Автомобилот на исчезнатиот фризер од Велес е пронајден опожарен во скопско, од него нема траг!

by fokus

Пред два дена во скопско Бразда бил пронајден автомобилот на Панче Жежовски, 74-годишен фризер од Велес, кој е исчезнат од средата. Возилото било целосно опожарено.
Неговото исчезнување било пријавено во полиција во петокот, а неговата ќерка Македонка за ,,Фокус” изјави дека татко и немал здравствени проблеми и сите биле загрижени бидејќи никогаш не се случило да не знаат каде е.

Од МВР ја потврдија веста дека е пронајден автомобилот на Жежовски.

-На 27.11.2023 било пријавено дека во 15.40 часот во с.Бразда, скопско, полициски службеници од Полициското одделение Мирковци пронашле целосно опожарено патничко возило. До возилото била пронајдена регистарска табличка со велешка ознака, за која, по извршени проверки, било констатирано дека припаѓа на патничко возило „цитроен“, сопственост на П.Ж. од Велес, за кој на 24.11.2023 во СВР Велес беше пријавено дека се оддалечил од домот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот- информираат.

Ќерката на Панче вели дека во селото каде бил пронајден опожарениот автомобил на татко и немаат ниту роднини, ниту пријатели, ниту пак тој некогаш одел таму. Додава дека остава полицијата да ја води истрагата.

Инаку, велешанецот е претседател на Унијата на ветерани на Единствена Македонија. Неодамна излезе на прес, со поддршка до пензионерите за нивните барања за линеарно зголемување на пензиите. Беше доста активен на социјалните мрежи и често објавуваше свои ставови по повод актуелните случувања во земјава.

Вики Клинчарова

Поврзани новости