(АРХИВА) Портрет на Антонијо Милошоски – „Моќник“: Од студент без перспектива до вечен функционер!

Од првите вмровски генерации, Милошоски испадна најжилав во сите внатрепартиски премрежја. Тој се покажа како политички камелеон, кој по потреба менуваше бои, знаеше како да се постави во кризни времиња и да се аклиматизира на новите состојби. Кога имаше потреба се конфронтираше, а кога имаше нужност – правеше компромиси.

by Фокус

Текстот е објавен на 18 јануари 2023 година во неделникот Фокус со број 1.424.

Во отворениот конфликт меѓу Христијан Мицкоски и Никола Груевски цело раководство на ВМРО-ДПМНЕ застана зад Мицкоски. Еден од нив беше и Антонијо Милошоски, што очигледно му сметаше на Груевски, кој на фејсбук напиша дека имал многу што да каже за неговиот карактер, но засега ќе се воздржи. Сепак, Груевски истакна дека Милошоски при секоја лидерска смена бара начини да го нападне претходниот. Така било и сега, а, според Груевски, така ќе биде и во иднина, кога ќе дојде време да си оди Мицкоски. Во серијалот портрети што годинава ги правеше „Фокус“ за водечките фигури од политиката и бизнисот беше опфатен и Милошоски, кој учествуваше на протестите против воведувањето на албанскиот јазик на Педагошката академија. Иако беше дел од вмровската младина, тој инсистираше дека протестира како граѓанин и студент, кој немал перспектива исто како и младиот Албанец. Во годините што следуваа, вршеше високи функции, а благодарение на умешното позиционирање, се уште опстојува во високата политика, издржувајќи многу афери и обвинение за измама и злоупотреба на службена положба. Во продолжение, прочитајте го целиот текст.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

На почетокот на деведесеттите години на минатиот век, големо внимание во јавноста привлекоа тогашните средношколски и студентски протести против воведувањето на настава на албански јазик на Педагошката академија.

Кога ќе се види колку во годините што следуваа се унапредија правата на Албанците, кои денес го употребуваат албанскиот јазик во институциите и учат на мајчин јазик на неколку универзитети, тогашниот отпор против албанскиот јазик на само еден факултет делува, најблаго речено, смешен.

Но, тие фамозни протести во далечната 1997 година на многумина демонстранти им послужија како отскочна даска кон политичките води. Притоа, дел од нив се искачија и до високата политиката, со таа разлика што некои со текот на времето исчезнаа од политичката сцена, а некои успеаа да ги преживејат до ден денес.

Во тој контекст, како највечен се покажа Антонијо Милошоски, поранешен министер за надворешни работи, кој сега ситни уште еден од низата мандати како пратеник на ВМРО-ДПМНЕ. Од првите вмровски генерации, тој се покажа како најжилав во сите внатрепартиски премрежја.

За потсетување, како фронтмент на студентските протести настапуваше  Филип Петровски, кој подоцна беше прв човек на вмровската младина, пратеник, конзул. Во меѓувреме, тој смени и неколку партии пред да се врати во вмровското јато, но одамна не игра во првата политичка лига.

Исто така, и поранешниот министер за здравство Никола Тодоров беше дел од протестите, но и тој ја замени политиката со адвокатурата, иако беше во игра и за партиски лидер. Освен тоа, повремено пишува колумни и се појавува и на ТВ-дебати во својство на политички аналитичар.

Потоа, во протестите учествуваше и Влатко Ѓорчев, кој остана активен учесник во политичкиот живот нешто подолго. Арно ама, и тој се движи кон маргините, ако се земе во предвид дека не доби доверба да биде претседателски кандидат, а остана и без пратеничката функција, по што формираше приватна компанија.

За разлика од нив, Милошоски се покажа како политички камелеон, кој по потреба менуваше бои, знаеше како да се постави во кризни времиња и да се аклиматизира на новите состојби. Кога имаше потреба се контфронтираше, а кога имаше нужност – правеше компромиси.

