(АРХИВА) Николоски: Владата го крие спорниот договор зашто незаконски дозволува 70 отсто странци без дозволи да работат на автопатиштата!

by fokus

Текстот е објавен на 18 априк 2023 во неделникот со број 1437.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во интервју за „Фокус“ ексклузивно открива нови спорни моменти од договорот за изградба на коридорите 8 и 10-д, кој владата го потпиша со „Бехтел и Енка“. Воедно, одговара и дали во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ некој би поддржал уставни измени, дали поранешниот лидер Никола Груевски има влијание во партијата, но и жестоко го критикува претседателот Стево Пендаровски.

Разговараше: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

ФОКУС: Често имате средби со дипломати. Колку тие се интересираат за процесот за уставните измени?

НИКОЛОСКИ: Тоа е една од темите. Би рекол прва или втора точка по ред. Оди рамо до рамо со владеењето на правото, состојбата со корупцијата и криминалот. Нашиот став е познат, јасен и непроменлив. Ги елаборираме нашите позиции зашто мислиме дека е лошо решение. Зашто мислиме дека владата донесе лоша одлука да се прифати овој диктат што Бугарија го наметна.

ПРОЦЕДУРА ЗА УСТАВОТ НАДВОР ОД УСТАВОТ

ФОКУС: Власта веќе го почна процесот за уставни измени со формирањето на работната група, која ќе треба да ги подготви амандманите. Решени сте до крај да останете целосно надвор од овој процес?

НИКОЛОСКИ: Тука гледам две прашања. Во однос на политичкиот дел, апсолутно ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен: овој парламентарен состав нема мандат за уставни измени и уставни измени нема да се случат.

Во однос на процедурата, како што целиот процес се води незаконски и неуставно, така и овој таканаречен почеток на процедурата, кој е целосно надвор од Уставот. Согласно нашиот Устав, многу е јасен начинот за промена на Уставот. Прво се формира уставно мнозинство од двотретинско мнозинство во Собранието, кое треба да изгласа потреба за уставни измени. Потоа се формира уставна комисија во рамки на Собранието, која утврдува предлог-текст. Тој предлог-текст се враќа назад во Собранието и се усвојува со 61 глас, па повторно оди во уставната комисија, која е задолжена да спроведе јавна дебата. Финалниот текст го враќа на финално усвојување во Собранието, за кое, исто така, е потребно двотретинско мнозинство.

Ова вадење на процесот надвор од институциите покажува две работи: дека немаат уставно мнозинство и дека целиот процес се манипулира и нема чесна намера.

ФОКУС: Првиот вицепремиер Груби, во неколку наврати изјавува дека во ВМРО-ДПМНЕ има пратеници што се за „европскиот фронт“ и би гласале за уставните измени. Има ли вистина во тоа?

НИКОЛОСКИ: Ова е на класична основа на лажни вести. Артан Груби стана најлошиот елемент во оваа влада и најкорумпираниот функционер што го има власта. На пример, до денес нема одговорено дали отвори втора државна видеолотарија со приватен партнер и во Управниот одбор ги стави членовите на неговиот Кабинет?

Единственото што продуцира се лажни вести. Во ВМРО-ДПМНЕ нема ниту еден пратеник што е спремен под бугарски диктат да гласа за уставните измени.

ФОКУС: Во минатиот број на „Фокус“, и потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев рече дека има пратеници, но и еден градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, кои на разни места и средби со дипломати испраќаат позитивни сигнали за уставните измени.

НИКОЛОСКИ: Се работи за истата композиција на лажни вести од несериозни ликови. Доколку власта имаше уставно мнозинство, ќе ги поднесеше уставните измени во Собранието и тие ќе се изгласаа. Го прифатија бугарскиот диктат минатиот јули, сега сме април, поминати се девет месеци и можеа 900 пати да ги донесат уставните измени. Имајќи предвид дека немаат мнозинство, затоа не ги праќаат во Собранието.

