(АРХИВА) Портрет на Арбен Таравари: Конструктивниот опозиционер станува радикален властодржец!

by Фокус

Текстот е објавен на 16 февруари 2023 година во неделникот Фокус со број 1.428.

Поранешниот краткотраен министер за здравство, Арбен Таравари е невролог по професија, поради што често си дозволува да дели дијагнози за психичката состојба на политички противници. Тој многу години беше генерален секретар на Алијанса за Албанците, а двете изборни победи во Гостивар го наметнаа како наследник на Зијадин Села. Долго време ја застапуваше тезата за поблиска соработка со ВМРО-ДПМНЕ, но токму во негово време, партијата целосно го сврте курсот и влезе во владата на СДСМ и ДУИ, кои претходно ги обвинуваше за корупција и за партизација

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

„Ало Таравари“ или „Здраво Таравари“ беше еден веќе подзаборавен проект преку кој Арбен Таравари своевремено го привлече вниманието на јавноста како тазе министер за здравство, избран во првата влада по големите политички промени во 2016/2017 година, кога неговата Алијанса за Албанците стана дел од владата на Зоран Заев.

Преку посебна телефонска линија, сите заинтересирани граѓани можеа да му се обратат на министерот Таравари и да комуницираат со него за сите свои проблеми, идеи или предлози.

Лично да ги слушнам мислењата и искуствата на граѓаните од здравствениот систем и заеднички да ја смениме перцепцијата за нашето здравство – изјави Таравари во својство на министер за здравство.

Очигледно, оваа ПР-алатка не помогна многу да се поправи перцепцијата за ресорот здравство, кој до ден денес остана оптоварен со истите хронични проблеми – недостиг од кадар, лекови…

Меѓутоа, тоа успеа да го подобри имиџот на Таравари, сѐ уште со гордост зборува за неколкуте месеци поминати на чело на ова Министерство.

Дури тоа го изнесува како еден од аргументите зошто одлучи од хард-кор опозиционер да стане новокомпониран владин партнер, истакнувајќи дека сакаат да покажат дека може добро да се раководи со министерствата, како што, нели, тој своевремено раководел со здравството.

И како што, се разбира, сега раководи со Општина Гостивар.

Неколку години, тој е власт на локално ниво, но неговата Алијанса за Албанците, чиј трон неодамна го презеде од Зијадин Села, држеше цврст опозициски курс и се позиционираше како главен ривал на ДУИ.

Арно ама, Алијанса сега целосно го смени курсот и одлучи да влезе во владата предводена од Димитар Ковачевски и Али Ахмети.

Освен трансформација на Алијанса, се забележува и драстична преобразба кај Таравари. Иако отсекогаш важел за умерен и конструктивен политичар, чија приземна реторика не предизвикувала негативни емоции и тензии, пред сѐ на меѓунационална и меѓуетничка линија, тој неодамна го разбранува политичкото море, со една, според многумина, радикална изјава.

Откако во неколку наврати упатуваше смирувачки тонови, велејќи дека требало да се направи напор францускиот предлог да помине со поддршка на сите партии, вклучително и на ВМРО, а, според него, на ист консензуален начин треба да поминат и уставните измени, тој деновиве, непосредно пред влезот на Алијанса во Владата, порача дека загрозување на европската перспектива би можело да ги зголеми фрустрациите кај Албанците во земјава, па дури и да се појават нови идеи за реорганизација на државата.

Можно е да се случи радикализација на албанските партии ако биде загрозена европската перспектива на Македонија. Може да пораснат фрустрациите кај Албанците и може да се појават нови идеи за реорганизација на државата. Ќе влеземе во еден маѓепсан круг од кој нема да можеме да излеземе – се закани Таравари.

Како се случи кроткиот доктор да се покаже во сосема ново светло, бездруго како радикал кој наводно добронамерно предупредува, а всушност несмасно се расфрла со заплашувања за реорганизација и редефинирање на Македонија?

