Аврамоска до Филипче: Немаме министерски плати за да лекуваме деца во приватни болници!

by Fokus

Да му порачаме на министерот Венко Филипче дека охриѓани не примаат министерски плати за да можат своите деца да ги лекуваат во приватни клиники, дури голем број семејства не можат да патуваат ни до Струга.

Со оглед на тоа дека децата дури и од Брза помош ги упатуваат во Одделот за детски болести, апелираме до министерот Венко Филипче под итно да најде соодветно решение и да им обезбеди на децата  здравствена заштита 24 часа, седум дена во неделата-истакна Виолета Аврамоска, советник од редовите на Левица во охридскиот Совет.

Нејзината реакција доаѓа откако Одделот за детски болести во Охридската болница се затвори поради недостиг на педијатри. Останати се само двајца специјалисти кои можат да лекуваат деца, но тие се доволни само за амбулантски прегледи и тоа само во работни денови. За викенд болните деца ќе се упатуваат во Струшката болница.

-Најостро ја осудуваме оваа одлука на раководството на охридската болница и на Министерството за здравството, бидејќи оваа одлука значи дека децата во Охрид ќе бидат оставени без соодветна здравствена заштита. Доколку министерот не е способен да ги решава проблемите во јавното здравство, покрај сите пропусти и трагедии што го одбележаа неговото работење, крајно време е да си поднесе неотповиклива оставка, бидејќи овој пат со ваквата одлука на охридската болница жртвите ќе бидат деца, а министерот ќе се соочи со гневот на родителите-тврди Аврамоска.

Вики Клинчарова

Поврзани новости