Банките предупредуваат: Не наседнувајте на лажни наградни игри

by fokus

Доколку сте учествувале на наградна игра под името на македонски супермаркети или други компании посетете ги експозитурите на вашата банка за да проверите дали вашата картичка е злупотребена, апелираат банките откако на интернет се појавија неколку лажни наградни игри.

Лажни фејсбук прејџови го злоупотребуваат логото на некои компании  и промовираат наградни игри, а граѓаните треба да ги споделуваат објавите за да добијат вредносни ваучери. Во дел од игрите се бараат информации од картичките, со што можат да бидат оштетени нивните трансакциски сметки.

Такви злоупотреби беа направени со логото на КАМ и Тинекс, а сега за истото алармираат и од Макпетрол. Компанијата вчера вечерта објави дека фејсбук страната со име „Макпетрол Ултра“ не е официјална фејсбук страна и дека креаторот го злоупотребил името и логото на брендот.

„Ја информираме јавноста дека наградната игра објавена на оваа фејсбук страна не е во организација на Макпетрол АД и претставува ширење на лажни информации, односно доведување на потрошувачите во заблуда.Фејсбук страната со име „Макпетрол Ултра“ не треба да ја прифатите како релевантен извор на информации поврзани со Макпетрол АД. Ја поттикнуваме јавноста да ги следи нашите официјални интернет канали, фејсбук страна „Макпетрол Ultra“, веб страните „www.makpetrol.com.mk и www.verna.mk“, како и твитер профилот „MakpetrolUltra“ преку кои ќе може да се информираат сите заинтересирани потрошувачи за најновите производи, акции, поволности, како и за официјалната наградна игра „Верна повторно наградува“, велат од компанијата.

Од банките, пак, ги советуваат своите клиенти кои учествувале на овие наградни игри да не вршат интернет транскации пред да ја заменат картичката во некоја од експозитурите.

„Би сакале да Ве известиме дека во изминатиот период се појавија лажни наградни игри под името на македонски супермаркети и други компании, како и лажни интернет страници. Со цел поголема сигурност при користењето на картичките и заштита од можна злоупотреба, Ви препорачуваме лимитот за спроведување на интернет трансакции да го сетирате на 0 (нула). Доколку веќе сте ја искористиле картичката на вакви лажни наградни игри / интернет страници, Ве повикуваме истата да ја замените во најблиската експозитура“, препорачуваат банките.

Поврзани новости