиција почнавме да ги плаќаме тие долгови. Ние се грижиме за тоа. Долгот кон Меси го плаќаме веќе две години, така ќе продолжиме до 2025 година“, изјави Лапорта.

Поврзани новости