ШТРАЈК СО ГЛАД

Токму студентските протести пред 25 години го промовираа Милошоски во надежна фигура на политичката десница во подем. Во тоа време, тој веќе беше дел од органите на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа упорно го бранеше правото да учествува на протестите како студент и граѓанин.

Јас сум член на ВМРО по избор, на сум граѓанин на Македонија без избор. Како член на ВМРО по избор одговорно тврдам дека не ја губам мојата автономија како граѓанин, а посебно како студент – говореше Милошоски на една од дебатите на некогашната А1 телевизија посветени на студентските протести.

Видео-записи од овие дебати, кои се уште може да се најдат на интернет, покажуваат дека Милошоски уште во почетната фаза на својата политичка активности се истакнува со исклучителни ораторски спсообности, бидејќи се држи целосно рамноправно, а често и подобро во полемиките со тогашните опонентни Радмила Шекеринска и Лазе Еленовски

Во една од тие дебати, Милошоски како студент на Правниот факултет во Скопје ги негираше обвинувањата дека протестите биле националистички, шовинистички и ксенофофични. Како што велеше, законското решение против кое протестираа било парцијално, а со тоа и противуставно.

Што ќе добие младиот Албанец ако учи на албански? Ништо! И јас и тој немаме перспектива за вработување, немаме егзистенција, тоа е главното прашање – говореше тогаш Милошоски, аргументирајќи дека економијата и социјалната политика се формула за унапредување на бинационалните односи.

На овие настапи, Милошоски не го изостави 5-дневниот штрајк со глад, по што тој и негови другари биле однесени во државна болница, порачувајќи дека телата не издржале, но духот издржал. Меѓутоа, сосема поинакво светло на тие настани неодамна даде Александар Диневски, тогаш влијателен функционер на ВМРО-ДПМНЕ, кој обелодени дека се работело за фингерај.

-Беше одлучено да му се слоши. Имавме лојален член од Ѓорче Петров од Брза помош… Чекавме да му се слоши, да го преземе и тогаш дигнавме галама дека еве на младинците им се лоши, иако не штрајкуваа со глад, да бидеме реални. Тука блиску беше и сендвичарницата – рече Диневски, екс контраразузнавач, кој во тоа време беш дел од КСИО.

СОЛЗИ ЗА СЕСТРА ДОСТА

Една година подоцна, ВМРО-ДПМНЕ тогаш предводено од Љубчо Георгиевски победи на парламентарните избори во 1998 година, а место во новата вмровска влада зазедоа многу учесници на студентските протести, вклучително и Милошоски.

Од неговата официјална биографија произлегува дека тој на Правниот факултет дипломирал во 1999 година, а во периодот 2001-2002 година запишал и завршил магистерски студии по евроинтеграции на Универзитетот „Фридрих Вилхелм“ во Бон, Германија.

Паралелно со тоа, Милошоски е дел од владата како шеф на кабинет на влијателната вицепремиерка Доста Димовска, која подоцна стана министерка за внатрешни работи, а на крајот раководеше до културниот центар во Софија. Впрочем, многумина сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ го оспоруваа Милошоски, велејќи дека неговата кариера е заслуга на Димовска.

Дека таквите тврдења не се далеку од вистината стана јасно кога Милошоски одржа емотивен говор по смртта на Димовска во 2011 година, нарекувајќи ја сестра Доста, челичната дама, која, како што рече, ја задложила Македонија со својот животен влог и со втемелувањето во идеалот за независна Македонија.

Нејзиниот приватен живот беше саможртвата за идеалите на татковината во кои цврсто веруваше, но сепак Димовска имаше големо семејство. Сите членови на ВМРО-ДПМНЕ беа нејзини роднини и не случајно беше позната како сестра Доста… Димовска имаше и големо потомство, тоа беше новата генерација на млади политичари  – говореше низ солзи Милошоски.

За време владеењето на двоецот Георгиевски-Димовска, Милошоски беше портпарол на Владата, вклучително и во периодот на воениот конфликт во 2001 година. Точно од тој период датира скандалот што долги години ќе му биде товар на Милошоски, а се работи за стекнување на државни стана.

