(АРХИВА) Ретроспектива на сите претседателски трки

Од „таткото на нацијата“ Глигоров, преку шокантниот пресврт на Трајковски, до победите на Црвенковски, Иванов и Пендаровски!

by Фокус

Текстот е објавен на 29 февруари 2024 година во неделникот Фокус со број 1.482.

Без разлика што во народот е врежано верувањето дека нашиот претседател е само „англиска кралица“, политичката ретроспектива на сите претседателски трки досега јасно покажува директна корелација помеѓу резултатите на истите и перформансите на политичките партии во периодот што следува. Оттука, не е случајно што на претстојните двојни избори скоро еднакво внимание се посветува на претседателските, како и на парламентарните избори.

Пишува: Дејан АЗЕСКИ

Веќе наредниот месец ќе го дочекаме и првиот круг од седмите непосредни избори за претседател на државата.

Кандидатите, политичките партии кои стојат зад нив и активисти на теренот се буквално како наполнети пушки и само го чекаат официјалниот старт на предизборната кампања, иако, рака на срце, и сега не се воздржуваат од остри изјави и меѓусебни напади.

Многумина сметаат дека ваквата напната атмосфера е поради фактот што овие претседателски избори се директно поврзани со парламентарните.

Нивната теза е дека кај нас претседателот е само протоколарна функција и дека станува значаен само кога има некаква врска со дневната политика.

Но, врз база на опширната ретроспектива која ја направи „Фокус“, работите не се баш такви. Испаѓа дека од независноста досега скоро и да немало неважни и досадни избори за претседател.

БЕЛГРАДСКА ЛИЧНА КАРТА

Иако првите непосредни избори за претседател се одржани во 1994 година, ние ќе започнеме во 1990, кога со гласање во собранието (нешто што албанските партии сакаат да го возобноват и денес) на чело на тогашна Социјалистичка Република Македонија (се уште дел од СФРЈ) е избран Киро Глигоров.

Хронолошки да потсетиме тоа е време кога веќе се формирани првите политички партии и одржани првите непосредни избори, па така ВМРО ДПМНЕ и СКМ-ПДП (претходникот на СДСМ) одлучуваат кој ќе застане на чело на државата и ќе ја води во веќе изгледните процеси за преуредување на Југославија (за распад се уште барем во Македонија не се верувало).

Бидејќи на парламентарните избори немало јасен победник и изборот на тројцата врвни функционира Кљусев, Андов и Глигоров доаѓа со консензус, сепак настанува голем проблем кога се констатира дека следниот претседател нема македонска лична карта. Ова не е за изненадување со оглед дека повеќе четири и пол децении живеел и работел во Белград.

Но ВМРО кое во тоа време е радикално антисрпски настроено наоѓа начин да го испроблематизира ова и останува забележано дека Глигоров е избран после неколку одложувања и бројни несогласувања.

КАНЏИТЕ НА АЛБАНСКИОТ ОРЕЛ

Во 1994 година работите се веќе многу поразлични. Македонија е независна држава, а Киро Глигоров успева да се наметне не само како татко на нацијата туку и како регионален играч кој единствен успеал да го зачува мирот во својот дел од Југославија.

Од тука не е ни чудно што неговиот рејтинг и популарност е рекорден во македонската политичка историја (некаде се споменува дури и до 70%).

СДСМ од друга страна на чело со младо раководство, а среде најголема економска криза и како и денес така и тогаш мака мачи да стигне до неопходната бројка пратеници.

Единствениот спас е директно да се врзе со Киро Глигоров и на грбот на неговата популарност да ги протурка и парламентарните избори кои како и денес се во иста година со претседателските.

Со таа цел е формиран и Сојузот за Македонија што претставува широк фронт против тогаш и како и денес многу популарното ВМРО ДПМНЕ.

Од таа жестока политичка борба ќе останат запаметени две моќни изјави, првата на самиот Глигоров кој на еден голем митинг на СДСМ ќе им порача на гласачите да „не го оставаат сам“, односно иако е тој сигурен претседател, потребна му е и СДСМ за да владее успешно и ефикасно.

Втората изјава е на неговиот харизматичен противкандидат познатиот режисер Љубиша Георгиевски кој во виорот на таа жестока политичка борба ќе употреби националистичка реторика и ќе се закани дека ако стане претседател ќе ги „скрати канџите на албанскиот националистички орел“.

Од денешна перспектива, раководството на ДПМНЕ веројатно ја чита стратегијата на Глигоров и СДСМ и се обидува да направи се да го порази на изборите.

Бидејќи тоа нема да им успее раководството на чело со Љупчо Георгиевски ги враќа пратеничките мандати и Македонија е без опозиција цели наредни четири години.

НЕВЕРОЈАТЕН ПРЕСВРТ

Сепак, најинтересни ќе останат претседателските избори во 1999 година.

Тогаш Македонија е веќе радикално поразлична држава, каде власта веќе е во рацете на ВМРО ДПМНЕ и оваа партија или нивната влада за само година дена владеење успева толку да се искомпромитира што нивниот кандидат Борис Трајковски во првиот круг од Тито Петковски губи со повеќе од сто илјади гласа разлика.

