Бараме мерна станица за контрола на аерозагаденост во Неготино и одложување на уништувањето на гранатите, реагираат од Ековита

by fokus

Здружението на граѓани Ековита од Неготино бара во градот да се набави мерна станица за контрола на аерозагаденоста, која никогаш ја немало во општината, и граѓаните не знаат со што се соочуваат и во колку загадена околина живеат, посебно во ладните месеци, кога мерните станици во Кавадарци, на само десеттина километри од Неготино редовно покажуваат загрижувачки податоци.

Исто така, од Ековита бараат да се прекине уништувањето на 110 тона гранати на армискиот полигон Криволак, кои беа пронајдени во Битола. Апелираат до Министерството за одбрана тоа да се спроведе во пролетниот или летниот период, кога загаденоста на воздухот е пониска.

Сашко Тодоров, претседателот на Ековита, во телефонски разговор за „Фокус“ појаснува дека од општината во повеќе наврати му ветувале поставување на мерна станица во градот, но тоа се уште се нема случено. Вели дека со сопствена, мобилна станица врши мерења, а резултатите кои се ориентациони, се алармантни, посебно од 18 до 20 часот, кога бројките оделе и до над 700 ПМ честички, додека нормалната вредност била под 50.

Додава дека во Кавадарци имаат поставено дури четири мерни станици и не знае зошто и во Неготино не се постави барем една.
Три од мерните станици во Кавадарци се донација од Штипските универзитети.

-Во соседната општина, во Кавадарци, поставени се дури четири мерни станици, од кои три се донација. Не ми е јасно зошто во Неготино, општина која нема ниту една мерна станица, надлежните служби не се ангажираат и не побараат да им се донира, доколку не можат да одвојат средства од буџет и да ја набават? – прашува Тодоров.

Додава дека реагирал и на официјалната страница на здружението, барајќи реакција од надлежните служби.

-Голема е реакцијата и загриженоста на граѓаните кон нашето здружение за да интервенираме и да се спречи ова зло во Тиквешијата. За жал, Советот на Општина Неготино се прогласи за ненадлежен за овој проблем, а градоначалникот Делков се уште не се им обратил на своите граѓани, и покрај бурните реакции и загриженоста на населението поради ова кое ни се случува во нашиот двор – појаснува претседателот на Ековита.

Вели дека во зимски услови на огромна аерозагденост кога и Комисијата за заразни болести препорачува ригорозни мерки за спречување на ковид кризата, несериозно е уништувањето на над 12.300 артилериски гранати од Првата светска војна, токму во ова кризно и тешко време.

-Како биолошки инженер, сметам дека уништувањето на голема количина на гранати ќе допринесе на дополнително аерозагадување во Тиквешијата кој како е регион е познат по производство на квалитетно грозје и вино.

На Неготино покрај пандемиската криза, воопшто не му е потребна и оваа, да ја наречам дополнителна криза, бидејќи во наша близина ќе се уништат над 110 тони воен опасен матерјал.

Како здружение предложивме гранатите да се закопаат подлабоко во бункери на безбедни локации на воениот полигон Криволак, но беше тоа одбиено од министерката за одбрана.

Ставот на здружение на граѓани Ековита е веднаш да се прекине со уништувањето на гранатите и да се одложи во пролетниот или летниот период кога аерозагаденоста е помала, а се надеваме дека и ковид кризата ќе попушти до тогаш.

Да се набави мобилна мерна станица за контрола на аерозагаденоста, бидејќи во нашата општина Неготино никогаш не постоела таква опрема, а најблиските мерни станици во Кавадарци рушат рекорди- апелира Тодоров.

„Фокус“ информираше за загриженоста на локалното население уште пред околу две недели,кога беше најавено дека уништувањето на гранатите ќе се случува на полигонот во Криволак.
Жителите стравуваат од штетност за здравјето, но и за лозовите култури. Тогаш од МО порачаа дека гранатите ќе се уништуваат на 15-ти, 18-ти, 22-ри и 25-ти декември, како и дека во координација со ДЗС ќе бидат одредени уште четири термини за следната година. Потенцираа дека уништувањето се врши според строги критериуми и нема да има штетност за населението и животната средина.

На нашиот обид да добиеме став од општината, во телефонски разговор претседателот на Совет на Општина Неготино, Диме Витанов ни изјави дека Советот немал став по повод ова прашање, бидејќи уништувањето на гранатите било под надлежност на МО. Потенцираше дека тоа е став на Советот, а не на општината, бидејќи ставот на општината го имал градоначалникот.

И покрај реакциите на граѓаните на темава, кои се актуелни веќе неколку недели наназад на социјалните мрежи, градоначалникот Тони Делков се нема јавно огласено.

Вики Клинчарова

Поврзани новости