Инаку, се работи за друг некредибилен лик. Ако Груби е најкорумпираниот функционер, за овој не можам да кажам ниту дека е функционер, затоа што е еден од ретките градоначалници што реши да не ја побара повторно довербата од граѓаните и да не види што граѓаните мислат за него. Најголемо достигнување на општината му беше тоа што има инсталирано плејстејшн во својот кабинет и играше со другарите.

УСТАВНИ ИЗМЕНИ НИТУ ПО ИЗБОРИТЕ

ФОКУС: Често повторувате „овој пратенички состав нема мандат да го менува Уставот“. Дали тоа значи дека следниот ќе има?

НИКОЛОСКИ: Не, не. Ние велиме дека овој состав нема мандат затоа што кога излеговме на избори ниту ние, ниту СДСМ не вети уставни измени. Во следниот парламентарен состав, ставот на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде ист. Но, можеби СДСМ, ДУИ или други политички партии ќе ветат уставни измени и можеби ќе освојат двотретинско мнозинство.

По сите анкети, тоа нема да се случи. Ќе бидат тешко поразени, но можеби ќе излезат со таква програма и тогаш дел од граѓаните што се за уставни измени, ќе гласаат за такви политички партии. Тие што не се, ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Затоа јасно велиме дека во овој парламентарен состав никој нема мандат за уставни измени, затоа што никој не ни ветил уставни измени.

ФОКУС: Тоа значи и кога ќе се одржат избори, ВМРО-ДПМНЕ цврсто ќе стои на ставот дека уставните измени нема да се случат?

НИКОЛОСКИ: Точно. Под бугарски диктат, во вакви услови, уставни измени ние не прифаќаме. Понудивме два модела за забрзување на евроинтеграцијата, двата беа одбиени. Првиот модел беше врзан со предвремени парламентарни избори и значеше реализација на три столба: национален, политички и економски, кои требаше да ѝ ја отворат вратата на Македонија кон ЕУ. Власта не го прифати тоа.

И вториот. Откако власта цела година зборуваше за хрватскиот модел на Устав, ние понудивме да се ископира хрватската Преамбула и на тој начин да се реши проблемот. Владата повторно не прифати. Надвор од ова што го кажувам, простор за уставни измени кај ВМРО-ДПМНЕ нема.

ФОКУС: Дали ВМРО-ДПМНЕ планира пред изборите да излезе со план за откочување на евроинтеграцискиот процес и што би опфатил тој план?

НИКОЛОСКИ: Тоа е ова што го кажав со трите столба. Клучниот проблем е што никој не ѝ врши притисок на Бугарија, затоа што постојат неколку големи земји-членки на ЕУ што се против проширување и само една голема земја што е за. Тоа е Германија.

ФОКУС: Зошто другите се против?

НИКОЛОСКИ: Останатите големи земји се против затоа што мислат дека во овој момент Македонија не ги исполнува условите да почне преговори. И затоа нема никаков притисок врз Бугарија. Да беше обратно, ќе имаше многу посериозен притисок врз Бугарија, а не врз Македонија. Да не се лажеме, ние немаме проблем со најсилната земја-членка. Имаме проблем со најслабата. И многу повеќе, ЕУ ѝ треба на Бугарија, отколку што Бугарија ѝ треба на ЕУ. Да има јасна определба кај големите земји дека Македонија треба да почне преговори, верувајте за едно попладне ќе го решат проблемот со Бугарија.

ФОКУС: Како би можеле да ја натераат?

НИКОЛОСКИ: Прво, има механизам, а тоа е членот 7 на европските договори, кој е веќе применет врз Полска и врз Унгарија за непочитување други процедури во рамки на ЕУ: дали во делот на владеење на правото или во делот на слобода на медиумите, граѓански организации и така натаму. Истиот член може да се примени и врз Бугарија во делот на блокирање на процесот на проширување, но тоа не се прави.

