Автобусите на приватните превозници се враќаат во јавниот градски превоз во Скопје

by Fokus

Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје соопшти дека од утре приватните превозници ќе почнат да вршат превоз на патници. Во соопштението на ЈСП Скопје стои дека автобусите на приватните превозници ќе ги опслужуваат линиите: 23, 45, 61, 63, 73, 9, 11, 11A, 12, 47A, 55, 19, 20, 22, 52 и 54, и тоа со 105 автобуси.

„Денеска, в.д. директорот на ЈСП Скопје, Крсте Петревски, го потпиша договорот со приватните превозници, а веќе од утре 105 модерни автобуси, кои ги исполнуваат еколошките стандарди согласно јавниот повик, ќе сообраќаат на скопските улици“, стои во соопштението на ЈСП.

Враќањето на приватните автобуски превозници на скопските улици доаѓа по трите пропаднати повици кои Град Скопје ги распиша за нивно повторно вклучување во јавниот превоз, откако пред околу половина година тие престанаа да возат барајќи од ЈСП и од Градот исплата на долгот од над еден милион евра.

Првите два огласи пропаднаа оти на нив не се пријави никој. Третиот оглас пропадна поради, нецелосната документација на подносителите на апликациите, како што тогаш соопшти Град Скопје.

Приватните превозници лани во ноември престанаа да бидат дел од градскиот јавен превоз поради долгот кон нив од Град Скопје. Кон крајот на ноември и почетокот на декември со повеќе автобуси паркирани на клучните крстосници тие го блокираа главниот град.

Поврзани новости