„Athens voice“: Русите сакале да ги прекинат преговорите за името, Савидис бил нивниот „тројански коњ“

by fokus

Протерувањето на двајца руски дипломати од Грција и наодите за инволвираност на бизнисмени, црковни и други лица кои работеле на поништување на Договорот меѓу Грција и Македонија „е само врв на ледениот брег“, оценува грчкиот неделник и портал „Athens voice“.

Во анализата што ја пренесува Дојче веле, се вели дека оваа приказна се одвива одамна, а се откривала преку работата на американските служби и механизмите на НАТО во соработка со Националната разузнавачка служба на Грција, но и со владата во Никозија. Целта била „детално да се мапираат контактите, финансирањата, движењата на руските агенти во Грција, подземните патишта на нивните комуникации со грчки граѓани и организации, како и нивната поврзаност „со специфични политички, општествени и економски активности“.

Според весникот, планот на руските агенти бил откриен кога при обид за поткуп на грчки воен офицер, тој го пријавил инцидентот на неговиот командант.

– Русите сакаа да предизвикаат прекин на разговорите за Договорот. Тие го засилија своето мешање во регионите Македонија и Тракија, изјавил висок грчки дипломат за весникот.

Целта на разузнавачките активности бил „рускиот фактор“ и неговите дејства во северна Грција, во Света Гора, меѓу бизнис групи и митрополити на Грчката православна црква, кои биле под руска контрола. Под посебна лупа било ставено купувањето на пристаништето во Солун и токму од таму почнува одмотувањето на клопчето.

Според порталот зад конзорциумот што го купил пристаништето всушност се крие руска мафија, а рускиот „бизнисмен“ од грчко потекло Иван Савидис е „тројански коњ“ на владата во Москва. Приказната почнала да се компликува во јануари 2018 година, кога започнал процесот за решавање на „македонското прашање“, на што преку изјави се спротивставил рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

– Интервенцијата на Москва е двонасочна: од една странa влијание во екстремно-десничарските националистички кругови на Грција, меѓу кои и на Света Гора, а од друга – активирање на противници на договорот и во Македонија, пред се кај партијата ВМРО, чија структура е продолжена рака на руската дипломатијa уште од крајот на 19. Век – се вели во анализата.

Едeн од центрите на одлучување за руските активности бил лоциран на Света Гора, каде што под изговор „аџилак“ се собирале познати грчки екстремни десничари, пратеници на „Златна зора“, моќни црковни фактори, бизнисмени и „многу Руси од сите области и специјалности“. Како резултат на тоа, во северна Грција биле активирани бројни бизнисмени, епископи, панмакедонски организации и разни политички движења, по што започнале јунските митинзи против Договорот со Македонија, плаќани и изнајмувани автобуси, и регрутирани еминентни личности од сите области.

– Патриотскиот амбиент беше поставен. Парите во изобилство течеа на двете страни од границата, во име на „патриотизмот“, пишува „Athens voice“.

Според „Athens voice“, се очекува следните чекори на грчката влада да бидат подискретни, но и поефикасни: ревизија на банкарски сметки, „чистење во Црквата“, измени на некои од последните одлуки за приватизација на државен имот, промени во медиумите…

– Пораката на Атина е јасна: Не само што му припаѓаме на Запад, ние сме Запад (за среќа), заклучува „Athens voice“.

Иван Игњатевич Савидис важи за исклучително близок до рускиот претседател Владимир Путин. Кога Путин во пролетта 2016 година ја посети Грција и замина во Света Гора, во негова придружба бил присутен и Савидис.Токму неговиот клуб „ПАОК“ на јунските протести го „обедини својот глас со милиони граѓани што го делат мислењето дека Македонија е само грчка”.

Деновиве регионални медиуми пренесоа и наводи од Извештајот на британскиот Комитет за надворешни работи, во кој се нотира дека „Русија е подготвена да стори се што е во нејзина моќ за да предизвика дестабилизација на Западниот Балкан“. Според документот, празнината што настанала со запоставување на регионот од страна на ЕУ, ја пополниле други меѓународни актери – Русија, Кина и Турција. Во извештајот се потенцирало дека постои стравување оти Русија ќе се обиде да го попречи договорот меѓу Грција и Македонија, како и дека константно ги поддржува дестабилизирачките лидери во Република Српска, се што би можела да го дестабилизира кревкиот мир во Босна и Херцеговина, потсетуваат „Athens voice“ и Дојче веле.

Поврзани новости