Да си ја средиме ние внатре државата, пред сѐ да покажеме видливи резултати во делот на организираниот криминал и корупција. Тоа може да се направи во првите шест до 12 месеци на една компетентна влада и верувајте дека притисокот целосно ќе се префрли на Бугарија. И тоа можеме да го направиме.

ФОКУС: Меѓутоа, во тие шест до 12 месеци би требало целосно да се закочи процесот и Македонија да не премине кон отворање на поглавјата.

НИКОЛОСКИ: Процесот е закочен 23 години, ако сме искрени. Македонија потпиша Договор за стабилизација и асоцијација во 2000 година, тогаш беше пред Хрватска. Стана земја-кандидат за членство во 2005 година, заедно со Хрватска. А, денес Хрватска, не само што е членка на ЕУ, туку и е членка на Шенген зоната и го користи еврото, а Македонија сѐ уште нема почнато преговори.

Тоа е тажната вистина и прашањето е дали ние како нација по секоја цена ќе ги жртвуваме националните интереси, а нема да ја постигнеме целта или ќе се реформираме внатрешно и на тој начин ќе вршиме притисок врз Бугарија за да ја постигнеме целта.

ФОКУС: Дали доколку Македонија добие одредени гаранции од ЕУ дека историските прашања нема да бидат дел од преговорите, ВМРО-ДПМНЕ би била подготвена да поддржи уставни измени?

НИКОЛОСКИ: Прво, историските прашања се дел од преговорите. Затоа што владата на СДСМ и ДУИ прифати преговарачка рамка, која постои само за Македонија. А, тоа е дека, покрај Копенхашките критериуми, внесени се и билатералните проблеми. Таму јасно пишува дека, покрај овие критериуми, оценката за напредокот зависи и од работата на Комисијата за историја. Не се само уставните измени. Паралелно со уставните измени, не смееме да ја заборавиме таканаречената Еднострана декларација на Бугарија, која е депонирана во Брисел, во која го негираат македонскиот јазик.

ТРЕТАТА ГЕНЕРАЦИЈА ВО ВМРО

ФОКУС: Споменавте дека билатералните проблеми се дел од преговарачката рамка на Македонија. Дали кога ќе дојдете на власт ќе барате менување на преговарачката рамка?

НИКОЛОСКИ: Јас мислам дека доколку ги решиме внатрешните проблеми и овие три столба што го споменав, тогаш многу полесно ќе можеме да разговараме на порамноправни односи со ЕУ. Доколку не ги решиме проблемите, ќе бидеме предмет на уцени и нема да напредуваме. Никој во Македонија не гарантира дека нема да има следно бугарско вето.

Напротив, Бојко Борисов преговара за формирање влада и еден од условите што ги спомнува е да се заостри политиката кон Македонија. А, Румен Радев секој ден кажува дека уставните измени се најмалата работа што Македонија треба да ја направи и потоа ќе стигнат барања на Бугарија.

ФОКУС: Што е поразлично денес во пратеничкиот состав на ВМРО-ДПМНЕ од пратеничкиот состав во 2018 година, кога се изгласаа уставните измени за промена на името?

НИКОЛОСКИ: Има голема разлика. Сега имаме 44 пратеници, кои крајно чесно и посветено ја работат работата. Тогаш, за жал, имаше пратеници што беа под уцена поради одредени претходни случувања. Таа и оваа пратеничка група не може да се споредат.

И, да бидам директен, ова е прва пратеничка група што е составена од ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ, предводено од Христијан Мицкоски. Претходната пратеничка група беше составена од претходното раководство. Ние, кога бевме избрани за раководство, таа пратеничка група веќе постоеше. Изборите беа декември 2016, претседателот Мицкоски беше избран декември 2017. Јас бев избран јануари 2018. Веќе наследивме пратеничка група.

А, сегашната пратеничка група е создавана врз основа на вредностите и принципите кои ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ ги дели. Како што ние интерно зборуваме, ова е третата генерација во ВМРО-ДПМНЕ.