МЕДИЦИНСКИ ДИЈАГНОЗИ

Поради солидната биографија, Таравари беше единствен кандидат за министер кој доби пофални зборови и од опозицијата кога пратениците го гласаа за прв човек во здравството.

Инаку, тој средно медицинско училиште завршил во родниот Гостивар, а дипломирал на Медицинскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 1998 година.

Специјализирал неврологија во 2006, а во 2011 ја одбранил докторската дисертација од областа на Паркинсонова болест. Во 2010 година почнал да биде редовен предавач на Медицинскиот факултет при УКИМ.

Во 2016 година, тој бил претседател на одделот на екстрапирамидални болести при универзитетската клиника за неврологија, а бил член на одборот на меѓународните медицински списанија „Mediicus“ и „Vox Medici“. Исто така, бил раководител на одделението за мигрена, главоболки и други синдроми при Универзитетска клиника за неврологија.

Својата богата медицинска наобразба, Таравари се обидува често да ја аплицира и во политиката, односно при вербалните пресметки со политичките конкуренти, што, рака на срце, го прави на граница на политичка, па, слободно може да се каже, и човечка коректност.

Во таа насока, тој во една пригода рече дека како медицинско лице, т.е. како доктор, има свое мислење за состојбата на скопската градоначалничка Данела Арсовска. Со оглед дека е невролог, односно доктор за болести на главата, тој алудираше дека Арсовска има проблеми со главата, односно психички проблеми.

Тоа се случи откако Арсовска го разреши директорот на јавното комунално претпријатие, кој беше кадар на Алијанса, откако неговиот брат учествуваше во инцидент за време на протестите против францускиот предлог.

Впрочем, тоа придонесе за раскинување на соработката меѓу Арсовска и Алијанса на локално ниво и во Советот на Град Скопје, но беше почеток на процесот на дистанцирање на АА и од ВМРО-ДПМНЕ.

Но, Таравари не употреби стручно медицинско знаење само во случајот со Арсовска, туку тој слична дијагноза му даде и на конкурентот од ДУИ Невзат Бејта, со кого двапати се пресмета во трката за градоначалник на Гостивар. Притоа, Таравари двапати победи.

Сега, Бејта е дел од „огнената група“ во ДУИ, која остро се спротивстави на влезот на Алијанса во власта, бидејќи тие тоа го толкуваат како операција на Ахмети за спас на првиот вицепремиер Артан Груби и другите министри од редовите на ДУИ.

Како што е познато, „огнените“ бараат промена на сопартијците од Владата, а со тројцата пратеници што ги контролираат правеа притисок во ситуација кога мнозинството се потпираше на 64 пратеници.

Сепак, со 8-те пратеници на Алијанса нивното влијание е намалено, а Бејта има причина плус да му биде лут на Таравари поради изборните порази.

Арно ама, Бејта смета дека не загубил во фер битка со Таравари, бидејќи, според него, зад грб му работеле сопартијците од ДУИ на чело со Талат Џафери.

Тоа била тајна соработка и координатор беше Џафери. Тие се мобилизираа и креираа нивни структури за да ме елиминираат мене од Гостивар и му помогнаа на Таравари со кого беа во коалиција – рече Бејта, кој загуби на локалните избори во 2017 и 2021 година.

Реагирајќи на овие зборови на Бејта, Таравари повторно го облече белиот мантил и му посака добро здравје на Бејта, порачувајќи му дека, врз основа на неговото однесување и неговите изјави, тој како професионален лекар има свои сомнежи.

Господинот Бејта е легенда, приказна сама по себе. Јас немам коалиција со никого, но сите предрасуди и заговори што ги прави господинот Бејта, само тој може да ги направи. Му посакав здравје, бидејќи навистина е малку сомнителен во своето однесување – рече докторот Таравари.

ПРИЈАТЕЛСКА ТРАНЗИЦИЈА

Паралелно со професионалната кариера во медицината, Таравари гради и политичка активност. Своевремено, тој бил од структурите на ДПА, а потоа се приклучи во Движењето за реформи на ДПА, што го покрена неговиот сопартиец, колега-доктор, но и деклариран пријател – Села.

