Блиц: Убиениот Србин при грабежот на менувачницата во Кисела Вода 20 години бил баран со меѓународна потерница

by Фокус

Четириесет и девет годишниот Србин Ненад Топиќ е еден од ограбувачи на менувачницата во скопска Кисела Вода, кои на 27 ноември беа убиени од страна на сопственикот Гоце А. Како што објави српскиот весник Блиц, Топиќ е идентификуван според отпечатоците на прстите, по што е известена неговата сестра, која дошла во Скопје и потврдила дека убиениот е нејзиниот брат.

Инаку, тој бил баран со меѓународна потерница на Интерпол, кој последниве месеци се криел во Скопје, престојувајќи во изнајмен стан во населбата Карпош 3. Цели две децении, Србинот бил недостапен на полицијата и на судството во Србија, откако во 1993 година бил осомничен дека со двајца соучесници на постар белграѓанин му одзеле 200.000 тогашни германски марки и 100.000 американски долари.

Топиќ бил приведен е дури по десет години, при продажба на „екстази“ со уште две лица, кога им биле одземени 4.500 таблети со наркотици и 3.700 евра. По неколку месеци во притвор, Судот го пуштил да се брани од слобода, по што му се губи трагата се до неуспешниот грабеж на менувачницата на улица „Борис Трајковски“ во Скопје.

Се претпоставува дека со другиот убиен – 32-годишниот Димитар Блажевски од скопско Бардовци, ги споиле заеднички познаници од криминалното подземје, а македонските истражни органи веруваат дека двајцата извршиле најмалку 15 разбојништва во банки, менувачници и обложувалници во Скопје.

Менувачницата на Гоце А. веќе неколку пати била мета на вооружени разбојници, а во еден грабеж убиен е и братот на сопственикот, пишува Блиц. Српскиот весник пишува дека македонската полиција истражува дали сопственикот на менувачницата пукал во нужна одбрана.

 

Поврзани новости