ФОКУС: Има ли до вас стигнато информации дека поранешниот премиер Груевски има контакти со власта во врска со уставните измени?

НИКОЛОСКИ: Па, не. Единствено што јас искоментирав, а премиерот не одговори: тој рече дека претходниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ имал различни ставови од актуелниот, па јас го прашав како Ковачевски знае, затоа што не сме виделе ништо во јавност? Така што, мислам дека прашањето е повеќе за него.

ФОКУС: Се ближиме до редовните парламентарни избори. Со кого ВМРО-ДПМНЕ би можела да коалицира?

НИКОЛОСКИ: Пред избори, ја имаме стандардната коалиција „За обнова на Македонија“. Ќе сакаме да ја прошириме. Имаме претставници на сите делови од народи што живеат во Македонија, сакаме добро да го одразиме населението.

ФОКУС: А во однос на постизборна коалиција?

НИКОЛОСКИ: По избори, јас сум убеден дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има 61 пратеник. Такви се сите анкети. Дали потоа ќе поканиме или нема да поканиме партнер, ќе зависи дали тие партнери ќе ги следат нашите програмски принципи. Но, убеден сум дека ќе освоиме доволно пратеници самостојно да формираме влада.

КОАЛИЦИЈА СО ДУИ НИ ПОД РАЗНО

ФОКУС: Не доаѓа предвид коалицирање со албански партнер пред изборите?

НИКОЛОСКИ: Пред избори, мислам дека не е реално и е спротивно на реалноста во Македонија и на балансот што постои. По избори, знам со кого нема да коалицираме, а тоа е ДУИ. Со сите останати, зависи дали ќе бидат прифатени нашите програмски определби.

ФОКУС: Во моментов во ДУИ има внатрепартиски превирања, „огнените“ веќе се одвоија како фракција. Како гледате на таа ситуација?

НИКОЛОСКИ: Јас имам принцип да не коментирам состојби во други политички партии, ниту да се мешам. Затоа што ниту мислам дека ВМРО-ДПМНЕ треба да се занимава со

ДУИ и СДСМ. Ниту СДСМ и ДУИ треба да се занимаваат со ВМРО-ДПМНЕ. Иако, голем мерак имаат за таа работа. Треба едно да знаат и СДСМ и ДУИ: кога мечката игра во дворот на комшијата, ќе заигра и кај вас. Особено ако мечката е ваша и вие сте ја пуштиле во дворот на комшијата.

Што сакам да кажам? Ова се многу тешки години што ВМРО-ДПМНЕ ги поминува во опозиција, пред сѐ поради обидите за мешање на СДСМ и ДУИ во ВМРО-ДПМНЕ. Од политички прогон: имаме преку 3.000 луѓе што се предистрага, истрага, со обвинение или на Суд до обиди за внатрешни влијанија. Тоа ВМРО-ДПМНЕ го надмина полесно од кој било што го очекуваше.

Се обидуваа да ни прават паралелни конгреси. Но, сега тоа се случува во СДСМ и ДУИ без влијание од ВМРО-ДПМНЕ и гледате дека е многу поболно. На СДСМ му се одвојува целосно нова политичка партија. Тоа е политичката партија што ќе биде формирана од Максим Димитриевски и поранешните структури околу Бранко Црвенковски. А, во ДУИ се случува класичен расцеп на пола. Силата на едното и другото крило е пола – пола.

ФОКУС: Рековте не доаѓа предвид коалиција со ДУИ. Дали доаѓа предвид коалиција со „огнените“?

НИКОЛОСКИ: Па, и тие се дел од ДУИ. Ние би сакале да соработуваме со албанската опозиција. Доколку бидат прифатени програмските определби што ќе ги поставиме. Тоа не е ситна работа. Во Македонија многу често се игра со тие термини. Но, ние ќе инсистираме на одредени работи.

ФОКУС: Дали во моментов имате редовна комуникација со албанската опозиција?

