Градоначалничката на градот Скопје, Данела Арсовска, одржа работен состанок со претседателот на Синдикатот на пожарникарите Тони Бошковски и генералниот секретар на Независниот синдикат на пожарникарите на Македонија Боби Вељаноски, на кој се разговараше за унапредување на условите на скопската Бригада за противпожарна заштита.
Од страна на претставниците на синдикатите и било посочено на Арсовска за потребата од обуки и опрема за пожарникарите, неопходни за зголемување на нивната подготвеност за интервенции, како и за бројни други мерки потребни за подобра функционалност.
-Пожарникарите се хероите на нашиот град, кои секогаш будно следат и брзо делуваат во заштита на нашата безбедност и сигурност. Правата на припадниците на бригадата се унапредија минатата година со исполнување на барањето бодувањето од правилник за утврдување на коефициент на плата, да се трансформира во бодување во колективниот договор, со што се заштитија законските права на скопските пожарникари, велат од Град Скопје.