Иванов лично се сретнал со Јанакиески пред два дена, но тврди дека не разговарале за аболиција

by Фокус

Ниту е побарана, ниту е одржана средба со посредник на Миле Јанакиески, како што е наведено во службената белешка на Управата за безбедност и контраразузнавање, класифицирана „строго доверливо“, а која е основ за определување на мерката притвор, реагираат од претседателскиот кабинет по објавата на решението на кривичниот суд, во кое се наведува дека СЈО бара притвор за Јанакиески врз основа на полициска белешка, според која тој планирал бегство откако не добил амнестија од Иванов.

„Миле Јанакиески телефонски побара средба со Претседателот Иванов која е одржана на 13.11.2018 година, вторник во 16:00 часот во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија. На средбата, воопшто не беа дискутирани темите амнестија, на која се повикува судот во решението за притвор, која е во надлежност на Собранието на Република Македонија, ниту пак темата аболиција“, се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет.

Во него уште се додава дека станува збор за конструкција на лаги и груба полициска манипулација и инволвирање на полициски службеници со што се извршени кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување, фалсификување на исправа, употреба на исправа со невистинита содржина.

„Претседателот, како и досега, ќе постапува исклучиво согласно Уставот на Република Македонија и неговите надлежности и со никакви притисоци и закани нема да отстапи од тоа“, порачуваат од вилата на Водно.

Поврзани новости