НИКОЛОСКИ: Редовна можеби е претежок збор, но имаме комуникација. Имаме и соработка, во Тетово го поддржавме Билал Касами.

ЛЕВИЦА Е МИНОРНА ПАРТИЈА

ФОКУС: Стравувате ли дека на изборите може да изгубите дел од гласачите на сметка на Левица?

НИКОЛОСКИ: Не, тие се левоориентирана политичка партија, а ВМРО-ДПМНЕ е десноориентирана. Тие повеќе се борат за кампусот на гласови со СДСМ отколку со нас. ВМРО-ДПМНЕ оди од центар кон десно. Оваа политичка партија се вика Левица.

ФОКУС: Се вика, меѓутоа ставовите ѝ одат и кон десно.

НИКОЛОСКИ: Добро, секој има свои ставови, но јас тука не гледам конкуренција за ВМРО-ДПМНЕ. Ја гледам во СДСМ. Но, поради катастрофалните политики што ги води пред сѐ, во односите со Бугарија и во однос на криминалот и корупцијата, како и во немањето сериозни проекти, нас нѐ носат во една мошне комотна позиција пред следните избори.

ФОКУС: Кое е вашето мислење на Левица како политичка партија и нивните ставови?

НИКОЛОСКИ: Се работи за мала политичка партија со два пратеника. Веројатно, кога имате два пратеника, функционирате на еден начин. Левица е минорна политичка партија и не мислам дека треба да трошиме време и енергија.

ФОКУС: Рековте дека самото нејзино име е Левица, но добар дел од нејзините ставови се поекстремно десничарски и од десничарските партии.

НИКОЛОСКИ: За некои работи веројатно да. Ќе си видат на избори како на тоа ќе реагираат луѓето што им се поддржувачи: дали луѓе што се левоориентирани ќе прифатат екстремно десни ставови.

Многу политички партии се пробале, но генерално во Македонија има два столба на политичката сцена плус албанските политички партии. И мислам дека нешто слично и сега ќе се случи. Имало обиди и во минатото за други политички партии, но не дале резултат. Но, политиката е за сериозни луѓе.

ФОКУС: Но, дали би било добро за демократијата да се појави и некоја трета партија што би им парирала на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ?

НИКОЛОСКИ: Во Македонија, трета опција се албанските партии. Смислата на третата опција е да можат од нив да зависи формирање влада или да придонесуваат владата да биде постабилна. Толкав е и просторот на политичката сцена.

ФОКУС: Ако треба да направите споредба: кој е полош градоначалник на Скопје: Шилегов или Арсовска?

НИКОЛОСКИ: Имам една предност, јас не сум жител на Скопје така што не можам да споредам. Голем дел од времето го поминувам во Скопје и некогаш ние што не сме од Скопје пообјективно ги гледаме работите. Јас Скопје го сакам како град, како луѓе, како душа, но мислам дека не му се погоди градоначалник. Не мислам тука само на Арсовска и Шилегов, туку и на претходниците. Коце Трајановски имаше еден добар мандат. Пред и потоа не гледам посветен градоначалник.

Јас имам логични прашања на кои не можам да добијам одговор: зошто Скопје нема трамвај, зошто ниту еден градоначалник не приснал кај Владата аеродромот да се поврзе со центарот на градот со железничка линија. Зошто никој не ја искористил железничката инфраструктура, која постои за да направи брз железнички сообраќај меѓу периферијата и центарот?

ФОКУС: Кога одбиравте кандидат за Скопје за минатите избори, баравте тој да ги има овие работи во програмата?

НИКОЛОСКИ: Па, ги има во програмата „За модерно Скопје“, ама, за жал, Данела Арсовска не ја реализира. Не секогаш проектите се врзани со пари, некогаш и се со посветеност, организираност, која, за жал, не ја гледам.

