Автобус се превртел на автопат во Германија, повредени се 27 ученици

by Fokus

Автобус со ученици се преврте во близина на градот Олпа во западна Германија, при што 27 од нив се повредени, објави денеска германскиот весник „Билд“.

Според пишувањето на весникот, автобусот превезувал училишни деца на возраст од 15-17 години од Марбург за Англија, а имало и возрасни лица кои ги придружувале. На автопатот А45 автобусот наеднаш излетал од патот и се превртел.

Во несреќата повредени се вкупно 27 тинејџери, од кои четворица потешко, а полесно е повреден и возачот на автобусот (54 години).

Училишното патување беше откажано и беше организирано враќање во Марбург. Некои родители самите дојдоа да си ги земат децата.

Како што информираат од итната помош, во болницата се распоредени и психолошки обучени лица за згрижување на повредените.

Полициските експерти почнаа да собираат докази за несреќата. Полицијата соопшти дека засега нема информации за причината за несреќата.

Поврзани новости