Во март 2000 година, како портпарол на тогашна Влада поднел барање за доделување на државен стан. Скандалозно, после 3 месеци, станот под сомнителни околности ќе премине во сопственост на Милошоски. Но, тоа не било доволно, па за само 8 месеци од стекнување на првиот Милошоски стекнува уште еден државен стан  – обвини Јани Макрадули од СДСМ.

Иако овој случај го испитуваше и Антикорупциската комисија, изостана било каков епилог. Денес, според неговиот анкетен лист, Милошоски поседува стан со подрум од 125 плус 40 квадратни метри во зграда која, според нашите информации, ја градел бизнисмен во чии објекти имот има ВМРО-ДПМНЕ, како и многу поранешни и сегашни партиски функционери.

ПОВИКОТ НА ГРУЕВСКИ

Поради политичката кариера и решавање на станбеното прашање, Милошоски не го запоставил образованиот процес. Па така, од ноември 2002 година тој е докторант на политички науки на универзитетот „Герхард Меркатор” во Дуисбург, Германија, каде воедно работел и како научен соработник до 2006 година.

Впрочем, тоа е периодот (2002-2006) кога СДСМ се враќа на власт, а во неговата ВМРО-ДПМНЕ се случуваат значителни престројувања. Како што е познато, Георгиевски одлучува да се повлече по поразот во 2002 година, па за негов наследник буквално на мускули го поставува Никола Груевски наспроти фаворизираниот Марјан Ѓорчев.

Арно ама, љубовта меѓу нив трае многу кратко. Конфликтот кулмунира на претседателските избори во 2004 година, кога Груевски го обвини Георгиевски дека му забил нож во грб, со повикот за бојкот на вториот круг. Но, веќе на локалните избори следната 2005 година, Груевски ја цементира позицијата како непрокосновен лидер на десницата.

Овие бурни времиња Милошоски ги преспа, односно главно ги посматраше од дистанца во Германија, со тоа што во земјава беше присутен единствено како кулумнист во „Утрински“ и „Дневник“. Од периодот кога се уште престојува во Германија, Милошоски сторил еден „грев“, што политичките противници не му го простија многу години подоцна.

Како што беше обелоденето, тој фигурира во казнената евиденција во Германија, каде бил парично осуден за фалсификување исправи, иако за двете дела се предвидува и затворска затвор. Се разбира, овие наводи Милошоски ги оцени како конструирана афера од СДСМ.

И покрај ваквите опашки, кои подоцна излегоа на виделина, Милошоски не се двоумеше да го прифати повикот на Груевски да се врати во земјава и политички да се реактивира, откако политичката магла веќе беше расчистена. А, после победата на парламентарните избори во 2006 година, беше именуван за министер за надворешни работи.

Сепак, на оваа позиција се задржа до 2011 година, кога изненадувачки се повлече, самоволно или принудно, сеедно. Во тоа време циркулираа информации дека Груевски и големиот братучед Сашо Мијалков го елиминирале Милошоски бидејќи премногу солирал и работел на своја рака. Како е да е, Милошоски ја сврте водата кон своја воденица.

Министер може да биде некој друг, а татко на моето 4 годишно дете можам да сум само јас. Затоа ја донесов оваа одлука. Не од политички туку од чисто родителски причини – изјави тогаш Милошоски, истакнувајќи дека, како совесен сеемеен човек одлучил сам да се повлече од политичката функција. Сепак, тој денес е татко на 5 деца и се уште е политички активен.

КУРИР ЗА ИМЕТО

Додека Милошоски беше шеф на дипломатијата, земјава го покрена судскиот процес во Хаг, кој пресуди дека Грција го блокирала членството во НАТО спротивно на Времената спогодба. И покрај пропагандата на тогашната влада во стилот – името не го даваме, „бомбите“ што подоцна ги објави Зоран Заев покажаа како Милошоски разговара со Груевски и Мијалков на оваа тема безмалку како пред гранапче.

