Барди: За мене чест и задоволство да се биде капитен на Македонија

by Fokus

Утревечер на квалификацискиот натпревар против Италија во Скопје за ЕУРО 2024 македонската фудбалска репрезентација ќе има нов капитем.

Енис Барди ќе ја носи капитенската лента, која ја наследи од Стефан Ристовски, кој се повлече од националниот тим. Барди вели дека ова е голема чест за него.

„Емотивен е овој момент, да си капитен на Македонија, нешто многу значајно, лента која пред мене ја носеа Горан и Стефан. Јас многупати сум кажал дека во овој тим нема само еден капитен и лидер, туку има повеќе лидери кои ја заслужуваат лентата. За мене чест и задоволство е сето ова. Ова е нов предизвик за мене“ рече тој.

Барди вели дека тој и соиграчите мора да бидат 100-отсто концентрирани бидејќи против ривал каков што е Италија само на тој начин може да се извлече позитивен резултат.

„Во денешниот фудбал ако не си дисциплиниран, тешко можеш да дојдеш до позитивен резултат. Ние секогаш тоа го зборуваме, иако нема многу време во краткиот период на подготовки, но сега разговаравме многу повеќе од досега, дека ако сме тим и дисциплинирани, ако си помагаме еден на друг на теренот, ако имаме заедништво, само така можеме до успех. Некако тоа ни фалеше во последно време, сега е подобро. Затоа велам дека само заедно можеме до големи резултати“ – додаде Барди.

Поврзани новости