Бандитска пародија

by Fokus

Власта и безбедносните служби абер немаат за сторителите и нивните мотиви, па циниците се сомневаат дека токму тие водат специјална војна со народот! Нивната неспособност се обиде експертски и „креативно“ да ја оправда проф. д-р Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност во Скопје. Според него, заканите биле дел од руската хибридна војна против членките на НАТО, а во тој контекст и Нашата земја, која претставувала битен геополитички фактор во регионот.

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Актуелната владејачка гарнитура дојде со „бомби“, а сега ѝ се закануваат со „бомби“ да си замине од власт. Речиси три месеци трае хорор-серијата на секојдневни дојави преку електронски адреси за поставени експлозивни направи во училишта, но и во други институции и објекти.

Власта и безбедносните служби абер немаат за сторителите и нивните мотиви, па циниците се сомневаат дека токму тие водат специјална војна со народот!

Нивната неспособност се обиде експертски и „креативно“ да ја оправда проф. д-р Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност во Скопје.

Според него, заканите биле дел од руската хибридна војна против членките на НАТО, а во тој контекст и Нашата земја, која претставувала битен геополитички фактор во регионот.

Неефикасноста на безбедносните служби ја оправдува со апсолутната неможност да се открие од кои места во Русија се испраќале дојавите.

Класичен апологетски наратив! Прелетувачите од една во друга партија секогаш ревносно ја застапуваат линијата на власта и нејзините политики. Професорот не е исклучок.

ЗАМАЈУВАЊЕ НА ЈАВНОСТА

Промовиран од  тефтерчето на Гордана Јанкулоска, како благонадежен вмровски кадар, по „Шарената револуција“ Оливер Спасовски го номинира во сдсмовски претседател на Комисијата за внатрешни работи.

Новоборецот против хибридните закани, свесно и пресметливо се впушти во политикантските комбинаторики на власта. Влезе во филмот за хибридна војна, сајбер-напади, кибер-војна, останува уште војна на sвездите.

Какво руско влијание, какви бакрачи? Сите небиднини и афери на внатрешен план се генерираат од  политичко-криминалното подземје, а не од реално или од имагинарно надворешно влијание.

Тоа што власта упорно инсистира на фамата „руско влијание“ претставува креирање ирационална реалност за замајување на јавноста. Основниот проблем е што на народот не му е криво што власта и МВР го мафтосуваат, туку што мислат дека им веруваат.

Ако е така, а така е, тогаш може со фикциска творечка слобода да се креираат повеќе посебни, оперативни и истражни верзии. Со примена на хеуристичката криминалистика од научните факти и сознанија за откривање на мотивите за „дојави за поставени бомби“ и детектирање на сторителите.

Настрана глупоста на квадрат со онаа измислена операција „Коњички скок“ дека целта била да падне министерот за внатрешни работи, откако претходно го отстраниле Зоран Заев.

Една од креативните еретички верзии, на пример, би можела да биде дека се работи за бандитска пародија од криминални енклави во главниот град и околината, од кои минатата година во полициска акција беа уапсени дваесетина наркодилери со кокаин.

Меѓутоа, акцијата беше пробиена, некој од МВР или од Јавното обвинителство дојавил да се скрие дрогата и петмина наркобосови избегаа.

Зошто би се исклучила верзијата дека се работи за конфронтација меѓу корумпирани полициски структури  и овие криминални групации, кои бараат ослободување на нивни затворени припадници?

ФЕНОМЕНОТ СПЕЦИЈАЛНА ВОЈНА

Како студент од првата генерација на Факултетот за безбедност, слушав предавања за разни аспекти на феноменот специјална војна од легендарните професори Милан Милутиновиќ, Владимир Водинелиќ, Трајче Грујоски, Стеван Габер, Драгомир Драшковиќ, Смиља Аврамов, Александар Христов и плејада извонредни експерти во своите области.

Тие ми беа инспирација за мојот магистерски труд за современиот меѓународен тероризам, прв од оваа област во Македонија.

Тогаш безбедносниот феномен специјална војна беше јасно дефиниран, етаблиран и елабориран. Денес се модифицира со терминот хибридна војна, веројатно да биде „кул“ и што повеќе неразбирлив. Тогаш само дефиницијата беше идеолошка, но суштината остана иста.

Актуелните дојави, кои најверојатно имаат домашен печат, медиумите екстензивно ги пренесуваат и коментираат.

Се разбира, не треба да се премолчуваат, но мора да се има предвид дека главната цел на т.н. хибридни напади е преку „бесплатен кислород од публицитет“ да шири паника, страв и неизвесност.

Заканите не смеат воопшто да се игнорираат, бидејќи од лажни можат да станат реални и трагични.

Никогаш не треба да се пренебрегне генијалната забелешка на Чехов за пушката што се појавува во првиот чин од драмата, која во случаите со дојави на бомби е применлива и во животот:  пушката што ќе се појави на „сцена“ во некој чин на „животна драма“, во последниот трагичен чин секогаш пука!

Поврзани новости