Раководството на СДСМ веќе почнува да бара предвремени парламентарните избори и се изгледа дека деновите на ВМРО се одбројани.

Но во вториот круг тотален шок. Со масовна излезност во албанските средини диригирано од тогаш моќната ДПА на Арбен Џафери и Мендух Тачи, Трајковски стигнува до победа.

Ќе остане запаметено дека во некои позаостанати средини дури оџите од минарињата ги повикувале гласачите да излезат и да гласаат за Трајковски.

СДСМ кога во последен момент се освестува што им се случува го испраќа комплетното раководството како набљудувачи по разни рурални средини во западна Македонија и голем дел од нив завршуваат претепани без можност да ги спречат очигледните изборните нерегуларности како семејно гласање и полнење кутии.

После ова, раководството на чело со Црвенковски радикално ја променува стратегијата и во краток период на Македонија и се случува и аферата големото уво и неуспешно гласање на недоверба на владата со помош на киднапирани пратеници и секако воениот конфликт од 2001 година.

БОЈКОТ ИЛИ НЕ

После мостарската авионската несреќа и погибијата на претседателот Борис Трајковски на само неколку месеци пред истекот на неговиот мандат, за претседател се кандидира тогашниот актуелен премиер Бранко Црвенковски кој во тој момент има нецели 42 години.

СДСМ ваквиот потег го објаснува со потребата за сигурна победа, а ВМРО-ДПМНЕ тврди дека тоа е само бегство на Црвенковски од проблемите со кои се соочува неговата поствоена Влада.

Како и да е, тогаш видно ослабениот ВМРО го кандидира познатиот интервентен кардиолог Сашко Кедев кој ќе биде поразен уште во првиот круг.

Бидејќи е јасно кој е победникот и во вториот круг, крилото на почесниот претседател Љупчо Георгиевски заговара бојкот на изборите за да не се постигне цензус додека актуелниот претседател Никола Груевски бара да се борат до крај, со што дефакто му се дава легитимитет на Црвенковски.

Овој судир ќе предизвика многу поголема разлика во гласови во корист на Црвенковски, но и официјално разидување внатре во ДПМНЕ и формирање на ВМРО-НАРОДНА, која преку ноќ ќе стане втора политичка сила во парламентот и во неа ќе преминат барем две третини од тогашното раководство на ВМРО ДПМНЕ.

НАЈБРУТАЛНА РЕТОРИКА

Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ во 2009 година се на врвот на својата слава и рејтинг. Толку се популарни што Бранко Црвенковски одлучува да не се кандидира за втор последователен претседателски мандат, туку доброволно да ја напушти функцијата и да се врати во партијата каде, како што самиот вели, би можел да направи поголема разлика.

Бидејќи веќе се шпекулира дека ВМРО ДПМНЕ изненадувачки ќе се одлучи да го кандидира професорот од правниот факултет Ѓорге Иванов, СДСМ која секако е без кандидат се одлучува за Љубомир Фрчкоски, исто така професор на правниот факултет и поранешен Министер и за внатрешни и за надворешни работи.

Тогаш во јавноста и во рамки на самата СДСМ имаше бројни негодувања зошто баш Фрчковски, кој беше буквално избркан од владата на СДСМ во 1997 година и имаше прилично проблематичен багаж особено од министерувањето во МВР.

Но тоа веројатно е добро искалкулиран политички потег кога изборите се однапред изгубени да се избере личност која интелектуално и вокално е надмоќна да направи најмногу штета на противник и со тоа барем малку да се подобрат шансите на партијата за претстојните локални избори на кои СДСМ исто така свесно очекуваше пораз.

И од тој аспект професорот Фрчковски си ја заврши својата улога без разлика на големиот пораз.

Но, проблемот е што во кампањата излезе на виделина дека двајцата кандидати покрај идеолошки имаат и личен анимозитет и дека се припадници на две различни и завојувани групации или лоби групи од правниот факултет.

Излезе на виделина и дека без разлика што Фрчковски дотогаш беше многу попознат и поуспешен политичар во политиката бил промовиран токму од Иванов.

Сето ова беше добра основа за најгласната и до некаде најбескомпромисната кампања која некогаш сме ја имале и која ќе остане запаметена до ден денес.

НЕИНТЕРЕСНИ ЦИКЛУСИ

И после ваква бурна политичка историја на претседателски избори, СДСМ ја променува стратегија и почнува да бара кандидат кој за разлика од Фрчковски би можел да победи.

Таков е Стево Пендаровски, професионалец од два претседателски кабинета, општествено активен независно од СДСМ и докажано прифатлив за пошироките народни маси како добитна комбинација на пратеничките листи на неколку клучни парламентарни избори за СДСМ.

Проблемот со него е што барем досега никогаш не користел пожестока реторика и во позитивна смисла успева да ја спушти топката на политичките конфронтации, како во 2014 кога беше поразен, така и во 2019 кога беше победник.

Без разлика што немаше набој на овие последни два изборни циклуси, со масовноста на истите се мереше силата на партиите пред бројните циклуси предвремени парламентарни избори, кои ни се случуваат во целиот изминат период.

Поврзани новости