Македонија нема да учествува во најголемата вселенска програма на НАТО во историјата

by fokus

16 земји членки на НАТО заедно со Финска и Шведска денеска започнаа нова иницијатива која ќе го трансформира начинот на кој НАТО ги собира и користи податоците од вселената, значително ќе го подобри разузнавањето и надзорот на НАТО и ќе обезбеди суштинска поддршка за воените мисии и операции.

Македонија не е дел од 16-те членки кои се дел од оваа иницијатива. Земјите кои се учестуваат се: Белгија, Бугарија, Канада, Финска, Франција, Грција, Унгарија, Италија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Полска, Романија, Шпанија, Шведска, Турција, Обединетото Кралство и САД.

Наречена „Постојан надзор на Алијансата од вселената“ (APSS), оваа иницијатива ќе се состои во воспоставување на виртуелна констелација – „Акила“ – на национални и комерцијални вселенски средства, како што се сателитите, користејќи го најновиот напредок во комерцијалната вселенска технологија.

Тоа ќе помогне во рационализирањето на собирањето, споделувањето и анализата на податоци меѓу сојузниците на НАТО и со командната структура на НАТО, истовремено генерирајќи заштеди на трошоците.

Овој проект е, исто така, одличен пример за цивилно-воена соработка, обезбедувајќи моќен адут за нашата кутија со алатки за разузнавање, рече заменик-генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана.

Придонесот на Луксембург со 16,5 милиони евра ги постави темелите за оваа иницијатива и ќе им овозможи на земјите-учеснички да придонесат преку нивните сопствени средства и податоци.

Интегрирањето и ефикасното искористување на податоците од вселената е се поголем предизвик со текот на времето. APSS ќе помогне да се олесни подобрата навигација, комуникација и откривање на лансирање проектили. Со искористување на најновите технологии од индустријата, APSS ќе помогне да се унапреди иновациската агенда на НАТО и да понуди нова платформа за вклучување во растечката вселенска индустрија.

За „Фокус“ од Брисел
Катерина Смилева Божиновска

Поврзани новости