ФОКУС: Дали кога избиравте кандидат за Скопје, влијание можеби имаше крило во партијата кое сѐ уште комуницира со поранешниот лидер Груевски?

НИКОЛОСКИ: Не. Тоа беше наша одлука, затоа што Арсовска во тој момент водеше на сите анкети, беше претставник на бизнис-заедницата и ја прифати програмата „За модерно Скопје“. Знам дека омилена пропаганда на СДСМ е да зборува за претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, но тоа нема никакво влијание врз партијата од завршувањето на конгресот во Валандово. Одлуките ги носиме ние. Се разбира, со тоа ја носиме и одговорноста.

ФОКУС: Симптоматично беше тоа што токму Арсовска покрена иницијатива да го враќа споменикот на Ќосето.

НИКОЛОСКИ: Мислам дека откако ја прекинавме соработката, таму не гледам концепт за работа. Да бидам искрен, не го гледав ни претходно, но се трудевме да помогнеме. Сега не можам да видам што е планот за Скопје 2024 година.

Инаку, за седење и носење такви ад хок одлуки што ќе бидат три дена интересни во медиумите е последната работа што градоначалник треба да ја прави. Мислам дека на Скопје му треба трамвај, а не споменици.

ФОКУС: Кој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ за зголемувањето на платите на функционерите од 78 отсто?

НИКОЛОСКИ: Ние сметаме дека во време на криза, тоа е последната работа што треба да се прави. Мислиме дека одлуката на Уставен суд е таа што е и начинот на кој може да се реши проблемот е да се коригираат коефициентите за сложеност на работа. Со корекција може да се стигне со плата што е на сегашното ниво. Кажавме дека очекуваме владата да го поднесе тој закон и ние ќе го гласаме.

СПОРЕН УВОЗ НА СТРАНСКИ РАБОТНИЦИ

ФОКУС: Како ќе се борите против измените на закони кои се во собраниска процедура, а се однесуваат на изградба на коридорите 8 и 10-д?

НИКОЛОСКИ: Во Собрание можеме да го правиме тоа што го правиме, да ги презентираме лошите страни. Еве на пример, предлог-законот за градење со кои целосно се поништува постојниот Законот за градење и кој вели дека Законот за градење не важи за „Бехтел и Енка“. Власта, особено Артан Груби се магионичари за уништување добри проекти преку потенцијалните злоупотреби што ги има во нив.

Добра идеја е да се градат автопатишта, Македонија конечно да ја реши инфраструктура. Но, на овој начин ако го терате процесот е најдобар начин да го уништите истиот. Водењето на една нетранспарентна постапка. Да не заборавиме дека изведувачот не беше избран на тендер. Поради тоа, трите најголеми европски банки одбија да го финансираат проектот и да дадат евтини кредити. Затоа сега се финансира со обврзници што достигнуваат и до седум отсто камата, а европските имаат еден до два отсто. Пет отсто разлика во камата, на милијарда и триста илјади евра е околу 70 милиони годишно. Ако тоа го помножите со 5 години, тоа се 350 милиони евра кои Македонија ќе ги изгуби.

Вториот проблем е што договор што се потпиша со изведувачот се крие од јавноста. Се правда со некаква класифицираност, иако согласно законите, степен на државна тајна не може да се стави на комерцијални договори.

Трето е самата содржина на договорот.

ФОКУС: Освен обврската за воведување 60-часовна работна недела и плаќање пенали доколку тоа не се направи, дали во договорот има и други спорни елементи?

НИКОЛОСКИ: За вашиот медиум ексклузивно ќе откријам уште еден сегмент. Се работи за план 11 од договорот што се однесува за бројот на работници и план за работа. Во него е дефинирано колку работници ќе работат на автопатот и колку од нив ќе бидат од странство, а колку домашни.

Согласно договорот, од вкупниот број работници, 30 отсто ќе бидат домашни, а 70 отсто странци. Што значи дека 70 отсто од парите што македонските граѓаните ќе ги дадат за изградба на автопатот ќе одат надвор од државата. Наместо да се вработуваат домашни луѓе, Македонија ќе вработува странци.