Колку за потсетување, Села беше еден од најактивните пратеници на ДПА по 2011 година. Тој стекнуваше сѐ поголема харизма, која партискиот лидер Мендух Тачи почна да ја доживува како закана, па затоа го фрли во оган на локалните избори во 2013 година, кога од сите пратеници на ДПА само Села беше кандидат за градоначалник.

На општо неверување, Села успеа да го победи Рамиз Мерко во Струга, но и здружените ВМРО и СДСМ, кои тогаш имаа заеднички кандидат, што даде дополнителна и специфична тежина на изборниот успех на Села, особено што во Тетово, кое важеше за база на Тачи, ДПА загуби!

Во такви околности, само прашање на време беше кога ќе пукне тиквата меѓу Села и Тачи. Очекувано, тоа се случи веќе на следните парламентарни избори, кога Тачи сакаше да му скрои лоша пратеничка листа на Села во петтата струшка изборна единица, за по неуспехот да падне врз грбот на градоначалникот Села.

Затоа, Села покрена движење за реформи во ДПА, повикувајќи се на наследството на првиот партиски Арбен Џафери. Овој процес резултираше со формирање нова политичка партија, која по изборите во 2016 година се брендираше според коалицискиот назив – Алијанса за Албанците.

Дел од овој процес за промени во ДПА беше и Таравари, кој стана генерален секретар во Алијанса. Тој оваа функција ја вршеше сѐ до 2021 година, кога се повлече со образложение дека сака да се посвети на градоначалничката работа во Гостивар.

Од денешна перспектива, политичката траекторија на Таравари во многу елементи наликува на онаа на Села, иако, се разбира, има и многу разлики. Исто како Села, и Таравари против своја волја влезе во трка за градоначалник на Гостивар во 2017 година. Исто така, и тој изненадувачки победи против фаворизираниот Бејта, додека истовремено Села загуби во Струга од Мерко.

И покрај тоа што ваквата факторизација на Таравари истовремено претставуваше делегитимизација на Села, односите меѓу нив двајца никогаш не беа нарушени, како што тоа се случи меѓу Села и Тачи, кои дотуркаа до степен на целосна ескалација.

И на следните изборни циклуси, Алијанса и Таравари победуваа во Гостивар, а Алијанса и Села губеа во Струга, што на крајот резултираше лидерска транзиција во партијата.

Во секој случај, стануваше збор за целосно мирно и пријателско примопредавање на лидерската палка, без зла крв и енергија.

АА никогаш не припаѓала на Села и нема да му припадне на никој друг, освен на Албанците. Се собравме да го избереме првиот меѓу нас во следните 4 години и мислам дека тој што ќе треба да го продолжи патувањето на Алијанса за Албанците е мојот пријател Таравари – рече Села при повлекувањето на челното место во АА после дебаклот на предвремените локални избори во Тетово.

Неговиот наследник Таравари, пак, истакна дека ќе ги продолжи политиките на Села, ќе почне континуирана кампања до следните избори, преку кампања врата на врата, со цел да се отворат вратите на партијата за што повеќе луѓе, посебно интелектуалци.

НАЈГОЛЕМ ДОБИТНИК

Првата влада на Заев и Ахмети се формираше благодарение на тројцата пратеници на Алијанса, чиј лидер Села плати висока цена при крвавиот упад во парламентот на 27 април, кога беше сериозно претепан и повреден.

Сепак, Заев немаше многу чувство и респект за оваа жртва на Села, па на локалните избори во 2017 година, наместо да одбере неутралност во битката меѓу партнерите во албанските средини, тој цврсто застана зад ДУИ.

Со помош на СДСМ, Мерко со пресврт во порази Села во вториот изборен круг. Сепак, поддршката од СДСМ не му беше доволна на Бејта во Гостивар, каде што успеа да победи Таравари, кој во триумфалистички занес покажа малку поинакво лице од она на кое бевме навикнати.