Целта ми е ние пред зборот Република да додадеме некоја политичка референца – независна, суверена, а тие да одберат нешто што би стоело плус во заграда. Би било името малку посложено од тоа што јавноста очекува, ама, во секој случај, она чистото име што ке се изговара, чита, употребува, пишува, за нас нема да биде штетно.

Ќе има политичка референца – Независна Република Македонија, или некаква, а за нив па, приказната ќе може да биде дека сериозно е променето името, иако географската, на која што тие инсистираат, стои во заграда, сепак додадени се две придавки и со тоа покажуваме јасно дека сме успеале во нешто што сизифовски труд вложуваме, а не успеваме 20 години – објаснува Милошоски во тајни разговори со Груевски, додека во меѓувреме немаше ништо против т.н. антиквизација.

Сепак, „бомбите“ покажаа и други карактерни црти Милошоски, кој практично сам се разоткрива како вршел влијание да се лустрира кичевски судија, од причина што тој пресудил во корист на пратеникот и поранешен градоначаник на Пласница Исмаил Јахоски, со кого Милошоски долги години е во војна.

Врз основа на тоа, беше отворена истрага од СЈО под кодно име „Моќник“ и беше поднесено обвинение, со што Милошоски се товари за измама и злоупотреба на службената положба. Патем, предметот опфаќа и имот во село Ижиште што го користела Пласница, кој, според обвинителството, бил продаден на таткото на Милошоски на нелегален начин.

Секој опонент на политиката на кланот Заеви кој ги разоткрива аферите на нивното крими-владеење, без разлика дали е новинар, политичар или стопанственик, се соочува со ризикот да биде неосновано обвинет, со цел да биде заплашен, а политичките прогони служат како параван зад кои ќе се кријат актуелните рекети, афери и организиран криминал на власта – се бранеше Милошоски.

Неколку години подоцна, пак, се појавија и нови „бомби“ за Милошоски, пои покажаа како се распрашува кај тогашниот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски во врска со предмет за кичевското здружение на возачи, каде инволвиран беше, исто така, неговиот татко. Своевремено, за овој феномен интензивно пишуваше неделникот „Фокус“, поради што авторот Јадранка Костова заработи тужба за клевета.

На крајот, епилогот беше во корист на Милошоски, кој веројатно настапил на ист начин како и со Вангеловски, а можеби искористил и некој адут од „тефтерчето на Горде“. Во секој случај, поклопеното судство испорача осуда поради наслов „Здружението на возачи станало семејна фирма на Милошоски“, кој всушност на најдобар начин го отликува преземањето на кичевското здружение на возачи од страна на „моќниците“.

НОВ КАМБЕК

Откако успеа да се избори за правосилна судска пресуда, тој се откажа од материјалната компезација, велејќи дека сатисфакција му е „моралната правда“. Меѓутоа, сите што го познаваат велат дека моралот не му најсилна страна на Милошоски, кој бездруго важи за склон кон политичките интриги, што по правило се судира со принципиелноста и доследноста.

Во таква претстава Милошоски се покажа и за време на последните внатрепартиски разврски, кога од противник на Мицкоски за кратко време направи салто-мортале, станувајќи еден од неговите најблиски соработници. На тој начин, од целосно изолиран од партиското одлучување, се врати во игра и денес е дел од партискиот Извршен комитет.

Инаку, Милошоски и Илија Димовски беа предводници на иницијативата што требаше да оневозможможи Мицкоски да го наследи Груевски, кој најави повлекување после поразот на локалните избори во 2017 година. Тие иницираа потписи за одложување на Конгресот, на кој можеа да се насетат разврските.

Во почетните денови од владеењето на Мицкоски, Милошоски честопати го критикуваше. Исмејувајќи се со еден негов настап, кога објаснуваше како ВМРО-ДПМНЕ под негово водство води математични прецизна политика, Милошоски му порача дека ако продолжи така партијата ќе биде истисната дури и од опозицискиот простор, а камоли да претендира за власта.