А премиерот лаже дека најмалку 51 процент ќе бидат домашни работници. Пред мене ги имам точните податоци по година и по класификација на работници, каде што јасно може да се види дека 70 отсто ќе бидат странци.

Уште поголем проблем е што за сега некој да дојде да работи во Македонија, треба да добие работна дозвола и дозвола за престој. Само за работниците на автопатиштата на „Бехтел и Енка“ ова нема да важи, односно тие ќе можат да работат првиот ден откако ќе стапнат на македонски тло, додека ги чекаат соодветните работни дозволи и виза.

А, тоа значи дека можеби и нема да ги добијат. Затоа што можно е да влезе некој што има нечесни работи кон државата од безбедносен аспект, на пример. Истиот да се инфилтрира во државата, да работа шест месеци и по шест месеци, барањето за работна дозвола да му биде одбиено. А, во тие шест месеци можеме само да сонуваме какви проблеми тоа лице ќе направи. Ова е уште едно кршење на законите.

ФОКУС: Но, власта ја убедува јавноста дека овој конзорциум е сериозен и дека реализирала крупни проекти во многу земји.

НИКОЛОСКИ: Уште една информација. Косово е попаметно од Македонија. И таму се градеше автопат од „Бехтел и Енка“. И таму е иста сумата на пенали од 53 милиони евра што Косово требало да им ја исплати, или трошоци за работа како што ги нарекува нашата влада. И во Македонија и во Косово, пеналите се 53 милиони евра.

Специјалното обвинителство на Косово, во февруари лани поднело обвинение против поранешниот министер за транспорт и инфраструктура затоа што прифатил ваков договор. Еве, за жал, во владеење на правото паднавме и под Косово.

ПОТРЕБНА Е КОМУНИКАЦИЈА ВМРО – СДСМ

ФОКУС: Има ли комуникација на релација раководство на ВМРО-ДПМНЕ со поранешниот премиер Заев?

НИКОЛОСКИ: Ние го демантиравме тоа. Имаше бројни шпекулации дека имало средби. Такво нешто немало. Она што јас мислам дека треба да го има меѓу двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е нормална комуникација. Јас не сум кратко во политиката и можам да ви кажам дека сегашните односи меѓу двете партии се најлоши откако јас се занимавам со политика. Што мислам дека не е здраво за македонското општество.

Главните партии мора да комуницираат меѓу себе на основните прашања. Нема секогаш да има договор, но затоа и претставуваме различни сегменти на општеството. Но, мора да разговараме.

ПРЕТСЕДАТЕЛ-АЛАПАЧА

ФОКУС: Какво е вашето мислење за актуелниот претседател Стево Пендаровски?

НИКОЛОСКИ: Се работи за најлошиот претседател што Македонија го имала. И во смисла на реализација на политики и во смисла на човечки карактер. За реализиција на политики не можам ништо да се сетам. Овде се работи за човек кому сѐ уште не му е јасно дека веќе не е политички аналитичар, туку дека е носител на највисоката позиција во државата.

Точно е дека големи овластувања, но никој не му забранува да ги собере економските ресори во Владата и да направат турнеја низ Европа да убедуваат инвеститори. Да не зборувам за политичките прашања, каде што минатата година девет дена пред да се усвои францускиот предлог велеше дека е катастрофа, потоа го прифати.

Во делот на личност, кога доаѓате на ваква позиција, мора да сте изградена личност. Се работи за најслабата личност што дошла на оваа позиција. Се работи за една класична алапача, озборувач, кој времето го троши во озборување од политички пријатели до политички опоненти, најчесто со ваши колеги новинари на седенки на кои раскажува прикаски за други личности и најчесто му се неточни. Агенцијата за разузнавање ја претвори во Агенција за собирање трачеви и афери и на тој начин ја уништува.

Поврзани новости