– Државата се мешаше во избори. Министерот Оливер Спасовски и премиерот Заев беа активни во кампањата на ДУИ. Јас се надевам дека ова веќе нема да се повтори во Македонија – рече Таравари, кој му порача на Заев дека ако „толку многу го сака Бејта, да си го земе во Муртино“.

По локалните избори, Алијанса ја напушти владејачката коалиција, бидејќи Заев реши да го зеде ресорот здравство од Таравари, веројатно зашто го пикирал за подоцнежниот министер Венко Филипче, кој во меѓувреме му стана најверен соработник и сопатник.

Во замена за тоа, Заев потценувачки и со голема доза на сарказам ѝ понуди на Алијанса вицепремиерско место за реформи, бидејќи, нели, партијата се родила како движење за реформи во ДПА. Секако, понудата беше одбиена и АА замина во опозиција.

Јас предложив друга позиција да смисли премиерот-заменик премиер за носење бурек која ќе му ја дадам на ДУИ. Ние го држиме Mинистерството за здравство, договорот е направен за ресори кога се направи владата – рече тогаш Села, одбивајќи да се откаже од Таравари.

Во следниот период, Алијанса трасираше курс на опозициска партија, која се наметна како главен конкурент на ДУИ. Сепак, се уште не можеше целосно и директно да се приближи до ВМРО-ДПМНЕ, поради свежите сеќавања од 27 април, но и поради тоа што ВМРО сѐ уште имаше имиџ на антиалбанска партија.

Во пресрет на парламентарните избори во 2020 година, СДСМ повторно ја отвори вратата за Алијанса и другите албански партии, освен ДУИ. Свежи се сеќавањата дека Заев почна кампања „ДУИ во опозиција“, со цел да донесе промени и во албанскиот блок.

Но, неговата намера следната влада да ја прави со Алијанса, Беса и Алтернатива ја растури ДУИ, која возврати со кампањата „Албанец премиер“, што и донесе убедлива победа во албанскиот камп и повторно се наметна како неминовен партнер на СДСМ.

Тоа беше второ разочарување за Алијанса, која после овие избори почна поотворен процес на доближување до Христијан Мицкоски. Во тој контекст, до крајот на годината се одржа еден настан во организација на германската фондација „Кондард Аденауер“, на кој беа собрани Села, Мицкоск и Африм Гаши.

Во тоа време веќе сите видоа дека се удираат темелите и се цртаат контурите на идна коалиција меѓу десни и конзервативни политички партии, која првпат беше тестирана на локалните избори следната 2021 година, кога ВМРО, од една страна, и здружените Алијанса и Алтернатива, од друга страна, се поддржуваа во повеќе општини.

Патем, најголем ќар од оваа соработка виде токму Таравари, кој успеа да победи во Гостивар со помош на гласовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои пак не им помогнаа на кандидатите за градоначалници во Чаир, Струга итн.

Ваквата помош ВМРО до ден денес му ја споменува на Таравари, а тој воопшто не ја одрекува и релативизира.

Кулминацијата на оваа соработка дојде веднаш после локалните избори, кога ВМРО, Алијанса, Алтернатива и Левица, со помош на дотогаш владејачката Беса на Биљал Касами, се обиде да ја урне владата на СДСМ и ДУИ, преку формирање на ново парламентарно мнозинство.

Моменталното владиното мнозинство има 62 пратеници, а опозицијата има 58. СДСМ тоне секој ден се повеќе, и повеќе. Од урбани општини добија само Центар и Струмица… Сме разговарале со Мицкоски. Преспанскиот договор мора да се почитува… – говореше Таравари, пред целата операција да ја урне Кастриот Реџепи.

ПРОМЕНА НА КУРСОТ

Но, како по обичај, во политиката нема принципи, туку само голи интереси. Па, така, за многу кратко време, Алијанса и ВМРО од продуктивни соработници станаа ривали, чии претставници меѓусебно почнаа да ги упатуваат отворени стрели.