Имено, тоа беше кажано во контекст на тактичноста на Мицкоски кон власта во однос на решавање на спорот со името со Грција, што започна со Преспанскиот договор и заврши со уставните измени после референдумот. Тогаш доаѓа и до пресврт во односите меѓу Милошоски и Мицкоски и до неговото ново воскреснување.

За тоа што уставните измени поминаа со гласот на 8 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски го обвини Мијалков и го исклучи од партијата. Ваквото отклонување на Мицкоски, кој се ослободи од сенката на Мијалков, според упатените, беше доволно Милошоски да му ја даде поддршката, од причина што неговото противење кон новото раководство беше резултат на проценката дека ќе биде продолжена рака на „фамилијата“.

Малку по малку, Милошоски добиваше се побитна улога. Меѓу другото, учествуваше во работната група за надминување на ситуацијата околу СЈО, која покрена истрага против него?! Потоа, често откриваше и презентираше афери за власта, а доживеа и факторизација на изборите, кога беше на втора позиција на пратеничката листа во матичната 5 изборна единица, веднаш зад веќе подзаборавениот Игор Дурловски.

Истовремено, тој се наметна како еден од најгласните противници на „францускиот предлог“ и на внесувањето на Бугарите во Уставот, што е услов за продолжување на преговорите со ЕУ. Тоа, пак, беше доволна провокација за многумина да копаат по минатото на Милошоски и да го потсетат на времето кога на панихида на Тодор Александров говореше за заедничко македонско-бугарско чевствување, додека кодификаротот на македонскиот литературен јазик Блаже Конески го нарекуваше „џуџето од Небрегово“.

 

ЕКСКЛУЗИВЕН БУГАРИН“

Додека Антонио Милошоски во Собранието беседеше против договорот со Бугарија и како тој договор е штетен за македонските национални интереси, многу реакции стигнаа од соседна Бугарија.

Во таа насока, сопственикот и уредник на бугарската новинска агенција Фокус, Красимир Узунов, истакна дека Милошоски кога одел на гробот на Тодор Александров, одел заедно со Ангел Џамбаски, кој периодов упатува навредливи зборови кон македонската нација, нарекувајќи на бугарска.

Не може Милошоски да суди и да говори против Бугарија и договорот за добрососедство помеѓу двете земји, колку тој бил лош за Македонија, кога тој истиот, заедно со Џамбаски, одеа заедно на гробот на Тодор Александров. За да му биде по евтино, спиеше на таванот на ВМРО во Бугарија. Каракачанов може да го прашате како тие го одгледаа – рече Узунов.

Споменатиот европратеник Џамбаски, пак, потсети дека Милошоски отсекогаш велел дека е вистински Бугарин.

Беше ексклузивен Бугарин за време на владеењето на Љубчо Георгиевски, а потоа избра да ја следи новата линија на Груевски рече тој.

 

ЛИДЕРСКИ АМБИЦИИ

Секогаш кога има одредени внатрепартиски превирања во ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски се споменува како потенцијален нов партиски лидер, поради неговите лидерски амбиции.

Во многу прилики Милошоски бил и директно провоциран на оваа тема, како што се случи пред неколку години во парламентот, кога од СДСМ му префрлија дека престојот во Германија го спречил порано да се вклучи во лидерска трка.

И по повлекувањето на Никола Груевски тој се споменуваше како можен кандидат за нов лидер, меѓутоа никогаш не поднесе кандидатура, веројатно проценувајќи дека влегува во однапред загубена битка.

 

КРИВИЧНА ПРИЈАВА

Поранешниот пратеникот на СДСМ, Мухамед Зекири, на една прес-конференција истакна дека ќе биде поднесена кривична пријави против Антонијо Милошоски за оддавање државна тајна.

Според Зеќири, Милошоски не поседувл безбедносен сертификат, но сепак изнесувал податоци од лидерска средба одржана во врска со преговорите со Грција.

За ова кривично дело предвидена е затворска казна, но до денес нема никаков напредок, исто како и во судскиот процес „Моќник“.

Поврзани новости