Арсовска ќе ги намали трошоците за струја, но нема да го гаси јавното осветлување

by fokus

Град Скопје нема под ниту едни услови да го изгаси јавното осветлување на улиците и булеварите под надлежност на градот, изјави денеска на прес-конференција скопската градоначалничка Данела Арсовска.

– Ќе направиме се што е возможно, да се намалат трошоците за електрична енергија, меѓутоа не врз грбот на граѓаните и со тоа што ќе биде загрозена безбедноста и сигурноста на градските булевари и улици, изјави Арсовска, одговарајќи на новинарско прашање за најавените мерки и препораки за штедење на електрична енергија.

Мерките и препораките, посочи Арсовска, ќе бидат доставени до јавните претпријатија и институции до крајот на денот, по што ќе бидат и објавени.

Дадени се насоки, рече Арсовска, за ограничување на се што се смета за осветлување кое не е од животно значење, како што е ограничување на осветлувањето врз јавните згради и рекламите.

– Издадовме насоки за рационално користење на уредите во објектите, при јавните претпријатија и правиме значително кратење на непродуктивните трошоци, појасни Арсовска.

Секоја општина, нагласи Арсовска, си креира сопствени мерки за штедење, затоа што имаат автономија во своето одлучување, додека Градот Скопје, како што посочи, донел само краткорочни и долгорочни мерки кои што треба да придонесат за штедење на електрична енергија и преминување кон транзициони и обновливи извори на енергија.

Поврзани новости