Артист бенд ги потсетија кавадарчани на последниот гроздобер на Тоше, неколку недели пред да загине

by Fokus

Синоќа во Кавадарци на втората гроздоберска вечер, помеѓу музичките гости беше и бендот Артист бенд. Тие го започнаа настапот со песни од легендарните Мерлин и Дино Дворник, а потоа отпеа и повеќе хитови од Тоше Проески.
На звуците на песните на Тоше, кавадарчани кои беа присутни на настанот се присетија на неговиот последен настап на Тиквешки гроздобер, во 2007 година, само неколку недели пред да загине во сообраќајна несреќа.

Тогаш Проески беше главна музичка ѕвезда на манифестацијата, и тој е единствениот македонски пејач кој во изминатите години всушност бил ѕвезда на настанот, со чиј настап завршил гроздоберот. Најчесто, таа чест ја имаат големи балкански музички имиња.

За време на неговиот последен настап на Тиквешки гроздобер, Тоше дојде до зад бината заедно со неговата менаџерка Љилјана Петровиќ, со џипот од марката Фолксваген Туарег, односно со истиот џип со кој само по неколку недели загина во Хрватска.
Позади сцената, кога се паркираше возилото, беше дочекан од десетици обожаватели, кои буквално не му дозволуваа да излезе од џипот, го прегрнуваа и му бараа автограм.
Скромен, радосен поради топлиот пречек, тој љубезно се поздравуваше со присутните, им делеше автограми, а потоа се качи на сцената и го започна концертот.

Љилјана исто така се качи на сцената, и го следеше настапот во позадина, со термос кафе за Тоше како освежување помеѓу песните, а покани и повеќе новинари да и се придружат, за да можат одблизу да го проследат концертот, но и како што кажа, да му бидат поддршка на Проески.

Таа ноќ градскиот плоштад во Кавадарци беше преполн, а Тоше со часови ги пееше своите хитови. Го заврши концертот со зборовите – Сите ве сакам, со ветување дека наскоро пак ќе се дружи со прекрасната публика во Кавадарци.
Ветеното не се исполни, бидејќи судбината имала друг план за момчето кое со песна и искрена емоција го освои регионот, и тоа беше неговото последно гостување во Кавадарци.

Вики Клинчарова

Поврзани новости