Се чини дека главните причини за ваквата промена лежи во фактот што Алијанса забележа генерален пад на гласовите на локалните избори во споредба со парламентарните избори, што многумина го припишуваа на нивната соработка со ВМРО.

А, пресвртен момент беше францускиот предлог, во однос на кој ВМРО-ДПМНЕ, заедно со Левица, се позиционираше стриктно против, што ги стави во непријатна ситуација нивните албански партнери, кој отворено им порачаа да ги преиспитаат нивните политики

– Нивниот вординг не одговара на партиите кои се за интеграција на земјата во ЕУ. Државата треба да тргне напред и сите да помогнеме што побрзо да се почнат преговори со ЕУ. ВМРО со иницијативата за референдум направи грешка, прават и други грешки и со тоа се намалува коалицискиот капацитет со албанските партии – говореше Таравари.

Во меѓувреме, откако тој стана и лидер на Алијанса, се повеќе ги засили критиките кон довчерашниот партнер Мицкоски, кого пред локалните избори го пречекуваше во Гостивар и го шеташе низ чајџилници и го носеше на баклава.

Периодот во кој сега се наоѓаме како држава е поинаков отколку пред февруари 2022. Инвазијата во Украина смени многу, како и почетокот на скринингот на Македонија и Албанија со ЕУ. Ние сме свесни дека ова доближување со власта подразбира наш обид за да се стигне до 80 пратеници – говореше Таравари, во обид да го објасни преминот кон власта.

Но, она што најтешко успева да објасни е како ќе се борат против криминалот и корупцијата и како ќе испорачаат резултати во сферата на владеење на правото во иста влада со ДУИ, која самите ја означија како извор на корупција?

Албанците кои се во институциите се влезени таму преку ДУИ и затоа велиме дека институциите се ДУИ-зирани. Не велиме дека нема и квалитетни луѓе, но мнозинството не се – рече Таравари лани, кој во повеќе пригоди изјавуваше дека корупцијата за време на владеењето на СДСМ-ДУИ достигна „алармантни и невидени нивоа“.

Неодамна, пак, тој испрати писмо до странските амбасадори во земјава, повикувајќи да се формира антикорупциски фронт. Во исто време, влегува во иста влада со СДСМ ДУИ, во чие време корупцијата, според негови зборови, процветала?!

Згора на тоа, Таравари почна да гази по еден каллив терен, со заканите од можна радикализација, доколку не се направат одредени компромиси.

Во голема мера, тој потсетува на некогашниот лидер на Нова Демократија Имер Селами, кој книжеше големи изборни успеси, исто така со помош на ВМРО-ДПМНЕ. Истовремено, и тој првично беше приемчив за етничките Македонци поради тоа што немаше националистички наратив.

Ама, Селами одеднаш одлучи да се радикализира, сакајќи да стане поголем папа од папата (читај Ахмети). Судбината на Селмани е добро позната, но дали истото го чека и Таравари, кој веќе однапред најавува повлекување, ако Алијанса забележи пад на рејтингот со влезот во Владата?


ПОЛИГЛОТ ИЛИ ТУРКОФИЛ?

Во биографијата на Арбен Таравари стои дека тој говори албански, македонски, турски, англиски и српски јазик. Со еден збор, станува збор за полиглот, факт што самиот често го истакнува.

Во едно интервју, Таравари рече дека политичките противници го нарекуваат туркофон и туркофил кога сакаат да го дискредитираат, меѓутоа додаде дека се гордее што го познава турскиот и други јазици.

Воедно, тој се претставува како рефлексија на мултиетнички Гостивар, каде кохабитираат Албанци, Македонци, Турци, Роми и други етнички заедници.

Постојано се фали дека има поддршка од сите, а во тој дух пред општинската зграда се веат македонското, албанското, американското, европското, турското и други знамиња.

Поврзани новости