Боркица – екс втора дама и магистер чиј глас никогаш не се слушна во јавноста

by fokus

Побегнатиот поранешен премиер Никола Груевски зад себе во станот во Скопје ги остави сопругата Боркица и двете малолетни ќерки, Анастасија (11) и Софија (8).

Околу тоа како живеат Боркица и нејзините деца кои се ученички во шесто и трето одделение, по сите скандали поврзани со Груевски кои деновиве ја тресат јавноста, нема конкретна информација.

Таа, како што тоа беше редовна пракса сите изминати 12 години, откако за прв пат јавно се појави во друштво на Никола, останува недостапна за изјави и стои подалеку од очите на народот, додека нејзиниот сопруг и татко на нивните деца чека азил во Унгарија.

За цел период од дванаесет години, всушност јавноста не помни некогаш да имала прилика да го слушне гласот на Боркица, викана нагалено помеѓу блиските Бока. Таа ниту еднаш не се вклучи во општествените, хуманитарните, или било какви граѓански иницијативи и активности, кои по некое непишано правило ги превземаат сопругите на високите функционери, односно во нејзиниот случај, сопруга на премиер или втора дама, околу една деценија.

Токму поради тоа, неретко беше опишувана како убав декор на премиерот, и остана неодговорено прашањето дали таа улога и ја наметнал Груевски лично, или пак самата избрала да стои подалеку од јавните случувања. И за љубовната приказна на Боркица и Никола се знае многу малку. За прв пат се појавија заедно во јавност во Охрид, летото во 2006 година, на концерт на Брајан Фери.

Во тој период, Груевски беше разведен од првата сопруга, пулмологот Сузана Арбутина, со која беше во брак од 2001 до 2005 година. Ако може да им се верува на шпекулациите, Боркица ја започнала врската со Никола само околу половина година по неговиот развод од првата сопруга, на свои 23 години. Во тоа време, скромната девојка со темно руса коса имала зад себе пет години работен стаж како советничка во Секторот за меѓународна соработка во Комисијата за хартии од вредност, а искуството започнала да го собира уште како студентка на Правниот факултет, каде што и дипломирала.

Живеела во населбата Тафталиџе со родителите и сестра и, а за мајка и се пишуваше дека работи во Народна банка на Македонија. За помалку од една година, откако ја открија својата врска, Боркица и Никола направија свадба во хотелот Холидеј Ин, на 10-ти мај, 2007 година, со околу 200 гости, кои ги забавуваше оркестарот Џорлеви. Првата ќерка Анастасија ја добија на 6-ти ноември истата година, а пак втората, Софија, на 4-ти февруари, 2010 година. И двете деца се родија во приватната гинеколошко – акушерска болница Систина, во Скопје. Во 2015 година беше објавена веста дека Боркица станала магистер, односно ја одбранила магистерската теза на Филозофскиот факултет.

Трудот бил на темата „Современ пристап во менаџирањето со човечките ресурси во јавната администрација“. Но, и покрај титулата, таа остана нем придружник на својот сопруг, и не се посвети на својата кариера. Дванаесет години помладата сопруга на Никола ќе биде запаметена во јавноста како сопруга на премиер, која долгите години во улога на втора дама ги помина безгласно и тивко, со скромна насмевка, во сенката на Груевски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости