Барањето за разрешување на судијката Лидија Неделкова утре на дневен ред на Судскиот совет

by fokus

Судскиот совет на утрешната седница ќе расправа за разрешување на врховната судијка Лидија Неделкова, дознава „Фокус“.

Поточно на дневен ред е барањето поднесено од екс претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, за поведување постапка за утврдување одговорност на Неделкова како судија. Неофицијално, основи на барањето се од областа на работен однос, а не во врска со одреден предмет.

Неделкова пак само пред неколку дена беше во конкуренција за прв човек на Врховниот суд. Откако не беше избрана, на ред доаѓа барањето за нејзино разрешување.

Таа неодамна поднесе кривична пријава против претседателот и два члена на Судскиот совет, а поврзано со барањето за разрешување, но истата беше отфрлена.

Тогаш Неделкова за „Фокус“ појасни дека пријавените како членови на Судскиот совет не го прифатиле првичниот предлог на комисијата, постапката да се запре, и влијаеле одлуката да се преиначи во предлог за нејзино разрешување, спротивно на закон. Појаснуваше дека сето ова се актуелизира во момент кога таа е еден од кандидатите за претседател на Врховниот суд.

В.В.

Поврзани новости